Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Дерек Шоле на Западен Балкан

Дерек Шоле на Западен Балкан

Дерек Шоле, висок советник на американскиот Стејт департмент „протрча“ низ Западен Балкан, скратувајќи ја својата  посета на регионот, само со  посета на Северна Македонија, како и на Косово и Србија. Првично стануваше збор за балканска турнеја со која требаше да бидат опфатени и Црна Гора, БиХ и Хрватска, но посетата предвидена за декември се одложи, откако Американецот беше инфициран со коронавирусот.

Во меѓувреме, се изменија некои состојби во регионот.

Во Црна Гора се продлабочува политичката криза и судирот меѓу претседателот Мило Ѓукановиќ  со сите партии, а земјата и натаму нема вистинска влада подолго време. Во БиХ, пак,  се направи  федерална влада од водечките партии на босанските Хрвати и босанските Срби ( од партијата на Милорад Додик), потиснувајќи го муслиманскиот блок на Бакир Изетбеговиќ, во што Хрватска се има длабоко замешано , во основа на истоветен чаин како и Србија.

Косово останува регионален проблем

Едноставно, Шоле не сакаше, во една ваква ситуација, да оди во Црна Гора, која на неколкупати беше предупредена , како членка на НАТО и кандидат за ЕУ, брзо да ја разреши кризата, не сокривајќи притоа дека нема да комуницира со влада во Подгорица, во која седи проруската и антизападна партија Демократски Фронт. Се верува дека ја заобиколи и  Босна на Додик, во време кога овој му дели одликување на  Владимир Путин – додека тој ја уништува и ја растура Украина , војувајќи и против Западот.

Во  услови какви што се сегашните, остана главнината на посетата да се сведе на Приштина и Белград. Односно на зоната на кризата во регионот која потенцијално може да се рашири низ поголем дел од Западен Балкан, како и низ Европа, со испровоцирање конфликт кој може да предизвика  бран балкански бегалци.

Впрочем и онака косовското прашање, за кое се вели дека е предолго отворено, како и засилените тензии во изминатите месеци и провоцирањето безбедносна криза-  беа главната причин за турнејата на овој американски дипломат.

Време за конечен договор

Засилените косовски тензии околу некои технички работи за кои обично не преговараат претеседателот на едната и премиерот на другата соседна држава, почнаа да се јавуваат откако стана јасно дека ЕУ и САД сакаат да ги затворат кризните жаришта во Западен Балкан.

Со разрешување и потиснување на меѓусоседските, често  трвијални прашања од минатото и со блокирање на национализмот , сега кога Русија-практично- преку ивазијата, војната во Украина и анектирањето на делови од украинската територија, прави нова „Железна завеса“ и настојува , по пат на сила, да наметне нов меѓународен поредок.

Во европската јавност, по некакви дипломатски канали дотурени до медиумите, почнаа да циркулираат предлози за решевање на кризата, во форма на  нон-пејпер необврзувачки документи, за кои се покажа дека, всушност,  се основа на подоцна промовираните  официјални предлози. Прво посочени како заеднички предлог на Франција и Германија, што многу брзо, потоа,  станаа официјални позиции на целата ЕУ и на САД.

Моделот на Западна и Источна Германија

Шоле , практично, се појави за да им каже (одново) на Белград и на Приштина дека ќе мора да се почне со финалните преговори за една конечна српско-косовска спогодба. Затоа што во услови на војна на Истокот од Европа, блиску до Западен Балкан, нема  да се дозволи криза, или конфликт во регионот кој и онака е изложен на силно руско мешање и на обиди на Москва да го дестабилизира.

Според она што досега се знае, станува збор за една поразработена варијанта на меѓугермансиот договор ( на Западна и Источна Германија) од времето  пред обединувањето.

Со него беше исклучено меѓусебно признавање меѓу двете германски држави, но се обезбедуваше целосна нормализација на билатералните односи и се овозможи меѓународно признание на тогашната ГДР ( вклучувајќи го и членството во ОН и во сите други организации).

Приштина и натаму инсистира на меѓусебно признание меѓу Србија и Косово, што во Белград не сакаат ниту да слушнат.

Така , српскиот претседател и на Шоле му ги има предочено „црвените линии“ на Белград- а тоа се , нема признавање на Косово во рамките на нормализацијата, како и нема членство во ОН. Иако српскиот шеф на дипломатијата зборува за три „црвени линии“, а претседателот  за две, сосема е јасно дека српската страна не го прифаќа предложениот , компромисен,  план на Париз и Берлин.

„Србија е без сојузник“

Едноставно, од Белград сакаат и натаму да се продолжи со сегашната ситуација на продолжена криза ( во типично руски стил, како во Молдавија, Грузија, или порано во Авганистан), а нормализацијата да се направи онака како што му одговара на Белград, за да на српската јавност може да и се рече дека – „Косово е одбрането“.

Меѓутоа,  Приштина тоа не го прифаќа, сега, помалку  и осоколена од инсистирањето на ЕУ/САД , работите околу взаемно прифатливата нормализација да се комплетираат во наредните три месеци, или најдоцна до крајот на оваа година.

Претседателот на Србија,  на својата јавност веќе и зборува дека “Србија е сама и без сојузник“ и дека претстои тешко време, па (оставајќи впечаток дека земјата  е притесната од сите страни)  во Белград, како силен адут за одбрана, се користи создавањето на (инаку) договорената Заедница на српски општини (ЗСО).

Впечаток  е дека сега  околу тоа ќе почне нова игра, како од Приштина, така и од Белград, не зборувајќи дека на крајот ќе мораат да направат компромис.

ЗСО според косовскиот Устав

Шоле , а и Берлин,  како еден од предлагачите на планот за нормализација, притискаат врз косовската страна да го исполни она за што се има обврзано уште од 2013 година.

Но, за ова прашање сите овие години има сосема различни гледања.

Србија сака ЗСО да има политичка улога и да биде дел од договорот за нормализација. Нешто налик на она што е Република Српска во БиХ која со еден Додоик и со неговото инсистирање на отцепување на овој српски ентиет во Босна, силно подржуван од Москва, е моторот на кризата и во БиХ и во поширокиот регион.

Случувањата во и околу Република Српска, која сега е претворен во некаква држава во држава, меѓутоа, ги плаши властите во Приштина , па  затоа од таму порачуваат дека -„косовскиот Устав не предвдува создавање заедници и организиации врз чисто етничка основа“.

ЕУ, САД , а тоа го име речено и Дерек Шоле , не сакаат да ја видат ЗСО како некаква втора Република Српска. Во Приштина, Американецот, затоа,  јасно порача дека Заедницата на српски општини, треба да биде дел од Уставот на Косово и во рамките на косовските закони.

(С.Г.)

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе