Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Путин ја откажа посетата на Белград

Divya777/BigStock.com

Путин ја откажа посетата на Белград

Рускиот претседател Владимир Путин ја откажал својата планирана посета на Србија и на Белград – јавуваат белградски медиуми, повикувајќи се на неидентификувани извори во Москва.

Не се открива причината што Путин нема да дојде во главниот град на Србија, но медиумите кои ја објавуваат оваа информација, пренесуваат дека нивните извори забележале оти на „Русија не и се допаѓа неодамнешното приближување на официјален Белград кон САД и кон американските позиции“.

Приближување кон САД

Станува збор за (во српската јавност), од властите триумфалистички прикажаната посета на српскиот претседател на Вашингтон и неговата средба со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Средбата во Овалниот кабинет во Белата куќа, се одржа при потпишувањата на српско-косовската спогодба за нормализација на економските односи меѓу Белград и Приштина, во која и во документите и при промоцијата, од американска страна- Србија и Косово беа третирани како две посебни, суверени држави.

При тоа, Трамп соопшти дека Србија се согласила да ја пресели својата дипломатска мисија од Тел Авив во Ерусалим, на што официјална Москва се спротивставува, затоа што тоа го гледа како легализација на „израелската окупација на Западниот Брег“.
Во исто време, беше објавено дека Израел и Косово се договориле за воспоставување дипломатски односи и за меѓусебно признавање.

Пораката од Захарова

На тоа, руската страна, прво реагираше со молчење, а потоа се огласи, на Фејсбук, службениот портпарол на Министерството за надворешни работи во Москва, Марија Захарова која го исмеа српскиот претседател Александар Вучиќ што дозволил во Белата куќа да биде третиран недолично, додека неговото седење на столче пред Трамп го спореди со сцената од сослушувањето на Шерон Стоун во криминалистичко-еротскиот филм „Ниски страсти“.

Подоцна, се слушна дека Путин (наводно) му се извинил на Вучиќ, но впечаток и во Москва и во Белград е дека Захарова не дејствувала на своја рака, особено што таа и натаму е портпарол на руското МНР. Неколку денови подоцна, руската страна објави дека таа подржува секое решение (за косовската криза) што ќе го договорат двете страни.

Како и да е, медиумите тврдат дека Путин нема да дојде, како што уште од јуни се најавуваше, дека ќе допатува на 20 октомври, за да присуствува на прославата на ослободувањето на Белград од нацистичката окупација, во текот на Втората светска војна.

Во таа операција, покрај југословенските и српските партизани, учествувале и единици на советската Црвена армија, кои по ослободувањето на Романија и Бугарија минувале низ југословенската (српска) територија, напредувајќи на север, кон Унгарија и Будимпешта.

„Лојалност кон Москва“

Според сценариото од почетокот на летото, рускиот претседател, требало да присуствува и на осветувањето на белградската црква Свети Сава.

Потврда за откажувањето на Путиновата посета некои медиуми ја наоѓаат во студеното соопштение на руската амбасада во Белград.

Во него се вели дека „амбасадата не е информирана дека рускиот претседател ќе биде во октомври во Белград“.

Ова соопштение уследи по објавата во белградските медиуми блиски до власта дека српскиот претседател се сретнал со рускиот амбасадор, но во објавата нема ниту збор дека за неколку денови Владимир Путин треба да дојде до Србија.

И, сето ова околу откажувањето на посетата на рускиот претседател се случува во еден ист ден- кога претседателот Вучиќ во подолго интервју за руската државна агенција ТАСС ја уверува Москва дека Србија останува блиска и лојална на Москва.

„Ние никогаш нема да влеземе во НАТО, ниту Србија ќе воведе санкции кон Русија, дури и да се врши притисок врз нас“ – рекол српскиот претседател.

Притоа, тој инсистирал дека Белград „продолжува да ја гради својата самостојна политика, а тоа значи дека ќе продолжи да гради пријателски и братски односи со Москва“.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе