Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Косово во ОН а БиХ функционална држава“

„Косово во ОН а БиХ функционална држава“

Американскиот експерт за Балканот Даниел Сервер смета дека Србија треба да прифати влез на Косово во ОН и воспоставување на формални односи на Белград со Приштина, на дипломатско ниво. Во исто време, САД, ЕУ и Британија мора да инсистираат на одржување на целовитоста на Босна и Херцеговина, подржувајќи при тоа и спроведување уставни промени.

Ова е суштината на нон – пејперот што го има направено Сервер за регионот на Западен Балкан. Во него американскиот експерт инсистира на тоа – суверенитетот и територијалниот интегритет на сите држави во овој дел од Европа – да не се доведува под никакво прашање. Почитувајќи ги притоа правата на сите малцински народи.

„Големи амбиции“ на Балканот

Суштината на овој (неформален) документ на професорот од САД е дека Западот мора да дејствува брзо поради проблемите што се почесто и се повеќе ги создава Русија, од една страна и Кина со своето финансирање на разни мега проекти, од друга.

Тоа пред се однесува за состојбата во Србија, каде овие две земји со своето однесување одново ја поткопуваат српската демократија, одново покренуваат некакви “големи амбиции“ на Белград, но и на некои други регионални играчи, ја ослабнуваат Црна Гора и работат на растурањето на босанската државност и на БиХ.

Сервер, затоа, смета дека ако се остави регионот да продолжи да се движи во насоката во која сега е тргнат, ЕУ и целиот Запад ќе бидат сведоци на нова нестабилност, проследена со етнички судири, со слаби и немоќни држави, со раст на авторитарни режими, што се вкупно ќе донесе зголемена миграција од Западен Балкан кон Европа и САД.

Цртање нови граници

Овој соло нон – пејпер доаѓа како реакција на неколкуте вака заглавени „папири“ за кои се верува дека се создадени во последно време и се однесуваат за и околу регионот.

Се мисли на т.н. „Јанша нон – пејпер“ каде се „сугерира“ бришење на БиХ како држава, според „формулата“ Милошевиќ – Туѓман, од времето на распадот на екс Југославија, потоа создавање на три етнички држави на босанската територија, па „Голема Србија“ и „Голема Хрватска“ и конечно осакатување на Црна гора и Македонија, за да се создадела „Голема Албанија“.

Веднаш по овој нон – пејпер на словенечкиот премиер, за кој Јанез Јанша вели дека не постои, се појави и нон – пејпер за Косово. Неговата суштина е дека во северно Косово би требало да се создаде автономна територија, а Српската црква да има привилегуван статус.

По сето ова се појави и Милорад Додик „газда“ на српската енклава во БиХ и српски претставник во претседателството на Босна и Херцеговина, тврдејќи дека неговата Република Српска веќе има изработено свој нон – пејпер,  според кој БиХ треба да се растури и да се расформира, таква каква што е сега – по мирен пат.

Меѓусебно признавање

За Сервер, токму Косово и незатвореното косовско прашање, заедно и БиХ се кризните точки кои го оптоваруваат целиот регион. Тој смета дека осумгодишните преговори меѓу Косово и Србија, под капата на ЕУ не бележат напредок, затоа што постои разногласие меѓу Унијата и САД.

Сервер е на мислење дека можеби затоа во дадениов момент не би требало да се брза со решение, особено што српскиот претседател уште минатата година порача дека тој нема да признае независно Косово додека е на таа функција. А претседателските избори се во април 2022 година.

Американскиот експерт смета дека би било залудно да се инсистира на решение, кое според него мора да се сведе на тоа – Белград да ги нормализира своите односи со Приштина со взаемно признавање.

До српските претседателски избори би било корисно – двете страни да го искористат времето од една година за вистински дебати.

Србија околу тоа како и зошто го има загубено Косово, во времето на режимот на Слободан Милошевиоќ, а на косовската страна за тоа како да се обезбедат права за српското население и за СПЦ, како и за тоа дека соништата за обединување со Албанија – не само што се лоша идеја, туку се и деструктивна.

Етнички функции и функционери

Дијалогот под надзор на ЕУ, смета Сервер, би требало да продолжи тогаш кога и двете страни ќе бидат спремни да се договорат ,а не да работат на меѓусебно поткопување.

Што се однесува до БиХ, Даниел Сервер е категоричен дека “нема надеж за оваа земја ако таа не стане функционална држава“ и тоа само преку уставни промени со кои би требало да ослабне и ако може – целосно да се елиминира – задушувањето на државата што сега го прават етнички создадените партии кои управуваат со БиХ.

Американскиот експерт е категорично против етничко гласање и таквото определување на функциите, на што инсистира српската страна, но и хрватската.

„Сите поединци (во БиХ) мора да имаат право на било која функција, без оглед на етничката припадност, а сите граѓани да може да гласаат за кого сакаат. Не само за претставникот од својот народ“ – смета Даниел Сервер.

Белград и Загреб сега подржуваат статус – кво по ова прашање. Тоа значи – само Србите во БиХ да гласаат за свој претставник на некоја федерална функција, или само босанските Хрвати за хрватски претставник – на пример, за член на претстадетелството на БиХ. Тоа, пак, значи дека само Србин, Муслиман и Хрват може да добие некоја државна, јавна функција – не и претставник на некои од другите националности во државата – Евреин, или Ром, на пример.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе