Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Италија се сврте кон Мусолини

Италија се сврте кон Мусолини

На стогодишнината од насилното доаѓање на власт на фашистите и на нивниот капо – Бенито Мусолини – италијанските гласачи, на парламентарни избори, најмногу гласови и дадоа на профашистичката партија Италијански браќа (името е земено од рефрен на италијанската химна) и на нејзиниот лидер Џорџа Мелони.

За прв пат по крајот на Втората светска војна, која Италија и нејзините фашисти ја загубија, оставајќи ја земјата во хаос, Италијанците се свртеа кон крајната, профашистичка десница која сега ќе формира коалициона влада од три крајно – десничарски партии, но за прв пат во својата политичка историја, во оваа мачоистичка европска држава, мандат да формира влада гласачите и дадоа на една жена.

Како сега стојат работите, „Браќата“ и Мелони ќе обезбедат 26 отсто од гласовите и заедно со партијата Лига на десничарскиот популист Матео Салвини и Форца Италија, на „вечниот“ Силвио Берлускони (85) може да обезбедат мнозинство и во Долниот дом и во италијанскиот Сенат.

Фијаско на Салвини

Лево – центристичките демократи, се сепак, втори со безмалку 20 отсто од гласовите, додека на трето место (по малку изненадувачки) е Движењето Пет Ѕвезди) популистичка и крајно левичарска партија, која на минатите избори освои најмногу гласови, но внатрешните идеолошки пресметки и делби, предизвикаа тоа бемалку да се распадне.

По заминувањето на доскорешниот министер за надворешни работи Луиџи Де Мајо кој како лидер на Пет Ѕвезди не успеа да го запре падот на партијата, со таа работа се зафати лево определениот професор по економија и екс премиер (како непартиски политичар) Џузепе Конте. Тој не само што ги стабилизира партиските редови, туку успеа да се избори за место пред двете десничарски партии кои очекуваат да бидат во власта.

Сепак, партијата на Салвини има доживеано фијаско на овие избори, затоа што од најпопуларна партија – во еден момент пред две години, со поддршка од 33 отсто – сега падна на само девет и остана дури на четвртото место. Форца на Берлускони, која низа години беше владеачка партија, а овој милијардер и политичар нејзин лидер и премиер, сега е на петото место.

Мелони бега од фашизмот?

Обете партии сега чекаат на Мелони да и обезбедат мнозинство во Парламентот, поголемо од она на левичарскиот блок кој (и овој пат) не можеше да се договори за создавање коалиција и на тој начин да и се спротивстави на профашистичката десница. И десничарската тројка ќе успее во тоа, обезбедувајќи мнозинство во двата дома од околу 42 – 43 отсто, наспроти левиот блок кој најмногу може да смета на 35 отсто.

Италија и на овие избори на кои има рекордно мала излезност (62 отсто) покажа дека е длабоко идеолошки поделена и партиски до крај неопределена. Ако на минатите избори најмногу гласови освои дотогаш (практично) непостоечката партија Пет Ѕвезди, на овие победија неофашистите на Мелони кои претходно имаа поддршка од само четири отсто.

Во нејзиниот случај велат дека таа има заслуга за ваквиот подем.

Таа го измени имиџот на партијата, уверувајќи дека фашизмот и Мусолини се историја и дека без разлика што и натаму слоганот на партијата е оној на Мусолини – Господ, татковината и семејството – Мелони уверува дека ќе биде премиер на сите Италијанци. Им ветува дека ќе обезбеди раст на економијата (со кратење на даноците меѓу другото) и ќе ги заштити границите од напливот на имигранти, со поморска блокада на Либија, преку која доаѓаат најголемиот број Мелон бегалци и имигранти.

Страв на демократска Италија

Таа се декларира дека не е евроскептик и дека Италија останува посветен член на ЕУ.

Земјата е еден од основачите на Унијата, но на Италија и на Мелони, која толку многу ветува, сега и се потребни и ЕУ и милијардите што треба да ги прими (200 милијарди евра за опоравок на земјата од корона кризата) без кои брзо ќе крахира, како и Пет Ѕвезди пред неа.

Освен тоа, идната премиерка ветува сојузничка лојалност кон ЕУ/НАТО за војната во Украина и за руската агресија кон оваа земја и за руската агресивна политика кон ЕУ и Европа.

Јавноста, онаа која е против десничарењето во Италија кое никогаш ништо добро и нема донесено на земјата, не и веруваат на Мелони. Најмногу гласност, на еден ден пред гласањето во јавноста доби паролата на еден возрасен Италијанец – „Роден во време на Мусолони, не сакам да умрам во време на Мелони“.

Резерираност во Брисел и ЕУ

Но, така не мислат другите Италијанци, посебно оние јужно од Рим и Неапол кои се имаат свртено кон профашистичката десница поради економската криза и драстичниот пад на стандардот на „малите луѓе“. Тие се и главнината на гласачите на Италијански браќа, од кои најголемиот дел се луѓе од малиот бизнис што не може да се опорави по 2,5 годишната корона пандемија.

Сепак, сите, повеќе или помалку, не им веруваат или се скептични кон изборните победници. Велат, најмногу поради Салвини и Берлускони, поради нивната превртливост и многу често празните ветувања што не ги исполнуваат.

Од нив стравува и Европа, затоа што ако Мелони ветува дека Италија останува на тврдата линија кон путинова Русија, Салвини е близок со рускиот претседател и постои сомневање дека има примено руски пари за својата партија.

Берлускони, пак, е дамнешно другарче со Путин и дава изјави дека рускиот претседател бил „турнат во војна“ од своите соработници, а дека тој војната не ја сакал!? Џорџа Мелони, меѓутоа, уверува дека како и да е, таа ќе ја води владата и ќе ја насочува владината политика.

(Р.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе