Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Олбрајт се враќа на Балканот?

palinchak/Bigstock.com

Олбрајт се враќа на Балканот?

Ветеранот во американската дипломатија и поранешен државен секретар,Медлин Олбрајт, најверојатно, ќе се вклучи во новата рунда од процесот за конечно разрешување на косовско-српските односи, кога за нешто повеќе од три недели во Вашингтон ќе стапи новата администрација на Џо Бајден.

Навестување за еден ваков чекор беше дадено на почетокот од декември, кога во расправа во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, посветена на ситуацијата во и околу Република Србија, учествувала и Олбрајт. На седницата, во делот околу Косово, заклучокот бил дека Белград ќе мора да ја прифати реалноста во регионот и да ја признае косовската независност, а поранешната ЈУ и српска покраина, која од февруари 2008 година е независна држава, да стане членка на ОН и на меѓународната заедница.

Заедничка визија на САД и ЕУ

Заклучокот од расправата бил дека без спроведување на тие два клучни моменти нема да може да се зборува за конечна разврска на косовскиот јазол, ниту за стабилизација на поширокиот регион. Според професорот на Универзитетот Џонс Хопкинс, Даниел Сервер, кој важи за добар познавач на Балканот и на неговите состојби, ваквата позиција „не е добродојдена“ во Србија,  а посебно се отфрла од сегашниот политички врв на земјата.

Особено што Белград ја користи американската и западната позиција околу Косово како изговор за свртување кон Русија и кон Кина, кои и двете од свои политички и стратешки интереси, се противат на косовската независност ( и членството во ОН)  и многу е веројатно дека тоа ќе го прават и понатаму. Овие две големи земји преку Србија сега се сместени во регионот.

Сервер затоа смета дека со стартот на новата администрација на САД, Вашингтон и Брисел ќе мора заеднички да работат на уредувањето на идните односи меѓу Белград и Приштина . Примерот и искуството на Ричард Гренел кој сакаше да работи сам ( со претседателот на заминување Доналд Трамп) покажаа дека  на тој начин не може да се дојде до решение. Ниту САД, сами, а ниту ЕУ без содејство со Америка,  може да постигнат некаков напредок, смета Сервер кој инсистира на потребата за уредување на една заедничка визија за Србија и Косово, но и за целиот регион.

Решенија со реципроцитет

Проценка е дека американско-европскиот договор за заедничка работа, треба да биде првиот чекор, за да потоа, во истиот тој стил, се продолжи и за решевање на ситуцијата во БиХ. ЕУ треба да биде домаќин на разговорите, а САД да ја имаат улогата за давање подршка на преговарачкиот процес.

Американците можат да помагаат при имплементацијата на она што ќе се договори, како и во инсистирањето секое решение да биде врзано за реципроцитет.

Американската страна смета дека Србија тоа не го прифаќа и одбива да го прифати. Притоа,  се потсетуваат на еден (по малку) заборавен случај, со убиството на тројца Американци   (еден од Косово, а двајца од Албанија), убиени на српска територија , после војната во Косово, на кои не може да им суди Трибуналот во Хаг.

Причина за тоа тоа е што специјалниот суд нема јурисдикција врз Србија, која, пак, ниту сака да ги открие, ниту да им суди на убијците.

Во исто време од Белград постојано зборуваат за злосторства врз Срби и за тоа дека извршителите мора да се казнат, за што никој не се спротивставува, но во вакви случаи мора да постои реципроцитет и тој мора да се одржува. Сервер инсистира дека во дијалогот меѓу Белград и Приштина, сите решенија ќе мора да се носат врз основата на реципроцитетот.

Белград против Олбрајт

Како стојат работите на теренот, меѓутоа, обновата на процесот на преговарање во барањето трајно решение за косовско-српските односи, нема да оди ни малку лесно.

Прво, актуелниот претседател на Република Србија, Александар Вучиќ на неколкупати има речено дека додека е тој претседател, Косово нема да биде признено од Белград како независна држава. Односно дека тој како претседател тоа нема да го направи. А следните избори за претседател се во април 2022 година.

Второ, во САД се размислува за можноста решение да се најде низ еден меѓусебен српско-косовски договор, што би бил прифатлив само доколку Косово би се примило во ОН (и без директно признавање на неговата независност од страна на Србија). Но , и оваа опација Белград ја отфрла и со подршка од Москва, работи на тоа да ги „купи“ помалите земји од Африка и Океанија да го повлечат признанието на Косово , што престана да се прави (?)по спогодбата од Вашингтон, менаџирана од Трамп.

Третата работа околу која може да има несогласици е вклучувањето на Медлин Олбрајт. Официјален Белград веќе реагираше (одново) со изјава на Вучиќ дека со неа во екипата на САД , српската страна би имала тешкотии и дека таа „ ќе има силно влијание врз идниот преговарачки процес“.

Познавач на Балканот и Србија

Приврзниците на враќањето на Олбрајт на Балканот тврдат дека целиот процес може да има само полза од тоа- таа е поранешен државен секретар на САД и иако не е премногу партиски врзана за демократите, претседава со Демократскиот национален институт.

Но, над се, таа го познава Балканот и што е уште поважно, ги познава Србија и Белград, каде како млада има живеено , па го зборува српскиот јазик.

Во Белград, пак, сегашната владеачка елита воопшто не ја сака. Пред се,  затоа што беше дел од тимот на Бил Клинтон, заговараше бомбардирање на Белград, како начин да се скрши отпорот на режимот на Слободан Милошевиќ и да се стави крај на војната на Косово, а беше дел од преговарачкиот тим на неуспешните преговори во Рамбуе.

Политичкиот експерт Даниел Сервер за еден белградски медиум смета дека бомбардирањето беше грешка, но дека ова сега, сепак,  е друго време, па затоа,  Олбрајт треба да се најде во новата екипа за преговорите меѓу Приштина и Белград, што го покажала со своето учество во расправата во Конгресот на САД.

Решението во „длабоко смрзнување“

Во секој случај, не треба да се очекува радикално менување на српската позиција, со актуелниот претседател кој целоно ја има под контрола државата.

Повеќе е веројатно дека Белград ќе остане да игра на „ две столчиња“, ќе се сврти одново и повеќе кон Русија и кон зацврснување на домашниот национализам, при што ќе продолжи да ги обвинува ЕУ и Западот дека и го затвораат европскиот пат. Тоа го покажа и посетата на Сергеј Лавров во Србија и во српската енклава во БиХ, Република Српска, која Москва сака да се врзе за косовското решение.

Излегува дека ниту Белград, а ниту Москва сакаат брзо решение за Косово, особено доколку Русија не извлече некаква полза за себе. До тогаш останува косовското решение да биде длабоко во мраз. Дури ни Приштина не брза, па од таму му порачаа на Белград дека без меѓусебно признавање нема да има трајно решение.

Останува уште да се види дали она што се покрена во Вашингтон, на почетокот од декември, пред стапувањето на новата американска администрација на власт, ќе може барем да доведе до  зближување на САД и ЕУ, за заедничко дејствување.

(В.А.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе