Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Војна“ со протерување дипломати

Александар Петров и Руслан Боширов

„Војна“ со протерување дипломати

Руското министерство за надворешни работи го повика (во понеделникот) бугарскиот амбасадор во Москва за да го извести за одлуката – да бидат протерани од земјата двајца дипломати на Бугарија, означувајќи го тоа свое решение како одговор (реванш) на руската страна на претходното протерување на двајца руски дипломати, од амбасадата на Русија во Софија.

Од Москва се протерани првиот секретар на бугарскиот конзулат, како и првиот секретар на дипломатското одделение за трговија и за економски прашања, при дипломатската мисија на Бугарија во рускиот главен град.

Руски шпиони во Софија

Бугарската влада, во март, непосредно пред тамошните парламентарни избори одлучи да протера руски дипломати, обвинувајќи ги Русија и нејзини дипломати од софиската амбасада дека имаат создадено разгранета шпионска мрежа, во која (според бугарските власти и спроведената истрага) биле вклучени и поранешни и сегашни функционери на министерството за одбрана на Република Бугарија.

Ваквата ситуација на меѓусебно протерување дипломати меѓу овие две земји, какви и да се причините за тоа, претставува изненадување, затоа што тоа ја покажува кризата во односите меѓу двете земји и силната недоверба која е создадена меѓу Москва и Софија, бидејќи долги години наназад, двете држави имаа и одржуваа традиционално блиски и пријателски врски.

Како низ историјата, од фактот дека токму Русија ја има ослободено Бугарија од долгото османлиско ропство, па преку годините на „братската дружба“ во времето на комунизмот, до посткомунистичкиот период и транзицијата во двете држави, до тоа дека станува збор за две соседни земји кои ги дели Црно Море.

Менување страна

Разделбата и раскинот на „братската љубов“ тргна од моментот кога во Софија одлучија да сменат страна – па наместо некогашниот СЕВ (Совет за взаемна економска помош на земјите од источна Европа, предводен од СССР, во време на комунизмот) да се свртат кон Западот – кон Европската унија и кон членството во НАТО.

Сепак, сите бугарски влади по тоа, продолжија да одржуваат блиски односи со Москва, не само владите на бугарската социјалистичка партија, која е традиционално русофилска, туку и на десно – центристичкиот ГЕРБ на сега бившиот премиер Бојко Борисов.

Секако, најмногу поради економскиот интерес на бугарската страна – затоа што оваа балканска земја и сега како членка на ЕУ е најмногу зависна од руската нафта и гас од сите други во Унијата – дури 75 отсто од сите енергетски потреби доаѓаат од Русија.

Кризата настана од пред 1,5 години, од октомври 2019 година, кога на релацијата меѓу Москва и Софија се случија повеќе разузнавачки афери за кои Бугарија ги обвинува Русија и „недозволените шпионски активности“ на руските дипломати стационирани на бугарска територија.

Има-нема АЦ „Белене“

Според софиските медиуми, сите афери се врзани за економските и за воените прашања, откако Бугарија се определи да купува американски борбени авиони, како замена за авионите од советско време, како и околу изградбата на нова атомска централа, кај местото Белене во северна Бугарија, сместена меѓу сегашната АЦ „Козлодуј“ и градот Русе, на крајниот североисток.

Владата на Борисов која имаше договор за изградба со Русија и опремата веќе е пристигната, се откажа од планот наводно поради штедење, па наместо изградба на нова нуклеарка се определи за поинакво решение – набавената опрема да се искористи за доградба на старата АЦ, уште од времето на Советскиот Сојуз. При тоа, во сегашниот проект се појавија и Американците, преку нивниот енергетски гигант „Вестингхауз“.

Во секој случај, за изминатите осумнаесетина месеци бугарските власти имаат протерано петмина руски дипломати, што секако зборува за зголемената шпионска активност на Русија на бугарска територија, како и максимално засилената ревност на Бугарија, тоа да го следи, да го бележи и да реагира.

Амбасадорите се враќаат дома

Најновиот развој во бугарско – руските недоразбирања, во стилот – око за око – во врска со реагирањето на кризата во односите, не е изолиран случај, затоа што тој треба да се стави во рамките на – од пред неколку месеци – започнатата специфична „војна“ за одмерување на силите во меѓународните односи – низ протерувањето на дипломати.

Тие отсекогаш страдале во ситуации кога ќе дојде до вакви политички кризи, но тие сега се интензивирани на релацијата Русија – Западот и се повеќе наликуваат на годините на „студената војна“ на европскиот континент, кога освен протерувањето дипломати, имаше и бројни „пребегнувања“ на шпиони преку тогашната „Железна завеса“.

САД и Русија „разменија“ по десет протерани дипломати од едната и од другата земја.

Односите толку се оладени што прво рускиот амбасадор замина од Вашингтон на „консултации“ во Москва и таму ќе остане (сигурно) извесно време, а од пред некој ден, на таков вид „консултации“ замина и Американецот од рускиот главен град.

Франција најавува дека е подготвена да реагира на сличен начин, со воведување и на санкции кон Русија, поради, како што се вели во Париз, руската агресивна политика кон Западот и посебно кон ЕУ. Европската комисија веќе има протерано двајца Руси со дипломатски статус во Брисел, а меѓу Русија и Чешката Република е покрената „вистинска војна“ во која Чесите се на работ да останат без ниту еден свој дипломат во Москва.

Експлозија во 2014 година

За разлика од традиционално блиските односи на Софија со Русија, во Прага никогаш не постоела таква блискост и топлина. Особено по 1968 година, кога СССР предводеше воена интервенција и окупација на тогашна Чехословачка, кога тогашното водство на КП на ЧССР се определи за „социјализам со човечко лице“, по углед на социјалистичка Југославија од тоа време.

Сегашната криза во чешко – руските односи настана откако владата на Андреј Бабиш во Прага обвини двајца разузнавачи на руската тајна служба ГРУ за експлозијата на еден голем магацин за муниција и за оружје, во 2014 година.

Работата уште повеќе се искомпликува кога Чесите објавија дека имаат докази оти извршители на експлозијата се истите двајца оперативци на ГРУ кои во март 2018 година извршија атентат врз поранешниот двоен (руско – британски) шпион Сергеј Скрипал, сега бегалец во Британија.

Прага бара солидарност од ЕУ

Скрипал го преживеа нападот со силно отровниот нервен агенс „новичок“, извршен во неговиот дом во англискиот град Солзбери, а британскиот Скотланд Јард ги идентификува напаѓачите како Александар Петров и Руслан Боширов.

Но, чешката контра – разузнавачка агенција се сомнева дека тоа е нивниот вистински идентитет, затоа што за (истите) ликови имаат најдено лажни пасоши од три земји – Русија, Таџикистан и Молдавија.

Чешка веднаш протера 18 руски дипломати, а Москва веднаш реагираше со протерување на 20 чешки дипломатски службеници, не чекајќи како во случајот со Бугарија безмалку еден месец, за реципрочна реакција.

Прага, во меѓувреме повика на солидарност од земјите на ЕУ, во казнувањето на руските активности на територијата на Унијата (ја доби поддршката од Словачка и од Унгарија) и се закани дека ќе ги протера сите руски дипломати од својата територија.

Во меѓувреме, кризата на релацијата Москва – Прага се продлабочи, откако Чешка ја откажа нарачката на руската вакцина Спутник Ве, а и забрани на руската компанија „Русатом“ да учествува во тендерот за изградба на атомска централа во јужна Чешка.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе