Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Окланд: најприкладен град за живеење во светот

BostoX/Depositphotos.com

Окланд: најприкладен град за живеење во светот

 

Најновото истражување на угледното британско списание „Економист“ за тоа како се живее и каква е живејачката во 140 градови низ целиот свет, посебно во условите на глобалната пандемија, во изминатите 18 месеци, покажа дека најголемиот новозеландски град Окланд, е најприкладен и најподнослив за живеење.

Истражувачкиот тим на неделникот тврди дека имаат изработено математички прецизно рангирање за секој од градовите што биле вклучени во истражувањето, кое обезбедило Окланд за прв пат да го понесе ваквото признание.

Најмногу благодарејќи на успехот – рано и на време да ја одржува контролата врз епидемијата, додека таа се ширеше низ целиот свет, како и со можноста да се укинат епидемиолошките рестрикции, кога тоа на другите не им успеваше.

Во истото вакво истражување, направено за 2019 година, Окланд беше рангиран на 12 место.

Контрола врз Ковид

Не само овој град, сместен на едно море и на Пацификот, на Северниот Остров во Нов Зеланд, туку и целата оваа пацифичка островска држава имаат забележано, како што вели екипата на „Економист“ – извонредни резултати во контролирањето на Ковид – 19.

Познато е дека во текот на пандемијата од коронавирусот се регистрирано само 26 починати лица, или по еден на секои 200 илјади население.

Во многу денови оваа година во земјата нема регистрирано ниту еден случај.

За таков ден истражувачите го посочуваат 19 март оваа година. Во време кога многу земји во светот беа во услови на цврсти рестрикции, ставени во карантин и ги броеја жртвите, тој ден во Окланд веќе беше дозволено организирање концерти. Околу 12 илјади фанови на еден австралиски бенд се собраа во една голема сала да се забавуваат. Во тој момент тие имаа, навистина, причина да веруваат дека живеат во најдобриот град во светот.

Предноста на островските држави

Освен Окланд, уште еден новозеландски град – Велингтон – е високо рангиран на оваа листа.

Главниот град на државата е ставен на четвртото место, откако во претходната година беше рангиран како 25-ти. И за Велингтон, одлучувачко било неговото справување со пандемијата и успехот што бил постигнат за да се задржи „нормалноста“ во живејачката на луѓето – неговите жители, во услови на една тешка и долготрајна епидемиолошка криза.

Така или не, листата што ја има направено „Економист“ открива дека највисоко и најдобро се рангирани островските држави, каде што изолацијата и „затворање на портите“ е можно и далеку полесно да се спроведе, отколку во густо населените и силно отворени за комуникација делови од светот, како Европа, ЕУ.

Нов Зеланд може да се означи како исклучително успешна социјална држава, една од најдобрите во светот и како здрава за живеење, но таа, сепак, се смета и како една од државите кои се сместени „на крајот од светот“.

Самоизолација на Австралија

Во таа „категорија“ би можело да се стави и една Австралија, на пример, која година и половина се наоѓа во длабока самоизолација кон надворешниот свет.

Влегувањето и излегувањето од оваа оддалечена држава – континент не е можно без посебни и ригорозни мерки, па не е чудно што и неколку австралиски градови се меѓу првите десет најприкладни за живеење. Конечно, разбирливо е и тоа што единствено отворање и слободно посетување, без ограничувања, во овој дел од светот има само меѓу Австралија и Нов Зеланд.

На листата на „Економист“ јапонскиот град Осака е втор, австралискиот Аделеид е трет. Токио е на петтото место, а западно – австралискиот Перт е шести. Мелбурн кој до пред некој ден беше одново во двонеделен карантин поради појавата на неколку заразени со индискиот сој на коронавирусот е рангиран како осми, додека Бризбејн во австралиската држава Квинсленд е поставен на високото десетто место.

Пад на Лондон и Њујорк

Паѓа во очи дека и уште еден град на остров – главниот град на Хаваи – Хонолулу – е 14 – ти, меѓу 140 градови во светот, иако доаѓа од земја, како САД, каде има најголем број починати од коронавирусот. Тоа е сосема спротивно од позицијата на еден Лондон, кој е дури на 60 место, или на Њујорк рангиран веднаш до него, како 59-ти, каде пандемијата предизвика „пустош“ додека претходната американска администрација короната ја третираше како „потежок облик на грип“.

Меѓутоа, високо се рангирани Цирих (седми) и Женева (осма), што во нивниот случај, не може да биде како во случајот со новозеландски Окланд.

Нивните високи позиции не се резултат на успешната битка со пандемијата, затоа што Швајцарија, овој пат, не се покажа како мерка за успешност и квалитет, во споредба со другите категории на живејачката, бидејќи лутајќи на почетокот од пандемијата за тоа како да се справи со неа, предизвика во вториот бран во Европа – во еден момент – да биде меѓу најтешко погодените земји.

Последни на листата се најнаселениот нигерски град Лагос и сирискиот главен град Дамаск – кој е на 140-та позиција – не поради пандемијата и тоа како се има справувано со неа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе