Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Ендрју се спогоди со Вирџинија Џуфре

Chinaimages/Depositphotos.com

Ендрју се спогоди со Вирџинија Џуфре

Британскиот принц Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета, нема да се соочи со судење по приватната тужба од Вирџинија Џуфре (38) која го обвинува дека (на три пати) бил со неа во сексуална врска, во времето кога имала 17 години, откако двете страни се спогодија вонсудски, случајот да се затвори – за определен паричен износ.

Деталите за финансиската спогодба не се откриваат, а не се користи ниту терминот отштета (што порано се споменуваше), туку во спогодбата се зборува дека Ендрју (61) ќе уплати голема парична донација, со поддршка за добротворната организација за заштита на жените, што ја има создадено тужителката Џуфре.

Тужбата за сексуално вознемирување таа ја има поднесено во 2019 година.

Педофилска мрежа

Џуфре, порано позната како Вирџинија Еванс, го обвинуваше принцот дека била сексуално напаствувана, додека била тинејџерка – постара малолетничка, што принцот постојано го демантираше, тврдејќи дека немал со неа никаков однос.

Во времето од пред 21 година, за кое се водеше целиот случај, таа била дел од раширената мрежа малолетнички кои американскиот милијардер и педофил Џефри Епстајн ги користел за да им ги нуди (за соодветна надокнада) на богати и возрасни клиенти, некој од нив и негови познати и пријатели. Во тоа, како посредник, му има помагано неговата поранешна шартнерка Гислејн Максвел (60) која во основа ја имала улогата на „мадам“ што инаку ја имаат жените кои раководат со бордели.

Максвел, инаку ќерка на контроверзниот британски медиумски магнат Роберт Максвел, беше судена и осудена за подведување малолетни девојки од судот во Њујорк, а сега го чека изрекувањето на пресудата. Епстајн кој е главниот виновник во целиот овој педофилски скандал, се самоуби во њујоршкиот затвор, пред да се појави на судење.

Деманти и жалење

Ендрју кој се познавал со Епстајн, на почетокот одбиваше да прифати да има било што со целиот случај, па дури и да контактира со судот во Њујорк, откако стана јасно дека е соочен со формално обвинува. Дури тврдеше и дека не ја познава Еванс – Џуфре и покрај фотографијата на која заедно се снимени тој и тинејџерката.

Неговите адвокати подоцна се обидоа да го извлечат принцот од ситуацијата со која се соочуваше, барајќи судот да ја отфрли тужбата.

Нивниот аргумент беше дека Џуфре, од сега починатиот Епстајн наплатила – како отштета – 500 илјади долари и при тоа се согласила дека нема повеќе, кон никого, да има било какви побарувања. Но, њујоршкиот суд го отфрли ова барање, па Ендрју мораше да се соочи со процес, по приватната тужба на некогашната тинејџерка.

Казна од кралицата

Во финалната вонсудска спогодба се вели дека покрај донацијата, принцот има изразено жалење што воопшто се има поврзано со Епстајн, во исто време подржувајќи ја борбата против трговијата со сексот. Сега тој не инсистира на својата невиност, туку се согласува дека Вирџинија Џуфре има напатено од тоа што била жртва на сексуално злоставување.

Минатата година, британската кралица, неговата мајка, го казни принцот Ендрју на тој начин што му ги одзеде сите воени, кралски чинови и сите кралски титули, претворајќи го, практично, во граѓанско лице.

Кралицата не сакаше, кралското семејство на било кој начин да биде вклучено во неговиот случај и во судскиот процес. Сега е малку веројатно, дека му бидат вратени почестите што ги имаше пред да му бидат одземени.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе