Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Италија: Матарела остана претседател!

livephotosport/Depositphotos.com

Италија: Матарела остана претседател!

Италија во текот на целата недела избираше нов претседател на државата, помеѓу низа кандидати меѓу кои имаше поранешни и сегашни министри, како и бивши премиери, но на крајот го избраа Серџо Матарела (80) кој и досега, седум години беше на функцијата. Сето тоа изведено во една крајно необична, типично италијанска, политичка разврска.

Таквата разврска е неочекувана, затоа што Матарела, поранешен судија на Уставниот суд од Сицилија, уште пред да почне изборниот процес објави дека не сака втор мандат и дека заминува во пензија.

Велат дека тој, практично, се има иселено од претседателската канцеларија, оставајќи пат за оној што требаше да го изберат 1009 електори – или сите парламентарци, плус високи регионални функционери – во цела низа изборни кругови во Парламентот во Рим. Се додека не се обезбеди просто мнозинство – половината електори, плус еден глас, или 505 гласови, што се случи во седмиот круг од гласањето.

Компромис по шестиот круг

Кога се мислеше дека ќе се гласа до „изнемоштеност“, затоа што партиите застапени во Парламентот не можеа и не сакаа да се спогодат околу еден компромисен кандидат, на барање на партиите од владејачкиот коалициски блок и над се на барање на актуелниот премиер Марио Драги, во шестиот круг се појави „пензионираниот“ Матарела. Тој веднаш обезбеди поддршка од 400 гласови.

Тоа беше знак – конечно – да се направи компромисен договор за кандидатот за шеф на државата. Во многучасовни преговори и пазарење, компромис беше обезбеден – за Матарела. Не му дозволија да си оди во пензија, туку (буквално) го имаат убедено – и во следните седум години да биде претседател на Италија.

Пред изборниот процес и да почне, меѓутоа, како главни кандидати за претседателската функција беа споменувани – актуелниот и поранешниот премиер – Марио Драги и Силвио Берлускони (85).

Берлускони иако во силно поодминати години и со нарушено здравје, најави дека ќе се кандидира како лидер на десно – центристичката партија Форца Италија, сакајќи својата контродикторна политичка кариера да ја заврши како шеф на државата.

Без дуелот Драги – Берлускони

Драги, пак, кој остана запаметен и во Италија и во Европа како „супер Марио“ откако успешно ја водеше Европската централна банка (на ЕУ) во време на финансиската криза и спасувањето на еврото, не криеше дека сака да биде претседател на државата.

Зад Берлускони веднаш застана ултра – десничарската партија Норд на Матео Салвини, но стана јасно дека доколку Драги биде избран за претседател, најверојатно, ќе се врати политичката криза во земјата. И тоа во време кога Италија, со Драги како премиер, најпосле, успеа да се стабилизира – политички и економски, а поуспешно се носеше со обновената пандемија.

Беше јасно дека штотуку избраниот претседател ќе мора веднаш да бара и да најде нов премиер,  за да коалицијата продолжи да функционира, до редовните избори за околу две години, или пак да се оди (одново) на предвремени избори.

Изгледаше дека Марио Драги останува на намерата да стане претседател, но тогаш Берлускони ја повлече кандидатурата и порача дека Италија треба да остане да функционира со досегашната влада и со сегашниот премиер – во интерес на државата.

Така и се дојде до разврската – Серџо Матарела остана (без тој да сака) претседател, а Драги продолжува како премиер.

„Убав ден за Италија“

Сите сега се согласуваат дека – кога беше најпотребно – беше направен компромис во интерес на Италија.

Министрите ја поздравија одлуката на Матарела, прикажувајќи ја како вистински државничка и со „чувство на одговорност и приврженост“ за земјата. Задоволни се и лидерите на сите политички партии во Парламентот кои се согласуваат дека не е време за избори и дека треба да се чека редовниот изборен термин. Лидерот на Демократската партија на левиот центар, Енрико Лета одлуката на Матарела, ја означи како – „убав ден за Италија и значен за италијанската политика“.

Претседателот во Италија има, главно, протоколарна функција, но има и важна улога во случај на политичка криза што е честа работа во оваа земја која политички е мошне расцепкана. Претседателот, на пример, може да го распушти Парламентот, да именува премиер, а може и да го одбие мандатот на некоја коалиција, ако оцени дека е премногу кревка за стабилноста на земјата.

Токму Матарела има одиграно голема улога, во изминатите седум години, од 2015 гога беше прв пат избран, во политичката стабилизација и во текот на неколкуте владини кризи. Тој и го „откри“ и го понуди Марио Драги за премиер, како натпартиска личност, но како финансиски експерт, по соборувањето на Џузепе Конте, што се покажа како мошне успешен потег за Италија.

(Р.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе