Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Колин Пауел: војник и дипломат

Колин Пауел: војник и дипломат

Поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел, првиот афро-американец на оваа функција, почина, од последиците на коронавирусот.

Пауел, кого многумина Американци го гледаа и како можен кандидат за Белата куќа (како потпретседател номиниран и од двете американски партии, а во еден период и како претседател) уште пред изборот на Барак Обама, стана најпознатата јавна личност-жртва на пандемијата со Ковид-19 во САД, но и низ светот. Имаше 84 години и сега се разбра дека имал нарушено здравје, што го има направено лесно ранлив на опасниот вирус.

Почитуван и дома и низ светот

Неговата смрт предизвика американските медиуми да се осврнат на неговата долга и богата кариера како војник, дипломат и политичар, инсистирајќи на тоа дека на сите позиции на кои се има најдено, до своето повлекување од јавниот живот, останува респектиран – и дома, во Америка и низ светот.

Роден во Њујорк (во црнечкиот кварт Харлем) од родители, дојдени од Јамајка, Пауел во армијата влегува продолжувајќи ја традицијата, започната од неговиот татко. Првата локација во која е вклучен, надвор од Америка, е тогашен Јужен Виетнам, каде претседателот Џон Кенеди, во 1962 година, испрати повеќе илјади американски „советници“ за борба со комунистите од северот на поделената земја.

По враќањето од Виетнам, во 1968 година, каде на два пати бил ранет, е унапреден во бригаден генерал и за прв пат именуван како воен советник на владата. Кусо соработува со администрацијата на претседателот Џими Картер, но многу повеќе се ангажира со администрацијата на Роналд Реган. Во 1987 година веќе е советник за национална безбедност. Кога Џорџ Буш (таткото) стана претседател на САД, Пауел е поставен за раководител на заедничкиот команден штаб на армијата на САД – највисоката позиција во Пентагон.

На 52 годишна возраст и како првиот афро-американец кој ја има добиено таа функција.

Пустинска олуја

А тоа е времето на првата Заливска војна и интервенцијата против Ирак и првата ситуација во кока доаѓа до судир меѓу политиката (на САД) и неговата доктрина. Таа, пак, е определена од позицијата на Пауел дека воената интервенција е доказ за неуспехот на сите дипломатски, политички и економски средства, но дека кога веќе ќе се тргне во акција, тогаш ќе мора да се употреби максимална сила против непријателот, со минимални последици за силите на САД.

Се смета дека ваквата негова воена доктрина е последица на Виетнамската војна и на неговиот став дека Американците не смее да се најдат во долг, неизвесен и исцрпувачки конфликт, каков што беше оној во Југоисточна Азија, на почетокот од неговата воена кариера.

Пауел, на почетокот е против воена интервенција на Блискиот Исток, но операцијата „Пустинска олуја“ која не беше само американска, туку стана мулти – национална беше успешна, а Пуел се врати од фронтот и како меѓународно познат, па во Вашингтон стана Началник на Генерал – штабот на американските воени сили.

Несогласувања со Рамсфелд и Чејни

Во еден кус период тој соработува со новата администрација – на претседателот Бил Клинтон, но се повлекува, објаснувајќи го тоа дека во владата има „премногу либерали“ со кои не може да работи. Особено што се има и јавно сукобено со Медлин Олбрајт, како амбасадор на САД во ОН, околу воената интервенција во Босна, за што Пауел се спротивставува. Во таа полемика тој ја има брането тезата дека американските војници не може да се разместуваат по фронтови низ светот како да се пиони на некаква глобална шаховска табла.

Ја напушта армијата на САД во 1993 година и почнува полека да се врти кон политиката.

Станува републиканец и во еден момент изгледаше дека би можел да биде и против кандидат за претседател – на Клинтон, за неговиот втор мандат. Сепак, тоа не се случува – велат – затоа што Пауел нема толку високи амбиции во политиката. Но, кога Џорџ Буш (синот) станува претседател, го именува за државен секретар во Стејт департментот – првиот шеф на дипломатијата од црнечката заедница.

После терористичките напади во септември 2001, врз Њујорк и Вашингтон, Пауел е против воена интервенција, без поддршка за тоа од сојузниците и од меѓународната заедница, а беше и против инвазија врз Ирак и режимот на Садам Хусеин, во март 2003 година.

Војната против Садам

Но, на крајот воинствениот шеф на Пентагон Доналд Рамсфелд и потпретседателот на САД, Дик Чејни го убедуваат во неопходноста од нападот и тој, на крајот, прифаќа.

Од тоа време е и единствената негова „дамка“ во вкупната кариера, како што тоа го означуваат противниците на ирачката воена интервенција.

Станува збор за неговото обраќање во Советот за безбедност на ОН, кога врз основа на нецелосно точните разузнавачки податоци, ја бранеше интервенцијата врз Багдад со ирачкото поседување на оружје за масовно уништување.

Садам, навистина, имаше употребено такво оружје – и тоа на два пати – против сопствениот народ. Еднаш против локалните шиити, а втор пат, против ирачките Курди, кога во селото Халабџа беа потепани, со хемиско оружје, околу пет илјади лица – главно жени, деца и старци.

Меѓутоа, оружјето што требаше допрва да се произведува, не беше во тој момент директна закана за Западот, или за САД.

Напуштање на републиканците

Набргу потоа заминува од администрацијата, означувајќи го тој настап во ОН како неговиот „болен момент кој не се заборава“. Од тогаш, тој станува остар критичар на бушовата администрација, иако со семејството Буш беше личен пријател.

Во 2008 година, прави целосен политички пресврт, кога го подржува Барак Обама за претседател. Потоа ја подржува и Хилари Клинтон, а како умерен републиканец, доаѓа во судир со Доналд Трамп и неговото налуднчаво водење на политиката – во САД и низ светот, па тогаш целосно ја напушта Републиканската партија и се свртува кон демократите.

За него сега велат дека во сите години минати како војник и дипломат, ја покажувал својата умереност и генијалност за спогодување, поради што беше омилен и баран – како кај републиканците, така и кај демократите – што е реткост во Америка.

Можеше да биде и вториот Двајт Ајзенхауер кој воената униформа (во Втората светска војна) ја замени со политиката и стана претседател на САД. Но, Колин Пауел, не отиде толку далеку. Велат затоа што (иако војник) секогаш беше против унилатералните воени интервенции.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе