Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

САД против „Голема Албанија“ и „Голема Србија“

САД против „Голема Албанија“ и „Голема Србија“

Амбасадорот на САД во Приштина Филип Коснет, остро се спротивстави на идеите за создавањето некакви „големи (едно национални) држави“ на Балканот, што повремено се појавуваат во јавни изјави и настапи на политичари од регионот.

Овој пат, американскиот амбасадор реагираше на една предизборна изјава на косовскиот политичар Рамуш Харадинај, од Алијансата за иднината на Косово кој, инаку, е еден од кандидатите за нов претседател на државата.

Харадинај (едно време косовски премиер) во оваа прилика заговараше дека – „за некоја година“ – може да се случи Косовците да побараат обединување со соседна Албанија.

Против Косово со Албанија

Коснет притоа рекол дека „војниците на САД не се бореа (во регионот), а некои дури и загинаа, за да се создаваат некакви „Голема Србија“, или пак „Голема Албанија“.

„Мојата (американска) позиција околу приклучувањето на Косово кон Албанија е позната и останува неизменета. Американците не беа овде за да се создаваат големи држави, било српска, или албанска, на Балканот” – рекол амбасадорот, додавајќи дека Уставот на Косово повикува на изградбата на мултиетничко општество, со верски слободи за сите.

„САД е мултиетничка држава, па и после 250 години се уште се бори за општество во кое сите се еднакви пред законот, со еднаква можност за сите во општеството, во кое етничките заедници и раси живеат во хармонија“

…објаснил американскиот амбасадор во разговорот за еден косовски медиум.

Тој инсистирал на тоа дека Америка не сака да види дека луѓето на Косово се откажуваат од создавањето демократска, мултиетничка заедница.

Закана од Харадинај

„Мислан дека Косово има полза од тоа што е мултиетничко и мултикултурно општество. Затоа разговорите за „Голема Албанија, или пак за „Голема Србија“ уредени на Балканот би биле предавство, неуспех. Мислам дека ова не е одговорот за проблемите на земјите од регионот – рекол во оваа прилика амбасадорот Филип Коснет.

Рамуш Харадинај, пак, претходно во едно предизборно обраќање има речено дека Косово „не може вечно да чека другите да се расположат, за да може да се затворат многуте отворени отворени прашања“.

Според него, за четири, или за пет години, може да дојде ситуација, косовските граѓани да се изјаснат на референдум за присоединување на Косово кон Албанија!

„Не затоа што ние тоа го сакаме, туку затоа што веќе 20 години на Западот му даваме збор дека сакаме да ја почитуваме заедничката визија – за евроатланско Косово, како дел од ЕУ и член на НАТО, член на ОН и признаено од Србија“ – рекол Харадинај.

Нова генерација

Изјавата полна со национален набој, доаѓа во екот на изборната кампања пред (уште едни) предвремени парламентарни избори на Косово. Секои две години косовските граѓани излегуваат на гласање, што според локалните, но и европските аналитичари значи дека најмладата независна држава во регионот, излезена од просторот на поранешна Југославија, продолжува да живее во постојана политичка криза и нестабилност.

За овие избори, се зборува дека ќе означат заминување на т.н. воена генерација од политичката сцена и за прв пат би требало да значат промоција на новата генерација локални политичари.

Анкетите покажуваат дека фаворит на изборите е партијата на Албин Курти од кого се очекува да ги покрене работите од „мртвата точка“. Но, и тој е далеку од тоа да се откаже од националната реторика.

Конечно, тој одбива во својата канцеларија да го истакне знамето на Косово, па наместо тоа и натаму стои знамето на Република Албанија, а тоа го прават и неговите симпатизери – реагирајќи на еден национализам, со својот национализам.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе