Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Париз за „иновативно“ решение за Косово

Париз за „иновативно“ решение за Косово

Косово и Израел помалку набрзина и неочекувано, воспоставија дипломатски, иако се мислеше дека тоа ќе се одложи за некое друго време, без разлика што еврејската држава ја призна косовската независност, уште есеноска, веднаш по разговорите меѓу Белград и Приштина, во Белата куќа, изнудени од тогашниот американски претседател Доналд Трамп и за потребите на претседателските избори во САД.

Одлуката сега да се воспостават целосни дипломатски односи меѓу Ерусалим и Приштина, се совпаѓа со претстојните (предвремени) парламентарни избори и во двете земји.

Затоа, ваквиот чекор им е потребен на косовските лидери – за да покажат напредок на новата балканска држава во процесот на нејзината меѓународна афирмација, особено што земјата и после 13 години од независноста не е примена во ОН, а косовските граѓани и натаму не се ослободени од безвизниот режим во земјите од ЕУ (од Шенген зоната).

Собирање изборни поени

На Израел, а посебно на „вечниот“ премиер Бенјамин Нетанијаху, исто така, може да им заврши работа договорот со косовската влада, откако Израел во меѓувреме, воспостави односи со четири други арапски држави.

Уште повеќе што Косово (за разлика од Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко) прифаќа својата идна амбасада да ја отвори во Ерусалим, со што оваа држава би била трета (по САД и Гватемала) која го прифаќа Ерусалим за главен град на израелската држава.

ОН, а посебно ЕУ, веднаш реагираа со предупредување до Приштина да ги почитува позициите на Унијата околу тоа кој е главниот град на Израел (за ЕУ и најголемиот број држави во светот, тоа е Тел Авив – се додека не се постигне траен мировен договор меѓу Израелците и Палестинците). Тоа, меѓутоа,  во овој момент, никому во Приштина не му значи ништо, во еуфорично (националистички) насочуваната изборна кампања.

„Чаша вино и разговори“

Во една таква атмосфера, францускиот претседател Емануел Макрон се јавува со покани на „чаша вино и разговор“ – како што тоа го опишаа некои белградски аналитичари – до Александар Вучиќ, претседател на Република Србија. Тој, претходно, налутено реагираше на израелското решение за воспоставување дипломатски односи со земјата, која за Србија и натаму е само „Косово и Метохија“ и „српска територија“.

Според Вучиќ, израелската одлука е разочарувачка и таа „значи дека Белград сега ќе треба да се сврти кон некои други решенија и потези“.

Француско-српската средба, затоа, целата била и насочена на косовското прашање и потрагата – како да се дојде до конечно решение, кое за Приштина значи признание на независноста, а за Белград целосно отворање на патот кон ЕУ.

Дури и на Макрон, му се потребни политички поени во меѓународниот сектор, стекнати на европско тло (а српско – косовскиот јазол е идеална можност), затоа што по повлекувањето на Ангела Меркел во септември, францускиот претседател претендира да се најде на нејзината позиција – лидер на Европа. И, затоа што за една година во Франција се одржуваат претседателските избори.

Одново – за размена територии?

Од оние штури информации за разговорите во Париз, може само да се разбере дека Макрон зборувал за целиот Западен Балкан, додека за Косово станало збор преку истакнувањето на потребата од едно ново, како што е речено, иновативно решение.

Тоа „иновативно “ решение, покрена лавина прашања во Белград. Од нагаѓањето што тоа воопшто значи, до тврдењето дека станува збор за ревитализација на идејата од пред 2,5 години за размена на територии, што тогаш беше отфрлено од Германија и од канцеларот Меркел, како и од соседите на Србија и Косово, во регионот.

Српски аналитичари, затоа, сметаат дека спроведувањето на една таква идеја – цртање нови граници и правење етнички чисти територии – сега е многу потешка за реализација, отколку тогаш.

Уште повеќе што е јасно дека не може да има трајно решение за Косово, без САД и Германија. Конечно, иновативното решение, кое се тврди е сегашна идеја на Париз, не е ново. За неа имаат зборувано и Метју Палмер, американски дипломат, како и т.н. Квинта група (пет западни земји) во нивниот документ за Косово.

Но, ниту Палмер, а ниту оваа група не заговараа размена на територии.

Француски склоности

Заедна таква варијанта стана збор во 2018 година, за време на тогашната средба на српскиот претседател со Макрон. Таа идеја, меѓутоа, нема некоја поширока поддршка ниту во Белград и во српската политика.

Едно, затоа што се смета дека „целото Косово е српско и нема што, со било кого да се дели“, а друго затоа што на северот од Косово, живеат многу помалку припадници на српската етничка заедница, отколку јужно од Митровица – во реонот на Приштина, во косовско Поморавје и кај Штрпце, на крајниот југ, во подножјето на Шар Планина.

Оние кои не се согласуваат со цртањето нови граници на косовската територија – за разграничување на локалните Албанци и преостанатите Срби во поранешната покраина – ги обвинуваат Французите дека остануваат наклонети за правење нови карти и разменување територии, што се верува дека е остаток на нивната дипломатија од времето на пост – колонијализмот.

Умерените и реални аналитичари, пак, на разговорите со „со чашка вино“ во винскиот подрум на Елисејската палата, гледаат само како на „фин протоколарен гест за да се задоволи суетата на гостинот“ и ништо повеќе.

Ништо без САД и Германија

Едноставно, овие аналитичари се на позицијата дека за Косово и не постои „иновативно“ решение – освен да се прифати реалноста и да се признае Косово. Прашањето е само како и во кој облик.

Тоа е така затоа што САД (и со Трамп, и со Бајден, а така беше и со Обама) го имаат признаено независно Косово – во неговите сегашни граници, па затоа е целосно нереално дека ќе прифатат Макрон да исцртува нови карти на Балканот. Посебно не во регионот каде се уште се војува за минатото и за историјата и каде исцртувањето нови граници и создавањето големи држави е дел од политичката реалност и во 21 век.

Освен тоа и самиот француски претседател и сега на Вучиќ му има речено дека „за сето ова треба да разговара и со Германија“, а претседателот на САД Бајден кој инаку многу добро го познава Западен Балкан, во телефонскиот разговор со Меркел одново потврди дека регионот е еден од американските шест приоритети во надворешната политика на новата администрација.

А, Американците се уште немаат обелоденето што сакаат од регионот, освен дека тој целиот треба да е дел од ЕУ, за да не стане територија за сместување на Русија и Кина.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе