Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Невакцинираните ја заразуваат Источна Европа

Ale_Mi/Depositphotos.com

Невакцинираните ја заразуваат Источна Европа

Источна Европа и повеќето од земјите на некогашниот советски комунистички блок, оваа есен се соочуваат со силно влошување на ситуацијата со коронавирусот – со зголемен број на новозаразените и со висока смртност.

Светските агенции јавуваат дека Источна Европа учествува со само 4 отсто од светската популација, но дури со 20 отсто во (официјално) регистрираните новозаразени лица – на глобално ниво. Три од пет земји што сега бележат највисока смртност – се од Истокот на Европа. Тоа се, Русија, пред сите, па Украина и Романија, а на оваа тројка треба да им се додадат уште и Бугарија и Србија, како и Словачка.

Романија – нема место и во мртовечниците

Во Романија, велат, дека не само што јавното здравство е во колапс и веќе нема слободни кревети по болниците, па романски пациенти се префрлаат во некои од соседните земји (во ЕУ), туку дека и мртовечниците се преполни. Немало место каде да се чуваат починатите – до погребувањето.

Русија не јавува дека има проблеми со сместувањето на заразените и заболените пациенти, но во оваа земја се регистрирани над 40 отсто од сите новозаразени во Источна Европа. Според руски сознанија – секои пет минути, во оваа земја има по 120 новозаразени, а четири денови по ред, руската официјална статистика покажува смртност од по над илјада лица, на секои 24 часови.

Москва воведе целосен локдаун, во траење од една недела во обид да се смири пандемијата, но смртноста и натаму е висока. Има случаи кога заболени кои (веројатно) предоцна бараат лекарска помош, умираат во болничките кревети, само после неколку часови ставени на кислород, или на респиратори.

Проблемот во оваа земја, е недовербата во јавното здравје – во државните болници – што влече корени уште од времето на комунизмот, а тоа е проблем и на целиот некогашен комунистички Исток – при што, освен во Русија, тоа е најмногу изразено во Украина, во Романија и Бугарија.

Бугарија – лекари против вакцинација

На Истокот на континентот – едно од три лица не верува во јавното здравје и во јавниот здравствен систем, во сопствената држава, додека тој процент во ЕУ, изнесува 18 отсто.

Вториот голем проблем – за кој сите епидемиолози и здравствени експерти се согласуваат – е силниот отпор на луѓето да се вакцинираат, иако сега во сите овие земји има вишок од вакцини. Во Украина, на пример, каде сегашниот, четврти бран на пандемијата зема големи жртви, вакцинираноста изнесува само 19 отсто. Во Русија таа изнесува 36 отсто од популацијата и тоа со една доза.

Словачка, пак, едвај 50 отсто од возрасните, па оваа средноевропска земја сега се соочува со проблеми какви немаше во првата половина од оваа година – по околу четири илјади нови заболени, како што имаше на почетокот од годинава.

Бугарија, меѓутоа, е во потешка ситуација, затоа што во оваа земја, отпорот кон вакцинацијата кај луѓето го создаваат лекарите во јавните амбуланти, што е единствен случај меѓу државите – членки на ЕУ.

Црни биланси

Софиски медиуми откриваат дека се откриени лекари за општа пракса кои ги одвраќаат луѓето од разни возрасти да се вакцинираат, убедувајќи ги дека – „ова со вирусот не е ништо, дека работата се предимензионира и дека брзо ќе помине“.

Се тврди дека антиваксерите кои се мошне гласни и радикални, се едвај десет отсто во тамошната јавност, но користејќи ги интернетот и ширењето лажни вести, како и ваквите несовесни лекари, имаат создадена атмосфера во која повеќе од 50 отсто од населението не сака да прими вакцина против ковид.

Не чуди, тогаш, што Бугарија на 24 часови има по над шест илјади новозаразени и по 245 починати. Над 7500 пациенти се во болниците, од кои над 600 во одделенијата за интензивна нега. Од сите нив – дури над 90 отсто се невакцинирани!

Невакцинираните, заедно со антиваксерските движења и инертноста на властите (во случајот на Бугарија и Србија пред изборите, но и во Русија и Украина) – придонесуваат сите тие да се директни виновници за силно раширеното заразување во Источна Европа.

Србија – ситуација без контрола

Во Софија и во Белград, на пример, постојано има некакви протести против мерките на епидемиолозите – било да е употребата на здравствени пропусници – како доказ за вакцинираност – било за некоја друга мерка што би значела ограничување на сегашната состојба, која во главниот град на Србија, изгледа како земјата да не се соочува со можеби најсериозните здравствени кризи во поново време.

Здравствени експерти постојано предупредуваат на тоа дека „ситуацијата излегува од контрола“ и дека „поприма катастрофални размери“. Се наведува дека секој ден има по шест до седум илјади новозаразени. Официјално, смртноста изнесува 63 лица на 24 часови. Има вишок на смртност во земјата од 18.800 во првите девет месеци. Дури и дете од седум години е на респиратор, а едно 16 годишно момче е меѓу починатите во текот на изминатата недела.

Сепак, отпорот кон било каква нова и поенергична мерка продолжува да е мошне силен. Антиваксерите (или оние кои манипулираат со нив), една ноќ ги имаат нападнато куќите во кои живеат епидемиолозите кои се членови на тамошниот кризен штаб – навредувајќи ги и споредувајќи ги со нацистичкиот лекар и злосторник Јозеф Менгеле.

Политика во отпорот кон вакцините

Медиумите во Белград како гнасно, го опишуваат ваквото скандирање пред куќата на угледен српски епидемиолог, инаку Евреин, па затоа некои сметаат дека во целиот овој наводно “спонтан револт“ – има многу политика.

Така беше и во Скопје, кога опозициските, десничарски вмровци организираа протест против воведувањето „пас – карти“ за влез во затворени јавни простори, само за оние кои се вакцинирани.

Вмровците кои и натаму се против вакцинацијата, кои се најбројни меѓу оние кои немаат примено ниту една вакцина и кои цело време ги омаловажуваат сите владини мерки. Меѓутоа, сега се и меѓу оние кои најчесто се заразуваат – како невакцинирани. Посебно, ги има меѓу оние кои ја рашируваат заразата низ државата. Веројатно верувајќи дека партиската лојалност – е поефикасна заштита од било која вакцина!?

А, дека во сето ова има само политика, но и коцкање со народното здравје и со здравјето на граѓаните, покажува тоа што токму оваа десничарска дружина беше најгласна во осудата што доцнат вакцините за Македонија. Преку својата Комора, брзо потрчаа во Србија – таму да се вакцинираат – за да потоа се има „аргумент“ за дисквалификација на домашната влада.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе