Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Алба ја „лади“ идејата за нов референдум

wollertz/Depositphotos.com

Алба ја „лади“ идејата за нов референдум

Лондонски „Економист” на почетокот од оваа 2021 година, ја прогласи Никола Старџен, лидер на Шкотската национална партија (СНП) и прв министер на Шкотска за личност на годината.

За оваа ќерка на забен техничар неделникот верува дека годинава „ќе им предизвика силна забоболка“ на британската влада и на нејзиниот популистички премиер Борис Џонсон. Всушност, Старџен тоа го прави уште од 2014 година, кога застана на чело на партијата и на шкотската влада, со својата неуморна кампања за независност на овој дел од Велика Британија.

Во нејзината стратегија за годинава е предвидено – прво, на изборите за Холируд (шкотскиот Парламент) на 6 мај, да обезбеди уверлива победа, а потоа, со така зајакнатите позиции, службено да го истакне барањето за организирање нов референдум за отцепување на Шкотска од Обединетото кралство.

Таа е убедена дека со уверливата поддршка на изборите, ќе може да ја покрене целата јавноста на Шкотска да ја подржи за уште еден референдум, знаејќи ја фрустрацијата на Шкотланѓаните по Брегзит.

Меѓу емоциите и разумот

Особено што на првиот референдум за независност, во септември 2014 година, сепаратистите и националистите не загубија уверливо.

Доживеаја пораз затоа што оние кои заговараа останување на Шкотска во Британија настапуваа со аргументот дека земјата и онака е во ЕУ и нема потреба да се отцепува за да бара влезе во Европската унија, како и дека независноста би можела да предизвика бури во економијата на Шкотска. Никој тогаш не размислуваше за Брегзит.

Бури во економијата секако ќе има и сега, доколку Шкотска се отцепи од Британија и прогласи независност.

Познавачите на шкотскиот менталитет и аналитичарите на состојбите во тој дел од Кралството, меѓутоа, веруваат дека Шкотланѓаните сепак би гласале за самостојност.

Затоа што повеќе би биле носени од емоциите – одново да бидат независна држава, како пред повеќе од 300 години – отколку од разумот, односно за економските предизвици по отцепувањето. Исто онака, како што мнозинството Британци, а пред се, Англичаните не размислуваа за иднината по Брегзит, колку што беа понесени од приказните дека „одново ќе бидат свои на своето“!

Соработници и „смртни непријатели“

Впрочем, сите прогнози и истражувања на јавното мислење, по британското напуштање на ЕУ, покажуваат силен раст на сепаратизмот и поддршка на шкотската независност. Велат, како никогаш до сега.

Но, само три месеци по предвидувањето дека Страџен ќе биде личност на годината, се случија драматични промени на шкотската политичка сцена, во кои за малку таа не настрада. Можеше лесно да се случи да ги загуби и лидерската позиција во СНП и функцијата прв министер во владата на Шкотска.

Остана и на двете функции, откако парламентарната истрага спроведена во Холируд, утврди дека Старџен иако „не ја кажала вистината“ во Парламентот во Единбург, кога зборувала за судската истрага, што беше во 2019 година беше спроведена против Алекс Салмонд, сепак, не го има прекршено министерскиот кодекс.

Тој не е било кој во тамошната политика. Беше лидер на СНП, прв министер во два едно по друго мандати и човек кој го покрена првиот референдум за независност, кому Старџен му беше заменик и најблизок соработник.

Сега, меѓутоа, тие двајцата станаа „смртни непријатели“, што тргна уште во текот на истрагата против Салмонд, за која тој сметаше и смета дека била „наместена“ за биде трајно политички елиминиран.

Недокажано обвинување

Нивната блискост се растури по првиот референдум во 2014, кога Салмонд по поразот одлучи да се повлече од сите функции во партијата и во власта во Шкотска.

При повлекувањето, сепак, веруваше дека неговата штитеничка, Старџен, нема да го отфрли, кога ги презеде и двете „негови“ функции. Но, се случи токму тоа, па тие двајцата од тогаш станаа жестоки противници, иако и обајцата заговараат независност.

Непријатели станаа откако Салмонд пред две години беше обвинет за сексуално малтретирање на соработници во владата и во партијата.

Случајот дојде и до суд, но процесот пропадна. Бесен на Старџен што не само што не го има земено во заштита, туку се покажа дека (изгледа) ги има поттикнувани некои од соработничките – да сведочат против него, Салмонд и објави војна,  цврсто определен да се одмазди.

Не успеа да ја собори од функциите, но одмаздата ја спакува во политика.

Штета за шкотската кауза

На само еден месец пред мошне важните избори тој објави дека формира нова партија – Алба, која по се треба да биде копија на СНП и навести дека ќе има свои кандидати во сите изборни единици. Веднаш по тоа, почна да повикува некои од нему лојалните пратеници да му се приклучат. Двајца пратеници на СНП на Старџен застанаа зад него и сега се во Алба.

Тоа го намали мнозинството во Парламентот што оваа владејачка партија во Шкотска го имаше од 2007 година, но со Алба Салмонд и прави голема штета на „каузата за независност“ – на голема радост на Лондон, на британските ториевци и на премиерот Џонсон кој вели дека „нема шанси тој да се согласи за втор референдум“.

Уште додека судирот меѓу Старџен и Салмонд беше „јавна караница“ – анкетите покажаа дека е паднат рејтингот на СНП. Сега, со новата партија, луѓето се ладат и за идејата за нов референдум, што би требало да биде многу позагрижувачко за националистите.

Алекс Салмонд побрза да објави дека „заеднички“ – мислејќи на СНП – определбата за нов референдум и за независност ќе биде уште поголема, но Шкотланѓаните како да се подготвуваат, на 6 мај, да ги казнети Старџен и Салмонд. Не гласајќи ниту за СНП, а ниту за Алба.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе