Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ќерката на Путин- лекар милијардер

Ќерката на Путин- лекар милијардер

Алексеј Навални е во затвор, осуден на вкупно 19 години затвор- за наводен „екстремизам“, откако врз него беше извршен обид за атентат (со агенсот Новичок), затоа што ја провали раширената корупција во врвот на руската власт. Но, иако  сега казната ја издржува во  затвор, во далечниот, суров и студен  Арктик, неговиот истражувачки тим продолжува да работи, на разобличувањето на системот на клептократијата, врз која се потпира власта во Русија.

Во тие рамки ,Тимот Навални на  ЈуТјуб  ги објави своите истражувања за двете ќерки на Владимир Путин, а посебно за постарата-Марија Владимирова Воронцова, која е лекар- педијатер, специјалист за ендокринологија, за која се тврди дека благодарејќи на тоа што е ќерка на рускиот претседател, има стекнато големо лично богатство.

Насловот на  целото истражување, затоа,  е означено како -„Путиновата ќерка лекар милијардер“-според висината на парите и  заработувачката, дадени во руски рубли.

Компанија со државни пари

Според Тимот Навални , таа е  вработена во една нова медицинска компанија (НОМЕКО) , каде во периодот меѓу 2019 и 2022 година има заработено, безмалку , една милијарда рубли, или скоро 12 милиони долари. Во оваа компанија  вклучена е како соосновач, па зема плата и како  медицински експерт, но и како член на Одборот на директори, со кои, потоа,  дели дивиденди.

Како подржувач на оваа компанија се јавува фирмата СОГАЗ која силно ги подржува работите на НОМЕКО, но  откако во неа се има вклучено Воронцова. Станува збор за компанија која делумно е во сопственост на Јуриј Ковалчук, а тој е еден од најбогатите руски бизнисмени и близок пријател и соработник на Путин.

Оваа компанија, меѓутоа,  не ја помага со пари само  постарата ќерка на претседателот, туку   и други блиски путинови сојузници- како што се функционери на тајната служба ФСБ, потоа претседателката на Горниот дом на рускиот Парламент, како и  лојлни (на Путин и на Кремљ) политичари и високи функционери од врвот на државата.

Раскош на Марија Воронцова

Со вториот сопруг, Евгениј Нагорни,  Воронцова поседува голем пентхауз во центарот на Москва кој се проценува на 800 милиони рубли (над девет милиони долари), а  двајцата, исто така, имаат и раскошна куќа во околината на Москва.

Посебниот канал на социјалната мрежа Телеграм- „Можем Објаснит“ ( Можеме да  објасниме) тврди дека профитот на компанијата каде работи постарата ќерка на претседателот на Русија, почнал забрзано да се зголемува откако таму се вклучила лекарката Марија Воронцова.

За нејзе и за нејзиниот приватен живот од порано се знае дека таа -претходно- и пред да се најде под санкциите на ЕУ,САД и Велика Британија- живееше на Западот, како и речиси сите деца на рускиот државен врв . На  оние во Кремљ и на олигарсите и богатите Руси, чии деца не сакаат да живеат во Русија.

Во Холандија, Воронцова (родена 1985 година) беше мажена за холандскиот бизнисмен Јорит Јост Фасен, каде  од тоа време,  имаат заеднички имот- земјишта и куќи.

Фасен, пак,  извесно време- иако поранешен зет на Путин- продолжил да работи во Газпром, каде се има вклучено, набргу по венчавката со ќерката на претседателот.

Вкупно 1,3 милијарди рубли за една година

За Воронцова се тврди дека  води и некаква посебна медицинска програма, финансирана од државата, а делува и како бизнисмен- вклучена во реализација на инвестиции во руското приватно здравство.

Втората путинова ќерка, Катерина Тихонова е родена во  1986 година, во Дрезден, во тогашна Источна Германија, каде Путин има работено како офицер на советската тајна служба КГБ. И за неа се знае дека е вклучена во реализацијата на владини проекти и на државни вложувања во испитување на воена технологија.

За време на минатогодишната економска конференција во Санкт Петербург,  Тихонова беше претставена како заменик директор на Институт за математички истражувања .

Таа беше во брак со Кирил Шамилов, еден од  главните акционери во петрохемијата, но велат, поважно што е син на богат банкар и близок пријател на Путин. До нивниот развод во 2018 година, тие двајцата располагале со личен имот од над две милијарди  долари- вклучувајќи ги и недвижнините во Франција и скапата вила во тамошниот монден центар Бијариц.

„Можем Објаснит“ открива дека двете ќерки на Владимир Путин , во 2022 година, имаат заработено 1,3 милијарди рубли, или околу 14 милиони долари.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе