Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Затвор од 34 години за пораки на Твитер

Затвор од 34 години за пораки на Твитер

Една млада Саудијка која е на докторантски студии на Универзитетот во Лидс, во Велика Британија, кога се вратила дома, во Саудиска Арабија, на одмор, била уапсена и осудена на 34 години затвор.

Била прогласена за виновна и вака сурово казнета затоа што имала налог на Твитер. Но, и затоа што преку оваа социјална мрежа ги следела саудиските дисиденти во странство и повремено ги ретвитала нивните пораки и ставови со барања за реформи.

Десет пати зголемување на казната

Салма ал Шехаб (34), омажена и мајка на две деца, првично била осудена на три години, затоа што направила „злосторство“ – користејќи интернет страница за „предизвикување јавни немири и за дестабилизација на граѓанската и државната безбедност“.

Но, обвинителите не биле задоволни од казната, па второстепен суд и изрекол десет пати повисока казна од 34 години, затоа што обвинителот открил, наводно, други и уште потешки „злосторства“.

На несреќната Шехаб дополнително и е додадено дека „ги помагала оние кои сакаат да ја дестабилизираат “ Саудиска Арабија, на тој начин што ги следела налозите на дисидентите и активистите – Саудијци – кои бараат демократски реформи во оваа конзервативна арапска монархија и ги подржувала нивните барања.

Освен тоа, второстепениот суд определил младата Шехаб, по издржувањето на затворската казна, да не може уште 34 години да ја напушти земјата и да патува некаде во странство.

Без реакција на властите

Се верува дека судот и покрај суровата казна, ќе и овозможи да се жали.

Таа навистина ги ретвитала пораките во кои имало и барање за ослободување на политичките затвореници од саудиските затвори, но не е обележана како политичка активистка, ниту во Саудиска Арабија, од каде кога би била, не би можела да замине на докторантски студии, а ниту во Британија.

За неа се знае само дека била медицински предавач, на докторски студии во Лидс, но и на Универзитетот „Принцеза Нур бин Абдулрахман“, како и семејна млада жена посветена на своето семејство.

Британските медиуми кои посветуваат големо внимание на случајот, пишуваат дека досега никој од властите во Ријад се нема огласено за ваквата пресуда.

Колку да не изненадува ваква казна за земја каква што е Саудиска Арабија, сепак, таа не му оди во прилог на контроверзниот принц Мохамед бин Салман. Принцот кој, практично, управува со кралството, настојува себе си да се прикаже како голем реформатор – посебно кога се во прашање правата на жените.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе