Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Германскиот бизнис задоволен од неуспехот на Линке

Martin Heinlein, Janine Wissler 2021-02-27 Digitalparteitag Die Linke 2021 by Martin Heinlein, CC BY 2.0

Германскиот бизнис задоволен од неуспехот на Линке

Германскиот бизнис, водечките бизнис лидери, како и водечките стопански и трговски комори се задоволни од расплетот на изборите за нов Бундестаг во Германија. Задоволството потекнува, пред се, од неуспехот на партијата Линке – Левица – која нема да освои повеќе од 5 отсто од гласовите.

Тоа прави оваа левичарска партија да остане надвор од сите комбинации за создавање тројна коалиција за формирање на новата влада, како што тоа треба да се случи, откако ниту една партија – нити Социјалдемократите (СПД) која има најмногу пратеници, а ниту досега водечките демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) кои овој пат се втори, немаат доволно освоени гласови за самостојно создавање влада.

Нема лева коалиција

Претходно правените прогнози, правени во текот на летото и на почетокот од септември, навестуваа силен напредок на инаку маргиналната Линке до поддршка од дури девет отсто. Левица во еден момент беше и пред ултрадесничарите од АфД, но како сега стојат работите левичарите ќе останат како шесто рангирани, што ги прави некорисни за правење било каква коалициска комбинација.

Стравот на германскиот бизнис беше од можноста од создавање на „лева” коалиција од Социјалдемократите, Зелените и Линке, која би можело да доведе до посилни промени во досега стабилната владина економска политика и до потреси на германската економска сцена. Но, тоа, дефинитивно, нема да се случи, предвидуваат германските економски и политички експерти.

Постизборната дилема, сега, останува околу тоа кој ќе ја предводи идната германска влада – СПД со досегашниот министер за финансии Олаф Шолц, или лидерот на ЦДУ и на демохристијанскиот блок Армин Лашет, како и тоа, кој од двата „кинг – мејкери“ ќе биде дел од новата влада во Берлин. Партијата на Зелените која е трета на изборите, или Партијата на Слободните демократи (ФДП) – либералите – која традиционално важи за блиска на германскиот бизнис.

САД за соработка и со СПД

Ваквиот расплет на изборите од понеделникот со кој бизнисот е задоволен, предизвика раст на берзите во Германија, но и во Европа, уште ноќта додека се броеја гласовите.

Ваквото расположение го поттикна и американскиот претседател Џо Бајден кој во една куса изјави рече дека САД може да ја продолжат својата соработка со Германија и со „новиот предводник“ на политичката сцена, партијата СПД, оценувајќи ја како солидна партија.

Според бизнис лидерите, Зелените (иако идеолошки лево ориентирани) може да бидат добар сојузник во една идна влада на Германија, затоа што тие се на линија на досегашниот германски модел на социјална пазарна економија – кој од поодамна ја има покренато земјата напред, до сегашните височини на водечка економија во Европа/ЕУ и четврта во светот.

Даноци, климата и енергијата

Се очекува Зелените да го покренат тоа прашање во текот на преговорите за создавање коалиција. Всушност, германските експерти очекуваат дека главните прашања околу кои ќе се водат преговорите се даноците и даночната политика, потоа климата и климатските промени кои стана јасно дека влијаат врз економијата, како и обновата на енергијата.

Во текот на сите 16 години на Ангела Меркел како канцелар, германската економија остана да биде силно зависна од фосилните горива. Дури 30 отсто од енергетските потреби се врзани за користењето на јагленот, што ја прави Германија (со Полска) меѓу водечките европски загадувачи. И сето тоа, како мерка за одржување на растот на домашната индустрија и економија.

Германија има донесено и закон за целосен прекин на користењето на „валканите“ горива, но тој ќе почне да важи дури од крајот на 2036 година – период кој е подалеку од другите водечки земји во ЕУ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе