Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кисинџер: Војната направи херој од Зеленски

ChinaImages/Depositphotos.com

Кисинџер: Војната направи херој од Зеленски

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер изјави дека украинскиот претседател Володмир Зеленски има извршено историска мисија, претворајќи се во национален херој кога неговата земја стана жртва на брутална агресија од страна на Русија, но прашање е дали ќе може да ја одржи таквата позиција и по завршувањето на војната.

Во интервју за лондонски „Сандеј Тајмс“, Кисинџер има речено дека „Зеленски стана случајно претседател на Украина“ – како резултат на длабоката фрустрација на тамошните гласачи за состојбите во домашната политика.

„Потоа, меѓутоа, се соочи со обидот на Русија да ја врати Украина во целосно зависна и подредена положба. Тогаш успеа да ја обедини својата земја, но и европската и светската јавност на еден историски начин. И, тоа е неговото најголемо достигнување“ – има речено поранешниот американски прв дипломат, неверувајќи притоа, дека по војната Зеленски ќе може да остане лидер.

Особено, откако ќе мора да прифати мир и тоа таков што ќе значи определени (територијални) жртви.

„Загубено чувство за мерка“

Кисинеџер во интервјуто зборува и за Владимир Путин и за неговото однесување. Со него се има случајно сретнато во почетокот на деведесеттите години на 20 век, во Санкт Петербург, кога беше само заменик градоначалник на овој втор по големина руски град.

Притоа, има речено дека Путин се има пројавено како лукав аналитичар, што не би требало да му е проблем со оглед на неговата долга разузнавачка активност, во советската тајна служба КГБ.

Поранешниот американски шеф на дипломатијата (во време на претседателот Ричард Никсон), меѓутоа, смета дека проблемот на Путин е што е лидер на земја за која Кисинџер смета дека е пропадната (мисли на некогашниот СССР), па затоа сега делува како политичар и лидер кој го „ИМА ЗАГУБЕНО ЧУВСТВОТО ЗА МЕРКА“.

Како што тоа го покажува со сегашната инвазија и со агресијата врз украинската територија – околу тоа колку е реално –  тоа што си го има замислено и намерено да го направи – може да се постигне. Односно, дали воопшто може да се направи, онака како што тој и неговите си го имаат замислено.

Историско патување на Кисинџер

Хенри Кисинџер кој е во длабока старост, одамна е надвор од политиката, сепак, остана вклучен во состојбата на меѓународната сцена, како врвен експерт и аналитичар.

Беше еден од говорниците и на последниот Светски економски форум во Давос, а додека можеше, поради своите години, држеше скапи предавања низ светот. Освен тоа познат е и како плоден автор на цела низа публицистички книги врзани за неговата дипломатска работа и за разните мисии кои ги извршуваше за САД.

Во политиката има влезено како советник за национална безбедност во Белата куќа, во крајот на шеесеттите години на 20 век, а стана познат во светот по неговата историска мисија – патувајќи во дотогаш изолираната НР Кина и неговата средба со Мао Цетунг.

Веднаш потоа, САД ја признаа Кина и власта во Пекинг, наместо дотогашното политичко и дипломатско признавање на Република Кина (Тајван) на Чанг Кај Шек, како единствен претставник на кинескиот народ. Уследи набргу и посета на американскиот претседател Никсон на Пекинг, по што НР Кина, на голема врата, влезе на меѓународната политичка сцена.

Мајстор на тајната дипломатија

Во седумдесеттите години, како шеф на дипломатијата, тој успеа да се спогоди за мир со режимот во Ханој, по што заврши контроверзната виетнамска војна, по која дојде до обединување на Северен и на Јужен Виетнам.

Во осумдесеттите години, Кисинџер уште еднаш успеа да ја покаже својата вештина за преговарање и „тајната дипломатија“, кога по краткотрајната Октомвриска војна меѓу Египет и Израел. Тогаш ги спаси египтјаните од понижувачки пораз, успевајќи да ги убеди Израелците, да се повлечат кога беа дојдени – на 100 км пред Каиро – и да се вратат на другата страна од Суецкиот канал – на Синај.

Остана познат по својата политика на – Детант – во меѓународните односи, во поранешниот идеолошки, политички и воено поделен свет на Западот и Истокот, цврсто уверен дека за мирот во Европа и во светот може да се одржува со политика на детант меѓу САД и СССР.

Политика која тогашното советско комунистичко раководство, на чело со Леонид Брежнев ја прифаќаше и ја подржуваше – се до распадот на Советскиот Сојуз.

Против Украина во НАТО

Во последните години Кисинџер ги разбранува духовите, кога во 2014 година, по руската анексија на Крим, се огласи со спротивставување Украина да биде дел од НАТО. Тогаш сугерираше – на властите во Киев да им се гарантира неутрален статус, како што (тогаш) имаше прокламирано Финска.

Некогашниот американски дипломат во 2019 година има речено и дека светот се наоѓа во „подножјето на нова Студена војна“. Но, овој пат не со Русија, туку со Кина, која сега ја има улогата што некогаш ја имаше Советскиот Сојуз.

Во сегашното интервју за „Сандеј Тајмс“ Хенри Кисинџер смета дека „втората Студена војна“ веќе е тука, меѓу нас, забележувајќи дека таа – потенцијално – е дури и поопасна од првата, која заврши со падот на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија и распадот на комунизмот.

Тој верува дека сега САД и Кина се главните противници, иако вели дека не мисли оти светската доминација е кинески концепт, како што тоа некогаш беше концепт на СССР.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе