Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Кралицата Елизабета е потомок на Хенри Осми?

Кралицата Елизабета е потомок на Хенри Осми?

Британската кралица Елизабета Втора која е суверен на Обединетото кралство уште од 1952 година, исто толку време таа е и поглавар на Англиканската црква.

Станува збор за ситуација која е создадена во времето на англискиот крал Хенри Осми, кој бил и првиот поглавар на новата црква што била создадена после црковно – религиозното отцепување на Англија од туторството на Ватикан.

Хенри, од династијата Тјудор, пак, во историјата е означен како еден од најнеславните англиски кралеви. Шест пати се има женето, три од неговите жени биле убиени, а новата (протестантска) црква на која самиот се назначил да биде нејзин поглавар е смислена само за да може кралот Хенри да се прежени – за својата љубовница Ана Болин.

Хенри создава своја црква

За тоа било потребно, прво да се разведе од дотогашната сопруга, кралицата Катерина Арагонска, католичка и шпанска принцеза, што католичката црква и Ватикан не го дозволувале.

Откако преговорите на Лондон со Папата не донеле никаков резултат, што ќе го задоволил Хенри, кралот на Англија се одлучил за радикално решение – формирал нова црква, себе си се ставил на нејзиното чело и како врховен црковен поглавар – го поништил сопствениот брак.

Од бракот со Ана Болин се родила ќерка, во историјата позната како кралицата Елизабета Прва, една од најуспешните англиски монарси. Владеела 45 години, што е исклучително долго за тоа време.

Сегашната кралица Елизабета, пак, веќе сега е влезена во англиската и британската кралска историја, како монархот кој е уверливо најдолго на престолот.

Овие историски факти, деновиве одново беа претресени од лондонскиот „Дејли Експрес“ трагајќи по можната врска на британската кралица со династијата Тјудор од 16 век и со нејзиниот најпознат претставник – кралот Хенри Осми.

Без крвна врска на двете Елизабети

Колку што досега се знае – нема докази за директна (крвна) врска меѓу двете Елизабети. При истражувањето на ова прашање, се тргнува од тоа дека Елизабете Прва немала деца и не оставила потомство. Како некаков доказ се зема и нејзината (наводна) изјава дека не и требал сопруг – била омажена за Англија.

Но, иако меѓу нив двете нема директна семејна линија, сегашното британско кралско семејство, сепак, има далечна врска со династијата Тјудор.

Таа врска оди преку кралицата Маргарет од Шкотска, која е баба на шкотската кралица Мери и сестра на кралот Хенри Осми.

Историчарот Роберт Стедал кој трага по врската на сегашната британска кралица со Хенри и со Тјудорови, објаснува дека шкотска кралица Маргарет е врзана со сегашната британска династија Виндзор. И, тоа така што Елизабета Втора има 1:32, 7 отсто од крвта на Маргарет од Шкотска, што пак за историчарот значи дека сегашната кралица на Обединетото кралство – води потекло од сестрата на Хенри Осми.

Далечна врска со Тјудор

Крвната линија, според Стедал, се движи понатаму преку Мери од Шкотска и потомството што таа го имала и почнува со нејзиниот син Џејмс Први од Англија, а оди преку неговите деца и нивните потомци. За еден од нив, се тврди, дека е директен предок на сегашниот принц Вилијам, кој е вториот во редот претенденти на британскиот престол.

„Според моите калкулации, ваквата крвна низа, го прави Хенри Осми, 14 – ти пра – пра вујко, а крвното сродство со кралицата Маргарет, семејството Виндзорови го имаат во однос 1:32,7 отсто“ – рекол историчарот за лондонскиот весник.

Како и да е, се тврди дека официјалното име на Елизабета Втора, како британски монарх, директно потекнува од нејзината далечна врска со Тјудорови.

Кога во 1952 година, тогаш принцезата – престолонаследничка Елизабета ја прашале кое службено име ќе земе како кралица, по смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести, таа побарала тоа да биде нејзиното крстено име.

Британската кралица е крстена како Елизабета Александра Мери Виндзор.

Крстено и кралско име

Кралските правила овозможуваат при устоличувањето на нов монарх – таа, или тој – да можат да одберат за себе друго име. А, тоа во англиската и британската кралска историја веќе било применувано.

Тоа го направил нејзиниот чичко, кралот Едвард Осми, кого блиските и пријателите го викале Давид. Како монарх го зел името Едвард, но тоа име го носел кратко, до абдикацијата, за да се венча со Американката Волис Симпсон.

Наместо него, крал станал помладиот брат, таткото на сегашната кралица, кој при устоличувањето го зел името Џорџ Шести. Доколку сакала, Елизабета би можела да одбере друго кралско име. Во тој случај, најверојатно, би била кралица Александра, или Мери.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе