Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Санадер (конечно) осуден за примање унгарско мито

Bumble-Dee/Depositphotos.com

Санадер (конечно) осуден за примање унгарско мито

Врховниот суд на Хрватска ја потврди првостепената пресуда на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, некогашен лидер на (и сега владејачка) ХДЗ – на шест години затвор.

Со тоа, конечно, се стави точка на долгиот и развлечен корупциски, политички и правосуден случај, за примањето мито од унгарската нафтена компанија МОЛ, при купувањето на хрватската нафтена индустрија (ИНА) од страна на Унгарците.

За давање поткуп – подмитување на хрватскиот премиер – на две години затвор, судот го осуди и унгарскиот државјанин Жолт Нернади. Унгарецот беше осуден во отсуство.

Според образложението на пресудата, Санадер и Хернади се спогодиле дека – за мито од десет милиони евра – ќе се обезбеди склучување на (безправна) измена на договорот, во делот што се однесува на хрватската ИНА, за да унгарската МОЛ, по заобиколен пат, стекне мнозинско влијание врз домашната нафтена компанија.

Со вака направената спогодба, премиерот, како и тогашниот прв човек на унгарската компанија, се договориле за издвојување на работењето со гас ( од нафтената индустрија), кое Унгарците целосно и го оставаат на Хрватска.

Десет милиони евра поткуп

Санадер користејќи ја својата премиерска функција успеал да се наметне врз целата влада за да таа склучи еден ваков договор со унгарскиот МОЛ, според кој второобвинетиот Хернади ќе му исплати на хрватскиот премиер 10 милиони евра.

За да се прикрие исплатата, двајцата осудени се согласиле, парите да поминат низ разни фиктивни договори – главно за советодавни и други услуги – преку едно трговско друштво. Сето тоа се случувало во 2009 година, кога на ова трговско друштво Унгарците му префрлиле пет милиони евра, односно половината од договорниот поткуп за Санадер, што друштвото, подоцна, требало да му ги префрли на премиерот.

Втората половина од договореното мито, меѓутоа, не била исплатена. Судот, со пресудата од Санадер ги има одземено  петте милиони што биле на сметката на трговското друштво и тие се префрлени во хрватскиот буџет.

Десетгодишно развлекување по судовите

Загрепските медиуми пишуваат дека Врховниот суд, како олеснителна околност ја има земено возраста на Санадер – тој има 68 години – како и нарушеното здравје, додека како отежнувачка околност е споменато тоа што станува збор за висок државен функционер и за премиер на Хрватска.

„Како висок функционер требало да биде пример за углед не само на сите министри во владата, туку и на граѓаните, но наместо тоа тој му има нанесено и штета на угледот на државата“ – се вели во соопштението на Врховниот суд, во кое се инсистира дека кривичното дело било сторено само за негова лична полза и за лично збогатување.

Ова и не е единствената пресуда против поранешниот премиер и партиски лидер.

Врховниот суд ги објави пред десетина денови пресудите против Санадер и ХДЗ, како правно лице, за извлекување на 70 милиони хрватски куни, од државните институции и компании, во антикорупциската афера, позната во Хрватска како „Фими – Медиуми“. Станува збоз за случај кој се провлекуваше низ хрватското судство десет годни и во тамошната јавност стана синоним за политичката корупција во оваа поранешна ЈУ република.

Казни и за партијата ХДЗ

Со правосилната пресуда на Врховниот суд, казната за овој случај на Санадер му е намалена од осум, на седум години, а на државата ќе мора да и врати 14,9 наместо првично пресудените 16,2 милиони куни.

Партијата ХДЗ кој преку аферата ги има наполнето партиските „црни фондови“ – на државата ќе мора да и врати 14,6 милиони куни, како и да плати казна од 3,5 милиони. Освен тоа, тројца партиски функционери се осудени на затворски казни.

Иво Санадер, во 2009 година, неочекувано поднесе оставка на функцијата, а веднаш потоа, беше покрената истрага против него – за корупција.

Тој не е во бегство и не се крие кај Унгарците, туку ги издржува затворските казни за „Фими – Медиуми“ и за една друга криминална афера. Сега треба да му се додаде казната за ИНА/МОЛ, а го чека уште едно судење. Кога ќе заврши и тоа судење, ќе му се определи една вкупна затворска казна – за сите четири случаи.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе