Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Буџетот на ЕУ без победници и победени

zimmytws/BigStock.com

Буџетот на ЕУ без победници и победени

После три месеци натегање, несогласување, расправии и блокади, ЕУ постигна компромис со сите 27 земји-членки, за новиот седумгодишен буџет, како и за финансискиот пакет за санација на економиите на сите земји, тешко погодени од сега веќе едногодишната глобална пандемија со коронавирусот, што ги предложи Европската комисија.

Станува збор за досега најголем финансиски пакет, заедно „тежок“ околу 1850 милијарди евра – или 1100 милијарди за буџетот на ЕУ, за периодот до 2027 година, како и 750 милијарди за опоравување на економиите на членките на Унијата.

Половината од овој износ како грантови, додека другата половина, како долгорочни заеми. На списокот за користење на парите за санација се сите земји – како големите и богатите, така и помалите и најмалите членки, а износите се определени според регистрираната штета од пандемијата и силината и големината на економијата на секоја од нив.

Санирање на економијата

Меѓу првите пет најголеми корисници на овој пакет, прва е Италија, за која сите се согласни дека има најголеми штети од вирусот, а во таа група се и Шпанија, Франција, Полска. Грција, на пример, како една од средно големите членки треба да добие околу 30 милијарди евра.

За малата Хрватска, пак, со која во ЕУ требаше да влезе и Македонија, доколку претходната власт, наместо што поставуваше „црвени линии“, продавајќи национализам и лажен патриотизам, постигнеше компромис со Атина, се предвидени 10 милијарди евра, само како грантови од Унијата.

Сега е потребно, парламентите на сите држави во ЕУ да го одобрат договорот за буџетот и за помошта, што беше постигнат во Брисел, по што ќе се започне со префрлањето на толку потребните свежи средства за економиите кои се на границата од издржливоста, од блокадата што ја предизвика кинескиот вирус.

Задоволен од постигнатото на последниот Самит, на крајот од минатата недела, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изјави дека “ сега сите можеме да тргнеме со обновата на европската економија“.

Вето од Унгарија и Полска

А, договор за висината на европскиот буџет, од кој средства за своите развојни планови користат сите членки, како и покривање на штетите од короната, ЕУ има постигнато уште во текот на летото. Се веруваше дека брзо ќе се почне со санацијата на економиите, но наместо тоа, настана блокада, која ја предизвикаа поранешните комунистички држави, сега членки на ЕУ од Источна Европа – а, пред се, Унгарија и Полска.

Двете земји веќе извесно време се во судир со Брисел и со другите во Унијата, кои остро ги критикуваа дека се повеќе отстапуваат од правилата и законите на ЕУ и градат авторитарни системи кои се блиски до системот на партиски држави, од времето на едноумието.

И во Будимпешта, а и во Варшава, тамошните десничарски, антилиберални и популистички влади се спротивставуваа на градењето отворени општества и правно уредени држави, па Европската комисија покрена постапка против нив, откако владите во овие две земји одбија да ги изменат контроверзните и во основа антиевропски закони и реформи.

Уште пред две години, Франција предупреди дека ЕУ не смее да толерира, некои од членките од Истокот да ги користат европските пари, што солидарно ги издвојуваат граѓаните на земјите членки, за да неевропски, или антиевропски определените влади, победуваат на изборите во своите земји врз антиевропска, десничарска и националистичка платформа, контра сите норми на кои почива Унијата.

Условено финансирање

Така и се роди механизмот – распределбата и користењето на парите од европските фондови да бидат условени со владеењето на правото во секоја од земјите-членки. А, Европскиот Парламент по една широка дебата го усвои како ново правило што ќе треба да се исполни за да се земаат европските пари.

Тие не се ни малку мали. Во изминатите 15 години, на пример, откако источните земји, поранешни советски сателити, станаа дел од ЕУ (2004/2019) новите членки (без Хрватска) имаат примено 375 милијарди евра. Само Полска во овој период, од фондовите на ЕУ примила 135 милијарди евра.

Меѓутоа, токму Полска, сега предводена од десничарската партија Право и Праведност (ПиС) и Унгарија од исто таквата идеолошки обоена партија Фидес, на Виктор Орбан, веднаш се спротивставија на новиот механизам, дисквалификувајќи го на разни начини, но најмногу со тврдењето дека „наводно“ се задушува нивниот државен суверенитет.

Нешто слично како англиските националисти и британските евроскептици, околу Брегзит, со таа разлика, што на Варшава, а на Будимпешта не им паѓа на памет да споменуваат напуштање на Унијата.

Сепак, и двете земји, кога дојде времето за да се гласа за буџетот на ЕУ и за санациониот пакет, ставија вето и го блокираа целиот процес.

Пари – да, прописи – не

Европските пари и натаму им се преку потребни. Без нив никако не можат да го одржат темпото на сегашниот развој, што трае од периодот на посткомунизмот. Но, играјќи на популистичката и националистичката карта, владите и во двете земји успеаја да ги сочуваат домашните националистички гласачи за себе, не попуштајќи пред барањата на сите други членки.

Се покажа дека европските пари се добредојдени, но дека повеќе не им се добри европските прописи и стандарди. Или, дека требаат пари за санација на домашната економија, но, никако не по цена да се загуби власта и воспоставениот систем на “заробување“ на државата.

Мораше, затоа, да се тргне во потрагата по компромис, низ преговори зад затворена врата, за кои јавноста малку знаеше.

Во еден период, Варшава и Будимпешта понудија нови преговори, што значење развлекување на целата постапка. Потоа нудеа да се направи некаков “пазар“ со Европската комисија и со другите членки кои стануваа се понервозни. Од Брисел тогаш се соопшти дека се трага по начин како да се заобиколи унгарско – полското вето, со своевиден, правно уреден бај – пас, при што буџетот и помошта ќе се усвојат, но двете бунтовнички земји ќе остана без тие пари.

Новиот механизам останува

Со прописите на ЕУ е предвидено, при ваква блокада за буџетот, да профункционира механизмот за вонредни ситуации – буџетот се определува од месец, за месец, но може да се троши само една дванаесетина од претходната година. Тоа значи многу помалку пари на располагање, што директно ги погодува земјите какви се Унгарија и Полска.

Тогаш, компромис се најде брзо. Со него, останува механизмот за условување на доделување европски пари врз оснава на владеењето на правото, но откако за тоа ќе пресуди европскиот Суд на правдата (Уставен суд на ЕУ). Постапката за ова може да трае до една година, но овој пат, тоа сигурно ќе оди побрзо, затоа што парите (за некоја земја) би биле блокирани додека не одлучи судот.

Будимпешта и Варшава побрзаа веднаш да се пофалат дека “победиле“ во спорот со Европската комисија и со ЕУ. На двете земји тоа им е потребно за домашните политички потреби, како храна за нивните националистички гласачи и сочувување на партискиот рејтинг.

Победа на компромисот

Другата страна, меѓутоа, смета дека тоа не е воопшто така, затоа што механизмот остана во сила и тој ќе се употребува кога за тоа ќе се јави потреба.

Според објаснувањето на Брисел, вклучувањето на Судот, не значи дека некои земји ќе може да ги изигруваат европските прописи и да не го почитуваат владеењето на правото, а при тоа да продолжат да користат пари од европските фондови, како и сите другите.

Всушност, никој нема победено, а најважно е што ЕУ не загуби.

Уште еднаш работата ја заврши компромисот и трпеливото преговарање. При вакви ситуации, нормално, и двете страни имаат отстапено од некои од своите почетни позиции, како што тоа и порано се има случувано, при правењето на буџетот на ЕУ.

За последните два буџета, главните проблеми ги правеа Британците кои секогаш имаа некакви приговори и постојано од нешто беа незадоволни, иако максимално ги имаат искористено европските средства што ги имаат земено – во културата, на пример, или за побрзиот развој на неразвиените подрачја. Од тој фонд, се имаат офајдено дури и Фокландските острови, како британска прекуморска територија.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе