Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Падот на една екс супер сила

Падот на една екс супер сила

Изминатите недели светот го одбележуваше враќањето на Американците на Месечината,  после половина век од историското прво искачување. На најблиското небеско тело ,  веќе беа и Кина , Индија и Јапонија.

Но, таму ја нема земјата која прва, пред 60 години,  испрати човек во Вселената, која прва имаше жена во вселенскиот простор и чиј космонаут, прв излезе  да се „прошета“ меѓу ѕвездите. Ја нема Русија која себе си се смета за единствен наследник на некогашниот СССР.

Астероид и претседателска палата

Во годината кога денешна путинова Русија се нафрли врз независна Украина, во есента 2022 година, Америкаците изведоа еден друг потфат, многу подалеку во Вселената. Со неверојатна прецизност разбија еден  мал астероид кој (потенцијално) можеше да биде  огромна закана за нашата Планета.

Едно 600 кг. тешко летало кое 10 месеци патуваше до астероидот, инаку голем  160 метри, на одалеченост од 11,5 милиони километри и со брзина од 24 илјади км. на час,   прецизно и директно го погоди небеското тело и целосно го измести од неговата (заканувачка) патека. Или, од можноста, да се „откачи“ и да се урне на Земјата, предизвикувајќи катастрофални последици- како што тоа тогаш го објаснуваа вселенските експерти.

Колку за споредба, во речиси  истото време, Русите во Москва објавија дека ја ракетирале претседателската палата во Киев. Подоцна, се разбра дека  лансираната ракета, поради грешка во пресметките, ја промашила зградата  и паднала далеку зад неа- во еден парк- целосно уништувајќи- едно детско игралиште.

Заостанување на Русија

Оваа споредба , колку  некому  да му заличи несоодветна, сепак,  зборува  многу за огромната технолошка разлика меѓу некогаш еднаквите светски сили кои се натпреваруваа на разни полиња- од  светската политичка доминација, се до вселената.

Подвигот на Американците, со тргањето на астероидот- проследено притоа со сите фасцинантни бројки што беа  забележани,  затоа, само го потврдува големото техничко-технолошко заостанување на Русија, во 24-те години апсолутно владеење на Владимир Путин.

Новиот „руски цар“ , како што го квалификуваат неговите политички противници, наместо натпреварувањето со другите големи во светот, а сега веќе не се само Американците, туку и Кина и Индија, па и еден Бразил ( потенцијално), како и здружената Европа, сега очигледно, не може да биде дел од една таква трка.

Путин , сега,  е опседнат со тоа дека може да го обнови самораспаднатиот СССР и врз таа  основа , Русија да ја поврати славата на екс Советски Сојуз- да  биде одново светска сила, респектирана од  зголеменото семејство на големи играчи на светската сцена.

Парчосување на Украина

Притоа, таа трка за враќање на старите позиции ја прави водејќи империјални војни против земјите со кои некогаш постоеше СССР, заканувајќи им се дека ќе поминат како Белорусија , претворена во држава- сателит, или како  еднаш распарчените  Молдавија и Грузија, врз кои заканата не е тргната.

Односно,  да се соочат со судбината на Украина , која над две години е присилена   да ја брани својата слобода и правото на независност, а во исто време да биде обвинувана дека – таа е виновникот за она што и се случува!

Две години Кремљ и Путин , безмислосно се изживуваат врз Украинците – бомбардирајќи и ракетирајќи им ја земјата, убивајќи цивилно население, распарчувајќи и окупирајќи ја украинската територија и анектирајќи делови од неа.

Прогласувајќи ги за „историска руска земја“ , одродувајќи ги луѓето- со тврдењето дека нема Украинци, бидејќи тие (наводно) од секогаш биле само Руси.

Империјални војни и закани

Во  сето ова е вклучена руската војска, наследник на некогашната Црвена армија која ја има извојувано ослободителната борба на Истокот од Европа во Втората светска војна. Оваа сега, меѓутоа,  е далеку од тоа.

Прво, затоа што води освојувачка војна за нови територии, заборавајќи на таквата војна во Авганистан, во седумдесетите и осумдесетите години на 20 век, кога Русите доживеаја фијаско , а второ, што поради отпорот на Русите да гинат за освојување туѓа земја,руската војска е претворена во платеничка.

Како таква и покрај сите настојувања да се прикаже ситуацијата како добитничка, Русија нема поголеми успеси на фронтот.

Ја брани запоседната територија, земена во првиот налет, а сега како „голем успех “ се прикажува напредувањето кај некое село на Истокот од Украина каде руската армија- практично- напредувала само пет километри. А, загубени се илјадници војници, исто толку  тенкови и артилерија, низа борбени и шпионски авиони и воени бродови во Црно Море.

Безизлезна ситуација ?

Останува Путин да се фали и да се заканува со својот нуклеарен потенцијал , што добро пали пред домашната јавност – онаа која ја подржува инвазијата врз Украина- и пред наместените претседателски избори , но секако и тој и неговите  генерали знаат дека и други имаат нуклеарно оружје.

Затоа, сето ова изгледа како пропагандна изборна кампања во стариот, советски стил-  дека на Русија никој ништо не и може и дека оној што седи во царските одаи во Кремљ ја брани и ја чува земјата од „страшниот“ Запад, што божем сака да ја растури.

Излегува така, дека после две години, Русија е заглавена во непотребна војна од која Путин не знае како да се извлече, а притоа да се прикаже како победник, „ослободител“ и „херој“ , за да се оправда тоа што ќе остане доживотен претседател. А, секако, и за да се покрие и прикрие назадувањето на земјата која некогаш беше светска сила.

Дури и на воен план не може да се пофали со напредок- за војната на украинска територија. Киев кој не беше подготвен да војува со Русија- мора да се снабдува со западно оружје и западна воена техника, а за својот стар, од советско време воен арсенал, да собира се она што може да најде во земјите од некогашниот комунистички Исток.

Држава контролирана од КГБ

Но, и Русија мора да бара сојузници за оружје и тоа го прави меѓу отпадните земји- како што се Северна Кореја и Иран.

Она, што можеби, е позагрижувачко и од технолошкиот пад, тоа е руското пропаѓање во општествениот сектор. Таму каде комунизмот има нанесено најмногу зло.

Во науката, пред се,  и во уназадувањето на руското општество кое (велат) можеше да се извлече во посткомунизмот и да застане на нозе, како другите источноевропски, поранешни комунистички општества, доколку Русија не тргна во сосема друга насока. Кога  власта и целата земја- целото општество- се ставија под контролата на некогашното КГБ , чии шефови сега се во Кремљ.

Тие заедно ја водат земјата  уште од почетокот на овој век и го определуваат нејзниот иден пат. Злоупотребувајќи го вкоранетиот страв на обичните луѓе од власта, ја уништија можноста од продолжување на започнатата  транзиција на Русија. Враќајки се одново на времето на едноумието, на апсолутната власт- дадена во рацете на еден човек.

(Спектатор)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе