Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бајден за обнова на Америка

Divya777/BigStock.com

Бајден за обнова на Америка

Џо Бајден е новиот, 46-ти по ред претседател на САД.

Во долгата изборна трка, која поради акутната пандемија со коронавирусот, се одржуваше во вонредни санитарно – епидемиолошки услови, што обично ги нема, кандидатот на Демократската партија Бајден, го порази актуелниот републикански претседател Доналд Трамп, кој изминатите уште малку четири години, беше во Белата куќа.

Бајден прв ја достигна „магичната“ бројка од 270 освоени електорски гласови, во една исклучително неизвесна изборна трка, во која кандидатот на демократите го совлада Трамп, што некои американски коментатори го опишуваат како одење „по работ на сечилото“.

Гласовите се пребројуваа три денови, во кои се до последните изброени гласачки ливчиња не се знаеше кој ќе победи во неколкуте последни (за броење) т.н. „свинг“ држави, од што зависеше и освојувањето на виталните електорски гласови.

Трет обид

Џо Бајден (77) е цели 50 години во американската политика, а ова беше негов трет обид да влезе во Белата куќа, како претседател. Прв пат се има обидено уште во далечната 1987 година, а потоа уште еднаш – 20 години подоцна – во 2007 година.

Во меѓувреме, во два мандати, како дел од администрацијата на Барак Обама, беше потпретседател.

Конечно, стана избран претседател, успевајќи во сите овие години да ги надмине и личните трагедии во неговото семејство – еднаш кога во сообраќајна несреќа ги има загубено сопругата и ќерката, како и кога, пред две години, го загуби и синот од првиот брак, болен од рак.

Оние кои го познаваат и кои се блиски до неговото семејство, велат голема заслуга за извлекувањето на Бајден има сегашната негова сопруга, новата „прва дама“ на Америка.

Во Белата куќа, меѓутоа, влегува во исклучителни сложени времиња и во моменти на длабока политичка и морална, а пред се, општествена криза.

На поделби на расна и верска основа, какви одамна не се забележани, на силни идеолошки разлики, на силно зајакнато ултра десничарење и на расизам и расно незадоволство кое не ретко наликува на времето од далечните шеесетти години на 20 век.

Трамп не признава пораз

Оваа богата и економско – финансиски моќна држава, со силно развиено и технолошки опремено здравство, веќе девет месеци не умее да се справи со пандемијата со коронавирусот, која досега однесе над 230 илјади човечки животи.

Сето тоа од Бајден и од новоизбраната потпретседателка Камала Харис, бара исклучително тешка работа – за обнова на Америка, во која короната ја блокираше домашната економија, предизвикувајќи криза каква никој, на почетокот на оваа 2020 година, не ја очекуваше.

Заложбите за обновата на која инсистираат и новоизбраниот претседател и новоизбраната потпретседателка ќе мора да оди и во услови на политичката криза која продолжува да ја надградува поразениот Трамп, непризнавајќи го поразот, зборувајќи за „фалсификувани избори“, за наводен „заговор“ против него и неговиот втор мандат.

Неговите синови, ќерката и зетот, како што пишуваат американските медиуми, веќе „копаат“ за да најдат докази за она што го тврди таткото, не можејќи да прифати дека Белата куќа ќе треба да ја напушти по само еден мандат.

Во една таква мисија се има вклучено и неговиот личен адвокат, некогашната републиканска политичка ѕвезда Руди Џулијани кој целосно се има инволвирано во разните политички сплетки и сомнителни операции на Белата куќа, уште од пред една година да се знае кој ќе биде демократскиот претендент.

Изборите пред Врховниот суд?

Трамп одбива да прифати дека Бајден има освоено околу 75 милиони народни гласови, како ниту еден претседател во американската историја, одбива да го покани новоизбраниот наследник, во посета во Белата куќа, како што е тоа вообичаено во САД и зборува за жалба (тужба) до Врховниот суд.

Тој верува дека од него компонираниот суд – со судии од десницата и со конзервативни погледи – како неговите – ќе ги растурат изборите и ќе ги поништат резултатите.

Односно ќе направат претстава каква обично се прави во земји на Истокот од Европа, на Балканот, или попрецизно на Западниот Балкан, кога деспоти на власт не може да се тргнат од функцијата, кога тие не може да прифатат дека треба да си заминат од функцијата.

Во таа своја мисија која наликува на она – после мене потоп – претседателот на заминување продолжува да го дели американското општество, провоцирајќи ги своите симпатизери од крајната десница да не се предаваат и да не прифатат дека Бајден е избран за претседател.

Арогантно однесување

Сите републиканци не мислат така. Екс претседателот Џорџ Буш, неговиот син Џеб, поранешен гувернер на Флорида, сенаторот Мит Ромни, кој беше републикански кандидат на изборите во 2012 година, но (велат) и многу угледни републиканци од „сенка“ притискаат врз Трамп, да ја прифати реалноста на поразот и тивко да се повлече.

Не сакајќи да се создадат дополнителни проблеми за кризата во која се наоѓа САД, само поради неговата тврдоглавост.

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, деновиве, сето тоа го објасни со ароганцијата на Трамп, за која мисли дека најмногу има придонесено да загуби на изборите, или – „им здосади на Американците со своите јавни настапи“.

Ваквото однесување, веднаш по изборите – и не е никакво изненадување.

Трамп од почетокот на својот мандат војува со некого – девалвирајќи и дискредитирајќи се она што некој направил пред него.

Уште пролетоска тој не криеше дека нема да се повлече и нема да ја напушти Белата куќа, доколку не победи, па потоа, дека изборите треба да се одложат (поради корона), а тој да остане на власт додека епидемијата не помине – без гласање, за да на крајот уверува дека годинешниве избори својот расплет ќе го имаат на суд!?

„Балканска“ транзиција

Не можејќи, во секој случај, да замисли дека може да загуби од Бајден, против кого почна да војува користејќи дури и „странска“ помош.

Руска за дисквалификација на противникот, па кинеска, притискајќи ја притоа, Украина да најде „криминални“ работи за Бајден и неговиот син кој има работено во една тамошна нафтена компанија, за што заработи импичмент.

Ваквата атмосфера која ја создава Трамп и кругот околу него, секако, ќе остави трага.

Американците за прв пат ќе имаат транзиција и пренос на власта, каква никогаш немале, каква инаку познаваат луѓето на Балканот.

Во исто време кога целата таа десничарска машинерија уште сега прави се што може за да ја девалвира победата на новоизбраниот претседател, за да го девалвира неговиот кредибилитет како шеф на државата – да ги влече неопходните потези за да се извлечат САД од состојбите предизвикани од корона епидемијата, но и од владеењето на Трамп.

Во тоа владеење, на надворешно – политички план ,пак, тој успеа само да ја изолира Америка, а не постигнувајќи ниту еден успех.

Успеа да се раскара со своите сојузници, да ја тресе ЕУ, предизвикувајќи судир со Германија и внатрешни делби (низ постапките на Унгарија, Полска, Словенија, со Јанша), на пример, потоа за „пријател“ го направи севернокорејскиот диктатор, а другите во светот ги натера да бидат рамнодушни кон она што го зборува Вашингтон.

Короната го порази Трамп

Другата страна – победничката – веќе се подготвува за преземање на власта.

Аналитичарите и политичките експерти, од своја страна, ги определуваат работите кои му помогнаа на Бајден да победи, а го натераа Трамп да го покаже – до крај – својот карактер и она дека и по четири години – остана новак во политиката.

Епидемијата со короната, во секој случај, се смета, за неговата голема грешка.

Покрај сите фалби за себе и за својата администрација – тој низ пандемијата покажа дека не знае да се снајде во услови на голема криза и уште поголем предизвик.

Огромната бројка починати Американци во изминатите девет месеци, го изненадува светот, а тој тераше инает околу тоа дали треба да се носат маски за лицето и да се одржува дистанца, дисквалификувајќи ги епидемиолозите и научниците кои (на крајот) ги нарече – идиоти!

Сите направени анкети покажуваа дека граѓаните повеќе му веруваат на Бајден околу справувањето со короната, а посебно во делот на економската потпора за најпогодените бизниси.

Втората работа која му донесе победа на Бајден, а го порази Трамп, таму каде тој тоа не го очекуваше се смета дека беше максимално врамнотежената изборна кампања на демократскиот штаб. Во неа, новоизбраниот претседател, што е нетипично за него, не влегуваше во расправија со поразениот – секаде, за се и за сешто и по секоја цена.

Линија на политичкиот центар

Сите настапи на Бајден тргнува и завршуваа со тоа дека на САД им се потребни обединувањето на земјата и елиминирањето на поделеноста.

А, тоа беше сосема различно од трамповите настапи, исполнети со емоции, со навреди и со кавгаџиска порака.

Многумина аналитичари, затоа, веруваат дека не мал број гласачи тргнале од тоа да се избере било кој, само не Трамп.

Конечно, бајденовата победа е извојувана на теренот на идеологијата – линија на раздвојување на двете партии – која актуелниот претседател мислеше дека лесно ќе му ја донесе победата, плашејќи ги Американците со „социјализмот“, од што тие, навистина, се плашат.

Бајден оваа работа ја има одминато на (велат) извонреден начин. Едноставно, не одејќи ниту лево, а ниту десно од центарот на неговата демократска партија, каде левичарењето, посебно меѓу младите гласачи, последниве години се засилува.

Тој уште во трката за партиската номинација се соочи со силниот предизвик на популарните левичари – сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен.

За разлика од нив, Бајден не навлегуваше во тоа да го подржува јавното здравство, од европски тип, или бесплатното студирање, а уште помалку оданочувањето на богатите.

„Бегство“ од левичарењето

Ризикуваше на тој начин да ја загуби поддршката на левицата во демократските редови, но се покажа дека држејќи се доследно за својата умерена, средна позиција во идеолошкиот пакет прашања, линија која важи за традиционална на демократите, Бајден на своја страна има привлечено и низа републиканци кои повеќе не го поднесуваа Трамп.

Круна на таквата определеба беше решението, токму Камала Харис да ја одреди за кандидат за потпретседател, а не некои од левиот, или од десниот блок во партијата.

Таа исто така во својата кампања, уште за време на изборите за партиската номинација, не се изјаснуваше за „левичарските“ заложби на некои кандидати.

Доналд Трамп и неговиот штаб, доцна сфатија дека критиките кон Џо Бајден во стилот дека како претседател ќе воведе „социјализам“ во САД, дека ќе ја „уништи верата“ и ќе нема да има Божик – за еден умерен демократ, уште и посветен католик, со ирски корени, се крајно депласирани и немаат никаков ефект врз гласачите.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе