Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Крах на шведскиот модел против Ковид?

musiktjej/Depositphotos.com

Крах на шведскиот модел против Ковид?

Шведскиот модел за борба со пандемијата се споменува уште од пред една година, кога Кина призна дека има и многу заразени и многу мртви од еден нов вирус, непознат дотогаш, поопасен и посмртоносен од претходните, а светот за прв пат по 100 години се најде во пандемија каква немало од крајот на Првата светска војна.

Секаде во светот, некаде побрзо, а некаде побавно, епидемиолозите реагираа на ист начин – со карантин, со носење маски, со максимално зголемена хигиена на рацете и со социјално дистанцирање.

И сега се тврди дека ако Кинезите многу порано предупредеа на опасноста и на она што навистина се случува во епицентарот на заразата – милионскиот град Вухан – можеби работите немаше да се развијат до сегашното ниво – повеќе од една година од тогаш – светот се уште да води битка со коронавирусот.

Еден милион новозаразени

Шведските епидемиолози, за разлика од сите во Европа, освен на почетокот во Британија, наместо блокади, карантин и силни заштитни мерки, целата таа работа им ја оставија на волјата и свеста на луѓето, градејќи модел за т.н. колективен имунитет. Тој модел со кој треба што повеќе луѓе да се заразат за да се создаде „природна отпорност“ кон вирусот (тоа се постигнува доколку најмалку 70 отсто од луѓето станат имуни на Ковид) во почетокот функционираше.

Во време кога цела Италија беше во локдаун и броеше мртви како во средновековието, луѓето во Шведска одеа во шопинг, во кафеани и кафулиња, а децата на училиште.

Една година подоцна, Шведска ја надмина бројката од еден милион заразени. Се бори со третиот бран на пандемијата и оваа скандинавска земја, од десет милиони жители, е втора во Европа според бројот на новозаразени на 100 илјади жители. Околу 15 илјади лица во ова меѓувреме се починати.

Згора на тоа, шведското министерство за здравство признава дека земјата нема доволно залихи вакцини, за да го реализира планот – сите возрасни Швеѓани да бидат вакцинирани со една доза до средината на овој месец, па рокот се продолжува за неопределено време.

По 700 заболени на ден

Сите сега се согласуваат дека причината за оваа ситуација е противењето на Шведска да се „затвори“ како што тоа го направија сите други земји во Европа и како што тоа го прави Турција, сега, со важноста до 17 мај. Сегашната состојба со пандемијата, затоа, се објаснува како крах на „шведскиот модел“.

Во просек, во Шведска дневно има по 700 новозаболени на 100 илјади жители и со ваквите бројки земјата е втора во Европа, веднаш зад Кипар која има најмногу новозаразени, а сепак од понеделник најавува отворање на островот за странски туристи.

Ваквиот тренд трае од април. Тогаш Шведска во СЗО пријави најголем број пациенти на интензивна нега, по глава на жител, откако е започната пандемијата.

Во средината на минатиот месец земјата бележи рекордни 625 заразени лица, далеку повеќе од една Финска која тогаш имаше регистрирано 65 заразени, Данска 111, а Норвешка 132 на 100 илјади население. Швеѓаните имаа повеќе заразени и од Полска (521), од Франција (491), Холандија (430), како и од Италија, која пред едем месец имаше регистрирано 237 заразени на 100 илјади.

Препораки а не наредби

Шведска има проблем и со вакцинацијата. Првата цел беше до средината на август да биде вакцинирано целото население, но тој рок е поместен за на есен, па во тамошната јавност е покрената силна дебата (и полемика) зашто не успеа т.н. шведски модел.

Во март, во екот на вториот бран од епидемијата, Шведска полека почна да се откажува од својот „модел“ па нареди затворање на своите граници, дури и кон Норвешка.

Но, внатре во земјата се остана по старо, остана да важи релаксирано однесување, оставајќи им ги епидемиолошките мерки на свеста на луѓето, иако тогаш (за прв пат) се ПРЕПОРАЧУВАШЕ луѓето да не се собираат во преголем број.

И тогаш – не стана збор за строги правила, за чие непридржување и непочитување следат казни – онака како што направија сите другите. Носење маски во јавниот превоз се воведе дури од средината на декември, пред божикните празници.

Владата против остри мерки

Сега се зборува дека Шведска нема закон кој би и овозможил на владата да го ограничи слободното движење на луѓето во мирновременски услови, или да воведе карантин за пандемија како оваа сега.

Критичарите на владиното однесување, сепак, сметаат дека тоа не е никакво оправдување, затоа што можеше да се донесат вонредни мерки, како што направија другите во Европа/ЕУ.

Дури сега, по налетот на третиот бран, Националната агенција за јавно здравје воведе некои мерки – како што се ограничен број купувачи во продавниците, скратено работно време и рестрикции во повеќето региони – каде е наложено носење маски во јавниот превоз и во повеќето затворени простории.

Владата на премиерот Стефен Левен, меѓутоа, и натаму смета дека се уште не се неопходни поостри мерки за да се стави пандемијата под контрола.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе