Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Иран: Заложници на двојното државјанство

efired/Depositphotos.com

Иран: Заложници на двојното државјанство

Повеќе стотина Иранци кои поседуваат западни пасоши и западно државјанство се задржани – уапсени и судени како „западни шпиони“ – или едноставно, се заточени во Иран, за да може државата да ги користи како заложници на двојното државјанство што го поседуваат.

Намерата на властите во Техеран е преку пазарлак со западните земји (за ослободување, или за пуштање на овие луѓе, да си заминат од Иран), таму каде сега живеат,  да  изнудат некаква концесија , или нешто што би било корисно за иранската власт.

Пазарлак со Западот

За сите вакви случаи,  властите се служат со домашното законодавство кое не предвидува двојно државјанство, па поради тоа, не се прифаќаат ниту странските пасоши, на родените Иранци, кога ќе дојдат во приватна посета кај свои роднини, или кај пријатели  во земјата од каде потекнуваат. За тамошните власти – сите тие – кога се на иранската територија не се странци, туку  само ирански државјани, за кои важат само иранските закони.

Затоа е смислена „техниката“ да ги обвинуваат и да ги судат овие луѓе, најчесто, без никаква правна основа, а најмалку за она за што формално се обвинуваат – дека допатувале во Иран, за да ја соборат актуелната власт. Во едни такви услови, правната процедура, за вина, или за невиност , за техеранската власт, нема никакво значење.

Единствената шанса за разрешувањето на ваквите случаи останува спогодувањето – во стилот на добро познатиот блискоисточен пазарлак . За тоа- што ќе добие Иран со ослободување на некој Иранец, носител на двојно државјанство – сместен во затвор . Во тоа нема никаква правна постапка, ниту тоа е дел од некој закон, па затоа,  западните земји, најчесто,  не го прифаќаат.

Но, тогаш овие Иранците се осудени да останат бесконечно во затвор, во заточеништво, без можност да заминат. Оставени само на волјата на властите во Техеран.

Случајот на Захари – Ратклиф

Најтипичен пример за таквото однесување е апсењето на Британката Назанин Захрави – Ратклиф, која по венчавката со Британец има добиено и британско државјанство и британски пасош.

Нејзиното страдање, предизвикано од ( во Лондон велат)  изживувањето на иранските власти, почнува уште во 2016 година. Тогаш,  за иранската нова година, таа допатувала во Техеран, со својата во тоа време едногодишна ќерка, во посета кај своите родители. Во Британја таа не е никаков политички активист, ниту се има замешано во иранските политички состојби. Работи како еден од директорите за проекти за хуманитарната Фондацијата Томсон/Ројтерс.

Меѓутоа, кога по проведените празници тргнала да се врати дома, во Лондон, на техеранскиот аеродром била уапсена од припадниците на Иранската револуционерна гарда (создадена уште пред четириесетина години за да ја чуваат иранската исламска револуција). Била обвинета за „ковање заговор против Иран, за соборување на власта“. За нејзиниот престој во Техеран, во обвинувањето стои дека допатувала “за да раководи со странска непријателска мрежа“, па судот ја има осудено Захрави – Ратклиф на пет години затвор.

Измислени обвинувања

Иако невина и осудена без никакви правно валидни докази, таа ја има издржано затворската казна, па во април оваа година, требаше да биде пуштена од затвор. Поради избувнувањето на пандемијата,  последната година од казната, (како и голем број други затвореници) ја има издржувано во домашен притвор, во домот на нејзините родители, со елктронска белегзија на ногата и без право да излегува од куќата каде била сместена.

Но, пред да и истече казната, нејзиниот техерански адвокат, определен по службена должност, бил известен дека против Захрави – Ратклиф е подигнато ново обвинување – овој пат за (наводно) „ширење пропаганда против иранскиот систем“. За тоа,  е осудена – без никакво сослушување, или судење –  дополнително – на уште една година затвор!

Деновите, преку адвокатот била известена дека нејзината жалба на одлуката е одбиена.

Оваа млада жена веќе има издржано затворска казна од 5,5 години, без да има сторено некакво  кривично дело. Уште помалку за обвинување, за кое – да е навистина така – би била осудена на смрт. Британската влада , затоа,  реагираше со остра осуда на иранските власти, обвинувајќи ги дека  вршат тортура врз оваа жена, која својата  ќерка, што сега има 6,5 години, ја гледа само преку сликите што ги испраќа нејзиниот британски сопруг.

Иран ги бара парите на шахот

Осудата од британскиот Форин Офис, меѓутоа, нема да ја извлече од заточеништво оваа британска Иранка, која би можело и после една година да добие уште некоја дополнителна казна, затоа што за нејзиното пуштање Иран бара враќање на – повеќе од 40 години – стариот британски долг.

Станува збор за околу 400 милиони фунти (550 милиони долари) што уште во времето на поранешниот шах Реза Пахлави, Техеран ги има уплатено во Британија, за купување британски тенкови. Зделката никогаш не била реализирана, затоа што набргу по склучување на договорот, се случува превратот во Иран и победата на иранските исламисти, па во таквите услови  е запрена секаква воена соработка со новата власт на иранските ајатоласи.

Сегашната власт од поодамна ги бара парите, а сега настојува тоа да го постигне преку ваквото, неоснованото апсење и држење во заложништво , практично, казнувајќи ја неа за нешто што се случило уште пред таа да биде родена!

За нејзината слобода Британија треба да плати 400 милиони, на кои исламистите полагаат право, иако се уплатени од поранешниот шах. Официјален Лондон настојува да се извлече некако од уцената во која е сместен, но власта во Техеран, остануваат на својата досегашна позиција – дека ослободувањето на Захрави-Ратклуф   – има своја цена и таа мора да се плати.

(Д.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе