Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија ги пребројува „пријателите и непријателите“

Србија ги пребројува „пријателите и непријателите“

Официјален Белград силно и грубо реагираше на одлуката на Комитетот на министрите на земјите членки на Советот на Европа (СЕ)- да се покрене процедура за членство на Косово во оваа меѓународна организација.

Дури 33 држави го подржа косовското пристапување кон СЕ, што е повеќе од неопходните две третини од членството, а само Србија и уште шест други држави беа против. Украина и БиХ , но и Грција и Словачка, две од петте земји од ЕУ кои се уште го немаат признаено независно Косово- останаа воздржани. Тоа во Стразбур се смета како индиректна подршка на приклучувањето на новата балканска држава во Советот на Европа.

Иако станува збор само за првата фаза од пристапниот процес, српската страна реагираше со навреди и со закани, како и со броење на тоа кој во СЕ и во Европа и се „вистински пријатели, а кои и се непријателите“.

Груба реакција на Белград

Се почна со грубите, недипломатски и неприлични навреди до Западот, изречени од врвот на државата. Продолжи со навестувањето дека Белград ќе го преиспитува своето членство во Советот, барајќи некаков „нов нодел“ за соработка, за да се заврши со критиката дека станува збор за – „срамен ден“ за СЕ и за Европа.

Не се знае кога ќе заврши постапката за Косово и кога оваа земја која е независна веќе 15 години ќе стане полноправна членка, но Белград, низ изјавата на својот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ навести дека Србија во иднина  ќе ги определува своите односи со државите на СЕ, според тоа како тие гласаа!?

Пред многу години, на пример, во времето на „Студената војна“ и поделена Европа, тогашна Западна Германија прогласи надворешна политичка доктрина , според која  ќе ги раскинува своите дипломатски односи со оние  држави кои ќе ја признаат Источна Германија – како посеба држава. Српската реакција , во денешна Европа, е блиску до таа германска доктрина која неславно пропадна , кога двете германски држави се спогодија за нормализација на нивните односи- без меѓусебно признавање.

Во Белград се признава дека уште пред гласањето знаеле оти Косово има обезбедно големо мнозинство, па сепак,  сеопредели остро да им замери на некои земји од кои српската страна „останала разочарана и изненадена“.

Лутина кон Украина

Лутината , сепак, најмногу е упатена кон Киев, но и кон Босна и Црна Гора кои, инаку, различно гласаа.

Дачиќ во интервју за државната РТС има речено дека доколку Украина не го почитува „територијалниот интегритет на Србија“ , треба да знае дека ни Белград ( во иднина) не е обврзан да го почитува украинскиот- мислејќи на окупираните територии од страна на Русија, само затоа што Укринците беа воздржани во гласањето  околу приемот на Косово.

Требало да бидат против, затоа што Србија „ го почитува украинскиот територијален интегритет“, при што како да се заборава  дека српската стана се  прави неутрална во војната, каде не може да се биде неутрален, потоа нема воведено санкции кон Русија и нема никакви комуникации со владата во Киев.  Српската јавност, пак. отворено  навива за путинова Русија.

А, сето тоа е спротивно на однесувањето на Косово, иако  Приштина нема дипломатски односи со Украина, ниту има украинско признание на косовската независност.

БиХ и Црна Гора меѓу „грешниците“

Меѓу „грешниците“ е ставена и БиХ поради нејзиното воздржано гласање, како и Црна Гора и нејзиното определување за Косово во СЕ, што (изгледа) е изненадување за официјален Белград.

Затоа што доаѓа по падот на Мило Ѓукановиќ и изборот на новиот претседател за кого се уште постојат сомнежи дека би можел да биде „просрпски определен“ , без разлика што Јаков Милатовиќ веќе изјави дека нема да има повлекување на признанието на Косово.

„Црна Гора можеше да биде барем воздржана во гласањето, а таа сепак  гласаше за Косово, што ние (Србија) нема да го заборавиме, кога на Црна Гора ќе и треба нашиот глас“- има речено министерот Дачиќ, додавајќи  притоа дека нема да го добијат српскиот глас.

Ваквата елаборација во Белград загрижува некои европски аналитичари, а посебно , ги загрижува заканата од Белград во врска со (не)почитувањето на територијалниот интегритет на Украина, врзувајќи ја  таа закана кога станува збор за БиХ.

Закани кон соседите

Посебно сега кога тамошниот лидер на босанските Срби ги засилува  заканите со сецесија, силно во тоа подржан од Москва , а кога од Србија и натаму нема договор за границата со Босна ( на реката Дрина)  и покрај српските изјави за признавање на БиХ и на нејзиниот територијален интегритет.

Дачиќ смета дека БиХ требало да гласа против прием на Косово во СЕ, особено што  нема босанско признание на косовската независност.

Според ваквата реторика на српскиот министер, излегува дека сите овие земји се ставени во „непријателите“ на Србија, формулација што инаку ја користи путинова Русија.

На ваков начин,  Владимир Путин се пресметува со сите кои ја осудија и ја осудуваат неиспровоцираната агресија врз една суверена и независна држава, прогласувајќи ги за непријателски и казнувајќи ги сите земји кои не прифаќаат иназија , агресија и окупација во Европа во 21 век, за освојување нови територии.

Разочараност од Грција

Притоа, видливо е дека Белград е посебно разочаран од однесувањето на Грција во Стразбур.

Дачиќ тоа ќе го објасни со изјавата- „па грчки министер беше на слава кај Александар Вучиќ“,  како и дека од Атина  постојано не уверуваат дека Грција не го менува ставот кон независноста на Косово. Во Белград сега веќе не веруваат во грчките изјави, иако сите вакви коментари се и претерани и изнасилени и непотребни.

Особено затоа што се уште е далеку до приемот на Косово во СЕ, двете страни на почетокот од идниот месец ќе се состанат одново за да го продолжат дијалогот под патронат на ЕУ, за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а српскиот претседател- во една смирена изјава- ќе рече дека Србја не сака да војува со Европа и со светот.

Излегува дека целата врева што во српскиот главен град беше подигната е за потребите на домашната политичка јавност. Но, и поради инаетењето на српскиот и косовскиот политички врв – за тоа чие барање да биде прво задоволено. Создавањето Заедница на српски општини, (ЗСО) па се друго, или покренување на процесот за меѓународно признавање ( на Косово), па потоа формирањето на ЗСО.

(Д.Б.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе