Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Унгарски заем за Марин Ле Пен

btwcapture/Depositphotos.com

Унгарски заем за Марин Ле Пен

Лидерот на француската ултра – десница Марин Ле Пен има добиено заем од 10,6 милиони евра од една неименувана унгарска банка, за интензивирање на својата кампања за претседателските избори во Франција, што се одржуваат во април.

Париските медиуми пишуваат дека „вечната“ лидерка на поранешниот Национален Фронт, сега преименуван во Национално собирање, но поставен на истата крајно – десничарска основа, пишуваат дека признала за унгарскиот заем, откако претходно објави дека нема доволно пари за да ја спроведе предизборна кампања. Освен тоа, Ле Пен од порано се жали дека има проблеми да добие заем од некоја од француските банки.

Посета на Будимпешта

На почетокот, таа не откриваше која е „европската банка“ која прифатила да и даде пари на заем, но европските медиуми брзо открија дека банката е од Орбанова Унгарија, иако признаваат дека не ќе може да се разбере за која станува збор, поради клаузулата за доверливост.

Во секој случај, се знае дека Марин Ле Пен престојуваше во октомври во Будимпешта, на средба со тамошниот премиер кој идеолошки е сосема близок до ултарштвото на француската политичарка. Во унгарскиот главен град таа престојувала откако таму бил и еден друг десничар од Франција.

Ле Пен подолго време се жали дека ниту една француска банка не сака да и даде заем или да ја кредитира нејзината кампања, затоа што поголемиот дел од француската јавност и натаму на ќерката на поранешниот лидер на партијата, националист и расист Жан Мари Ле Пен се глдеа како на ултрашка партија која заговара меѓуетничка, меѓурасна и меѓуверска омраза.

Сомнителни заемодавачи

Таа ги има обвинето домашните банки дека „имаат фрлено фатва“ за неа и за нејзината партија, па за тоа му се има пожалено дури и на претседателот Емануел Макрон.

Но, се смета дека со унгарскиот заем партијата и таа ќе може да ја „ревитализираат“ кампањата која досега изгледаше мошне скромно. Банката, пак, се смета дека е сигурна оти парите ќе ги врати назад, може и брзо, доколку Национално собирање со Ле Пен успеат да влезат во вториот круг, што според сегашните прогнози, се очекува да се случи.

Според француските закони, на кандидатите кои ќе се најдат во вториот круг им следува рефундирање на трошоците од 47,5 отсто, што за изборите во 2017 изнесуваше 10,7 милиони евра – колку што е заемот добиен од Унгарците.

Ова не е прв пат Марин Ле Пен да има проблематичен и сомнителен заемодавач. Во 2014 година, на пример, таа доби руски пари за завршување на изборната кампања, како заем од Прва руско – чешка банка, која подоцна, едноставно, згасна и исчезна од регистарот на банките. Таа година, Ле Пен доби девет милиони евра.

Кремљ ја подржува крајната десница

Случајно или не, од тогаш трае „големото меѓусебно почитување и обожување“ меѓу Марин и Владимир Путин.

Во март таа година, Русија го анектираше Крим и го стави под своја контрола Донецк и Луганск, користејќи ги источно – украинските, проруски, сепаратисти, Ле Пен му има ветено на рускиот претседател дека ќе има сосема различен став кон украинските состојби, од оној на официјален Париз и ќе се противи на санкции за Москва. Таа тоа го правеше и се уште го прави.

Европски политички експерти велат дека Путин од тогаш (посебно) одржува блиски односи со крајна десница во земјите на ЕУ, помагајќи ги со пари, за да дејствува на разбивање на единството во Унијата и за нејзината дестабилизација.

Таа работа ја вршат не само партијата на Ле Пен, туку и онаа на италијанскиот краен десничар Матео Салвини, како и унгарската Фидес на Виктор Орбан, меѓу другите.

Велат дека Москва тоа го прави и со ултрашите во земјите кои не се во ЕУ, посебно на Западен Балкан, купувајќи ја нивната лојалност за руските потреби и овозможувајќи им на таквите лидери – десничари и националисти да останат на власт што е можно подолго. За да се спречи европскиот пат на земјите кои се кандидати за влез во ЕУ и за да не се зачленуваат во НАТО.

Креирање „црна алијанса“

Во таа улога,  во ЕУ, најмногу се има пројавено Унгарецот Орбан, затоа што од сите крајни десничари во земјите од Унијата, само тој е на власт – веќе над една деценија.

Штитејќи се и себе си – веќе сега како апсолутен господар во својата земја – тој се обидува да создаде „црна алијанса“ од европските партии на крајната десница, во која неговата Фидес би била еден од столбовите, за креирање на некаква паралелна ЕУ на крајната десница. Нудејќи им членство и на Полска, на Словенија со Јанез Јанша, но и на Бугарија, во времето кога Софија настојуваше да им служи на руските интереси на Балканот.

Една ваква Алијанса не би била оставена без „сестринските“ партии од Западот, ниту без западнобалканските крајни десничари во Србија, во српската енклава Република Српска во БиХ, или вмровците во Македонија.

Таквата политика на (практично) политичкото подземје на Европа, како што се нарекуваше порано, ги загрижува европските и француските аналитичари кога станува збор за унгарскиот заем за Марин Ле Пен што сигурно бил одобрен со знаење на Орбан.

Овие аналитичари се сомневаат дека Унгарците можеби само служат како параван за (одново) руски пари во кампањата во Франција. Но, така или не, се согласуваат дека заемот за крајната десница, на само педесетина денови пред француски избори – треба да се гледа како дел од проектот за европската „црна алијанса“.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе