Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Зеленски: Досега најголема подршка за Украина

Bumble-Dee/Depositphotos.com

Зеленски: Досега најголема подршка за Украина

Украинскиот претседател Володмир Зеленски, конечно, е задоволен од односот на Западот кон неговата земја и кон заканата од руска инвазија, па во изјава во украинската Рада (Парламентот) на пратениците им изјави дека “поддршката за Украина е најголема после 2014 година“ и окупацијата на Крим и на Донбас.

Ваквата изјава се совпадна со престојот на тројца европски премиери – на Британија, Полска и Холандија – во Киев, кои имаат донесено силна поддршка за украинското настојување да ја сочува својата територијална целост, пред можноста земјата да биде нападната од Русија.

Во исто време, поголема група украински пратеници, застанаа пред говорницата во Парламентот со истакнати државни знамиња на земјите од НАТО кои имаат испратено, или ветија помош за одбраната на Украина.

Помош од Европа

Британскиот премиер Борис Џонсон има ветено помош од 120 милиони долари, во гаранции за енергетската независност на Украина од Русија, заедно со определено количество дефанзивно оружје.

Полскиот премиер Матеуш Моровјецки, пак, има понудено одбранбено оружје, како дронови и против – авионски ракети, но и хуманитарна помош. Полска се подготвува да прими (евентуално) украински бегалци на својата територија во случај на руска инвазија.

Русија, меѓутоа, продолжува да демантира дека планира напад врз украинската територија. Сепак, околу 120 илјади војници, со тенкови, артилерија и ракети остануваат во пограничната зона, сосема блиску до територијата на соседната Украина. Во исто време, Москва продолжува со контра нападите кон САД, пред се, како и кон НАТО и Западот дека (наводно) „сакаат да ја вовлечат Русија во војна“!?

Во меѓувреме, се подготвува нова рунда американско – руски состаноци за да се најде мирно решение за кризата, но заканата од напад врз Украина и од голема воена криза на Истокот од Европа, останува да постои – без засега да се види дека дипломатијата може да победи пред натрупаното оружје.

Заобиколена од сите страни

Москва продолжува да носи оружје и војска – овој пат на територијата на Белорусја која е над целата северна граница на Украина, па земјата сега е опколена од сите четири страни со руско оружје.

Од белоруската територија (за наводно претстојната вена вежба), од североисточната страна и од Истокот – од Русија, од југот, од полуостровот Крим, како и од југозападот, од Молдавија (од реонот на Придњестровје, каде Русија има војска уште од 1991 година, без никаков меѓународен мандат).

Освен тоа, во сите изминати осум години, Москва на проруските бунтовници во Донбас им има испорачано најразлично оружје.

Тоа го прави и сега, во сите изминати месеци од почетокот на најновата гранична криза што ја има создадено руската страна, откако почна да носи воена сила, за да се пазари со Западот и со САД за некакви нови гаранции за „безбедноста“ на Русија – практично – за создавање нов СССР, под поинакво име.

Во едно вакво опкружување, Украина и нема некој голем избор.

Потреба од деескалација

Додека Британија, со Полска и Холандија може да си помагаат едни на други, затоа што се членки на НАТО, Алијансата не може на тој начин да и помага и на Украина. Земјата не е дел од Алијансата, ниту пак, официјално има побарано, а ниту НАТО има за тоа одлучувано за тоа, па во случај на руски напад, Киев не може да очекува помош од НАТО војници на својата територија.

Зеленски, затоа, сега најави зголемување на украинската војска за уште 200 илјади војници. „Овие нови воени сили не се за да одиме во војна. Тоа им го соопштувам на сите, туку за да се обезбеди мир во Украина и тоа што е можно побрзо“ – рекол украинскиот претседател.

Европските лидери, во изминатите недели, комуницираа и со рускиот претседател. Емануел Макорн, на два пати, како и италијанскиот премиер Марио Драги, телефонски разговараа со Путин, при што и францускиот претседател и Драги зборувале за потребата од деескалација на кризата.

Воената моќ е на руска страна

Во Москва се најде и Виктор Орбан, кого европските медиуми веќе го означуваат како руски „Тројански коњ“ во ЕУ. Унгарецот кому сега (за пред избори, за домашната јавност) му треба да изигрува и „миротворец“ го информирал Путин дека – никој од лидерите на ЕУ не сака војна.

Како и да е, сегашната слика за воената може на двете страни е убедливо на страната на Русија.

Таа на секаков начин е воено помоќна од украинската, колку и Украина да прима помош и да ја модернизира својата (доскоро) трома и нереформирана армија.

Украина има 1,1 милион војници, додека Русија 2,9 милиони. Киев може да смета на 98, а Русија има на располагање 1511 борбени авиони, разликата кај борбените хеликоптери е 1:12 во руска полза. Украина има 2600. а Русија 12.250 тенкови. Повеќе од двојно, руската армија има оклопни возила и транспортери, во однос на украинската, додека кај артилериските орудија – Украина може да користи две илјади, додека руската страна – 7570 топови од разни калибри.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе