Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Ниски страсти“ меѓу Москва и Белград

Tatiana Belova/BigStock.com

„Ниски страсти“ меѓу Москва и Белград

Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова реагираше на средбата во Белата куќа во Вашингтон, меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер и на спогодбата што беше потпишана, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, сметајќи дека таа била понижувачка за претседателот на Република Србија.

Захарова на својата Фејсбук страница ја има ставено фотографијата на која Александар Вучиќ седи на стол, пред работниот кабинет на Трамп кој седи во својата претседателска фотелја. Изразот на лицето покажува какво било неговото расположение во тој момент, па за секој непристрасен посматрач целата сцена изгледа како српскиот претседател да е на сослушување.

„Понижен претседател“

Портпаролот на МНР во Москва (очигледно) го имала истиот впечаток, па таа слика која го заобиколи светот (објавена и во Скопје/Глобал), Захарова ја споредува со сцената од испрашувањето на Шерон Стоун од полицијата, во филмот „Ниски страсти“ каде таа беше осомничена за убиство. И, на својот Фејсбук ја има ставено токму фотографијата од „историската сцена“ со прекрстените нозе на актерката.

Под двете фотографии таа забележува: – Ако сте повикани во Белата куќа, а столчето е наместено како да сте на сослушување, тогаш седите како да сте на столчето од фотосот број 2 (оној од сцената во филмот). Кој и да сте!

Така има напишано портпаролката на министерот Сергеј Лавров, само 24 часови по средбата во Вашингтон, за која официјална Москва, претходно, не се огласи со било каков коментар. Затоа, коментарот на Захарова, во Белград има предизвикано шок и неверување, гнев и лутина, оценувајќи го како навредлив за Србија и понижувачки за нејзиниот претседател.

Налутена Москва

Но, таа нејзина реченица покренува низа прашања.

Прво, што тоа треба да значи. Потоа, како е можно тоа да дојде од “братска“ Русија и, трето, коментарот е од ниту малку случајна личност, во земја каде ништо не се случува случајно. Згора на се, од таму и понатаму нема никаква реакција на најважното, а тоа е – што руската страна, воопшто, мисли за спогодбата и за целата таа средба во американскиот главен град.

Тоа, пак, остава простор за да се заклучи дека Москва е налутена и незадоволна од вашингтонската средба. Посебно од сето она што српската страна го има прифатено и потпишано – особено во делот за селење на амбасадата на Р. Србија во Ерусалим, како и за израелското признавање на косовската независност и отворањето амбасада на Косово, исто така, во Ерусалим, што практично, значи дека Белград ја прифаќа косовската независност – како готов факт. Без согласноста на Москва.

Првата реакција на налутениот официјален Белград, дојде од пониско ниво – од директорот на канцеларијата за Косово во српската влада. Марко Ѓуриќ застана во одбрана својот претседател, остро прекорувајќи ја Захарова.

Кавгаџиска реакција

Во кавгаџиски тон тој и порача на руската портпаролка дека „и од тоа и такво столче, претседателот не рече ништо лошо за Русија“. При тоа, ја потсетил дека Вучиќ „немал подобар третман ниту во Москва, каде морал да чека и по 1,5 часа за да биде примен од Владимир Путин.

„Никогаш, притоа, не чекајќи на посебно столче“ (!?) – има напишано на својот портал Ѓуриќ, свесно, или несвесно откривајќи каков е, всушност, третманот на српскиот претседател во Кремљ.

Расправијата меѓу Захарова и Ѓуриќ, ја искористија критичарите на српскиот претседател и противниците на претераната блискост на Белград со Москва, за да забележат дека портпаролот на руското МНР само покажала „колку е лажен митот што се гради за вечното пријателство “ (со Русија).

Истиот тој Ѓуриќ, набргу потоа, уште еднаш ја искара портпаролката на Лавров, велејќи и – „Како не ви е срам. Треба да се засрамите. Не ви дозволувам да ја напаѓате поносна Србија“.

Повратен удар

Тогаш од Москва, одново се има огласено Захарова, допишувајќи само една реченица на својата страница на Фејсбук, во која се извинува, но и тврди дека погрешно била разбрана и интерпретирана. Нејзиниот коментар се однесувал на Американците и на арогантниот стил на домаќините на средбата, не споменувајќи го притоа Трамп. Уште еднаш, одмолчувајќи ја средбата во Белата куќа.

Така или не, излегува дека Захарова ги скара Москва и Белград. Или, пак само покажа дека руската страна е сериозна налутена од некои постапки на српскиот претседател, во последно време.

Се верува дека фотографијата од Овалниот кабинет беше искористена за да му се возврати на Вучиќ, за некои негови потези кон Москва, исмевајќи ја во српската јавноста „понижувачката положба“ во која бил ставен на средбата со Трамп. Уште повеќе што тој, пред патот во Вашингтон ја најавуваше како „историска“.

Москва е лута што целата таа средба (изгледа) била уредена и договорена без да се консултира Русија, иако од таму постојано се потсетува дека без нив нема да има траен договор за Косово.

На само 24 часови пред парламентарните избори во Србија, крајот на јуни, Сергеј Лавров дојде во Белград. Тамошните аналитичари тоа го оценија како поддршка за Вучиќ и за неговата партија, а и како договарање за косовското прашање, за кое Лавров тогаш има порачано да не се брза со конечното решение.

Извинување без значење

Но, тогаш открија дека Кремљ барал и нешто друго – во новата влада, по изборите, одново да има место за Ивица Дачиќ – главниот експонент на Москва во Белград

Тој претходно беше премиер, а сега е шеф на дипломатијата и силен заговорник за казнување на Косово, со барање до земјите кои го признале, да го повлечат признанието, што е многу веројатно – „руско масло“.

Околу овој српски политичар и натаму се вратат бројни шпакулации за тоа дека можеби тој и неговите социјалисти ќе одат во опозиција. Србија, пак, предизвика нови контроверзи – купувајќи кинески, наместо договорените руски ракети и приклучувајќи се на осудата на Лукашенко, во моментите кога Владимир Путин објави дека ако треба и со сила ќе го брани неговиот сојузник во Белорусија.

Затоа и малку е веројатно дека Марија Захарова, портпарол на Лавров, сама и на своја рака се „истрчала“ со онаков коментар за српскиот претседател и за тоа дека е срамно што дозволил да се доведе во понижувачка ситуација во Вашингтон.

Претседателот против портпаролот

Нејзиното извинување е наменето само за јавноста во Србија и за тамошната силна русофилска струја, но таа, во основа, ништо не повлекува од првичниот впечаток, без разлика што на изглед, критиката е упатена кон американската администрација, кон Ричард Гренел и Трамп на кои средбата во Белата куќа им треба за изборната кампања во САД.

Со реакција, на крајот, се огласи и самиот претседател на Србија кој во неговиот познат стил и порача на портпаролката Захарова дека нејзиниот коментар на Фејсбук покажува „каков човек е таа“, а потоа дека она што го има напишано е – „простотија и примитивизам“ – нејзин и на тие кои ја поставиле!?

Тоа требаше да биде уште едно „јуначење“ на Вучиќ за пред својата публика, што траеше се додека во Белград не беше соопштено дека разговарал по телефон со Сергеј Лавров и дека го информирал за средбите и разговорите во Вашингтон.

Нема ништо, притоа, што има речено руската страна, додека од српската се пренесува само тоа за „искреното пријателство“ на Русија и на Република Србија.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе