Поврзете се со нас

Skopje Global

Russia

Свет

Путин покрена војна во Европа

Путин покрена војна во Европа

Владимир Путин и Русија , каква што тој ја замислува- агресивна, заканувачка кон сите и непријателска- покренаа ВОЈНА ВО ЕВРОПА , започнувајќи силна офанзива врз Украина- од сите страни. Без повод за покренување на големата руска армада –  со ракетни напади врз воени цели и врз аеродромите во близината на сите поголеми украински градови, како и со помош на тенковите кои со месеци стојат до украинската граница, очекувајќи ја командата од Кремљ.

За Путин кој се има огласено – преку порака до руската јавност, во 05, 55 по московско време,  додека граѓаните на Москва се уште спиеја, дека тргнува (наводно) да ја брани Русија- покренатата офанзива е  „специјална воена операција“ . Но , да нема повеќе залажување- станува збор за ИНВАЗИЈА  на една нуклеарна сила врз соседна земја- откако претходно, руските војници навлегоа во, од порано освоените источноукраински региони Донецк и Луганск.

Залажување со дипломатија

Ова е катастрофа за европскиот континент, е првата британска реакција за почетокот на нападот за окупација на украинската територија и секако – ова е најмрачното време за Европа, по крајот на Втората светска војна – и по поразот на нацизмот- велат во седишто на ЕУ, во Брисел.

Станува збор за неуспех на дипломатијата и за замајувањето на европската јавност ( и на оние наивници кои веруваат во искреноста на Путин) , во стилот на хитлеровата конференција во Минхен, во 1938 година, која за жал, и се повтори на Европа. Не затоа што ЕУ и Европејците сакаа војна , или сакаат да војуваат со Русите, туку затоа што човек како Владимир Путин седи во Кремљ и во своите 69 години, после 22 години апсолутна  власт, сака да ја прекројува Европа- така како што нему и на неговата Русија им одговара.

Не е, затоа,  далеку од вистината поранешниот украински претседател Петро Порошенко, означувајќи го рускиот претседател како „Хитлер на денешницата“ кој сака да ги прекројува границите и да им ја одзема слободата и независноста на државите, доколку се определат да одат по својот пат.

Во таков стил, Путин инвазијата ја оправдува како потребна, затоа што божем требало да се брани Русија од Украина (!?).

За него нема знчење  што делови од украинската територија, Русите веќе осум години имаат окупирано, туку затоа што (исто толку години) Украинците и властите во Киев вршеле „геноцид“ врз руските граѓани и руското население во источна Украина.

Напад од сите страни

Москва, според Путин, морала да реагира за да се одбрани, за да ги одбрани своите и за да ја казни власта во Киев.

Затоа морал да нареди воена операција од големи размери- па руски сили навлегуаат во Украина и од север ( од Белорусија), од истокот, преку освоениот Донбас и кон Харков, каде навлегуваат руски тенкови, но и од југ, од анектираниот Крим. Во  нам, од историјата добро познатиот стил- како агресор- Русија и Путин ги повикаа украинските војници, на истокот од земјата да се предадат и да не војуваат и да бидат убиени, а им порача на „сите од надвор“ да не се обидуваат да се замешаат воруското окупирање на Украина- затоа што веднаш ќе им биде  возвратено.

Инвазијата и војната за окупирање на јужната руска сосетка беа очекувани, уште од натрупувањето на руските воени сили на границите кон Украина.

Наивни беа руските „објаснувања“ дека виновни се Западот, Американците пред се, како дежурниот „виновник“ откако е Путин апсолутен владетел на Русија и НАТО, затоа што сите заедно се „закана“ за руската безбедност. Само затоа, што ја помагаат Украина да се одбрани од агресивната политика на Москва во изминатите осум години и затоа што ги засилуваат источноевропските сојузници- некогашни сателити на комунистичкиот СССР- иако е сосема јасно дека тоа беше и останува само обиечен изговор.

Фрустрациите на Путин

Во прашање е длабоката фрустрација на Путин од времето кога беше офицер на КГБ ( и лојален комунист за да виде разузнавач) од распадот на СССР , поради загубената советска моќ ( сега покрај САД и ЕУ, тука е и Кина) , од тоа што негова Русија не се третира како светска велесила, па тој се обидува две децении да ја измени таа ситуација. И, над се, од загубата на Украина во 2013/2014 година , кога „шарената револуција“ во Киев предизвика свртување на оваа голема земја ( втора по површина во Европа- после Русија) кон Западот.

Ваквата разврска и војната беа сосема предвидливи по оној хистеричен говор на Путин кога ја прогласи Украина за „непостоечка држава“, во земја без своја историја , која затоа не може да биде ниту држава, а Украинците да бидат посебен народ , затоа што современа Украина била (наводно) руска творба. Па, дека затоа, таа ќе се освои за да се врати во „рускиот двор“ како една од поранешните советски републики која ќе се однесува како тоа Москва ќе каже.

Оваа кгбеовска историја и ваквото дисквалификување на една  земја, само за да и се погази суверенитетот, досега се слушаше само на Балканот, од малите фрустрирани балкански држави, за да изгледаат поголеми. Но, во случајот со рускиот претседател и неговата „нова историја“ што тој , онака од рака, ја истури пред домашната и пред европската јавност, кога оправдуваше признавање на сецесија, се покажа дека  фрустрацијата ги зафаќа и големите.

„Украина не постои како држава“

Како и да е, Европа уште еднаш се соочува со сериозно повреден лидер кој и после 30 години, се уште не може да се помири дека му ја нема државата (Советскиот Сојуз) што тој ја смета за „историска целина“. Без  разлика што во времето на конференцијата во Минхен ( септември 1938) ,  реваншизмот се роди на темелите на еден меѓунарден мировен договор , кога беше создадена (практично) денешна Европа, а сегашниот реваншизам  е последица на самораспаѓањето на СССР.

Колку за потсетување,  за оние кои лесно забораваат и имаат слабост кон диктатори и авторитарни режими, претседателите на Русија, на Белорусија и на Украина (сите стари комунистички лидери) – се договорија, зад грбот на Михаил Горбачов , кого  Политбирото на ЦК на КПСС го стави  во домашен притвор- да ја растурат „црвената коминистичка империја“ и секој од 16-те републики, да си тргне по својот пат- како независни држави.

Украина во ваквата разврска , за Путин не постои како држава, освен како „историска руска територија“ , која ако и може да биде држава, тогаш мора да биде само како руски сателит. Таа, а истото важи и  за Белорусија, не може да бидат дел од Западот, од Европа, од европските демократски вредности. Барем додека тој е во Кремљ.

Нема договарање и преговарање

Аналитичари кои се смета дека го познаваат, тврдат дека Путин е школуван во школите на КГБ за да бара и наоѓа непријатели, а тие по таа школа секогаш биле , или доаѓале – од Западот . И, така се однесува  , а таква е и руската политика во изминатите 22 години.

Кога се знае ова, јасно е дека Владимир Путин не знае за дипломатија. Не ја ниту почитува, па затоа делуваат залудни сите настојувања да се смират тензиите и да дојде до деескалација. Излегува дека со него не може да се преговара или да се договара.

Тоа го знаат во Молдавија, каде без меѓународен мандат го има окупирано Истокот на земјата. Во Грузија, каде во иста ваква војна, во август 2008 година, им ја одзеде на Грузијците Јужна Осетија- наводно имало геноцид врз населението кое не сакало да остане во Грузија. Или, како што во 1991 година , Русите ја грабнаа и Абхазија. Во 2014 година почна делкањето на украинската територија- со истите изветвени „аргументи“ за „руска загрозеност“ и за „геноцид врз руското население“.

Европа, секако, ги доживува своите најмрачни часови после 77 години мир. Но, Украина и Украинците- оние кои ја чувствуаат земјата како своја, а не како руска територија- преживуваат воен напад, се соочуваат со војна и со окупација и со можниоста да бројат жртви. Најголемиот број од нив- како и во секоја војна- ќе бидат невини луѓе.

Скопје/Глобал

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе