Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

САД: Врховниот суд одби да ги поништи изборите

BackyardProductions/BigStock.com

САД: Врховниот суд одби да ги поништи изборите

Врховниот суд на САД одби да ја поништи изборната победа во сојузната држава Пенсилванија на демократскиот кандидат, сега веќе избран претседател, Џо Бајден.

Поттикнати од претседателот на заминување Доналд Трамп, републиканците од оваа држава (една од т.н. свинг сојузни држави) во кои поразениот републиканец бара, наводен, „изборен фалсификат“, поднесоа формално барање до Судот, да ги отфрли постигнатите и еднаш веќе потврдени резултати од изборите на 3 ноември. Врховниот суд, меѓутоа, го отфрли ваквото барање, со одлука која се означува како конечна.

Инаетењето на Трамп

Ова е уште една од низата тешки удари врз Трамп кој, инаку, од порано, уште летово, се закануваше дека потврда за изборните резултати од годинешниве избори, ќе бара од Врховниот суд на САД, последната судска институција од која може да бара да направи нешто што е невозможно – да го прогласи победник на изборите кои ги има уверливо загубено.

Минатиот месец Трамп доживеа судски пораз и со барањето да се повторат изборите, во оваа и во некои други „свинг“ сојузни држави. Тоа се оние во кои традиционално, гласачите на секои избори се определуваат еднаш за едниот, а на следните избори за другиот партиски кандидат.

Меѓутоа, од тогаш, Трамп и неговиот изборен штаб и тим од правници, што ги предводи поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани, имаат покренато десетина тужби и приговори, со кои се настојува да се доведат во прашање изборните резултати на изборите од пред 40 денови.

Ниту една тужба не беше ниту приближно блиску до позицијата за да може да ја собори победата на Бајден.

Победа со над 80 милиони гласови

Кандидатот на Демократската партија Џо Бајден кој во администрацијата на Барак Обама беше американски потпретседател, го победи Доналд Трамп со 306 наспроти 232 електорски гласови. Според американските изборни закони, за победник се прогласува кандидатот кој прв ќе освои 270 електори.

Освен тоа, Бајден е првиот претседател на САД кој има освоено над 80 милиони т.н. народни гласови, дури над седум милиони повеќе од поразениот Трамп.

Тој и во 2016 година не успеа да победи кај гласачите, затоа што освои 3,5 милиони помалку гласови од Хилари Клинтон, но таа загуби кај „свинг“ државите не успевајќи да добие повеќе електорски гласови од тогашниот победник Трамп.

Поразената Хилари, тогаш, не покрена ниту еден процес, ниту стави официјален приговор, иако беше јасно дека во изборниот процес отворено се има замешано Русија, која со помош и на Викиликс настојуваше да ја дискредитира поранешната прва дама на САД, сенаторка од Њујорк и државен секретар кај Обама, во неговиот прв мандат.

„Закана за демократијата“

По сегашната одлука на Врховниот суд, да одбие поништување на изборите во Пенсилванија, реагираше тамошниот гувернер Том Волф, кој еднаш веќе ја имаше потврдено изборната победа на Бајден.

Целта на републиканската тужба до Судот беше да се поништи верификацијата на Волф, иако претходно, локалниот суд, го имаше одбиено ваквото барање на републиканците.

Впечаток во Вашингтон е дека Трамп веруваше (и изгледа и натаму верува) дека Врховниот суд во кој изминатите четири години тој има назначено „свои“ тројца конзервативни судии, може да се сврти на негова страна, или да ги преправа изборните резултати кои веќе се потврдени.

– Никој досега и никогаш до овој случај, еден кандидат на избори, со своите адвокати, не се обидел да поништи веќе верификувана одлука за изборните резултати, на еден гувернер – им изјавиле на медиумите адвокатите на гувернерот на Пенсилванија, Волф.

Сето тоа, натера некои американски аналитичари да оценат дека Трамп, во своите последни денови, “станува закана за американската демократија“.

Се смета дека и затоа Врховниот суд, експресно, ја отфрли тужбата на локалните пенсилваниски републиканци, особено што, како што се вели, нема ниту еден валиден доказ за било каков изборен фалсификат.

Дискредитирање на Бајден

Инаетот на Трамп и неговиот гнев кон американското гласачко тело кое му сврте грб и не му даде уште еден мандат, веќе станува исцрпувачко за домашната јавност, особено што земјата има голем проблем со сегашниот втор бран на коронавирусот, што актуелната администрација и се уште претседател Трамп, како да не ги интересира.

Поради наметната приказна за наводни фалсификати, во сојузната држава Џорџија, на три пати се пребројуваа гласачките ливчиња во една тамошна изборна единица, за да три пати Бајден биде прогласуван за победник!

Минатата недела и државниот обвинител и министер за правда Вилијам Бар кој важи за голем сојузник на Трамп, изјави дека нема никакви докази за масовни изборни измами.

Од тогаш тој е ставен „на мраз“ од Белата куќа, па медиумите пишуваат дека Бар би можел самиот да се повлече и пред 20 јануари.

Тоа, сепак, не значи крај на обидите на Трамп, на Џулијани и на другите од кругот на поразениот претседател, да работат на дискредитирањето на Џо Бајден и неговото идно претседателство.

Најновото е со покренување истрага против синот на Бајден, во сојузната држава Делавер, за наводно „незаконитости“ околу плаќањето данок, кого, инаку, веќе го валкаа во изборната кампања.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе