Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Турските „Сиви волци“ забранети во Франција

Турските „Сиви волци“ забранети во Франција

Владата во Париз одлучи да ја стави турската националистичка и крајно-десничарска организација „Сиви волци“, надвор од законот и да ја забрани нејзината работа на територијата на Франција, откако припадници на оваа (инаку) меѓународна организација, имаат извршено вандалски напад врз меморијалниот споменик на геноцидот врз Ерменците, што е поставен во Лион.

Големиот споменик е целосно ишаран со жолта боја. На него со големи букви, на француски јазик е напишан графит – „Сиви волци“ и до него се запишани иницијалите – РТЕ, од името и презимето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Отомански геноцид“

Ставањето „потпис“ на Ердоган на оваа вандалска постапка, не е изненадување.  „Сивите волци“ последниве две децении, колку што турскиот претседател – прво како премиер, а потоа и како шеф на државата, со многу широки лидерски овластувања, управува со Турција , се мошне блиски до него и до неговата партија , силно  подржувајќи секој негов потег, како во турската политика, така и надвор од земјата.

Споменикот во Лион е поставен од бројната ерменска заедница која живее на француска територија, во знак на сеќавање за илјадниците, велат, милионските ерменски жртви на геноцидот што го има извршено војската на Отоманската империја, тогаш, во 1915 година, веќе на исчезнување.

Ерменците, каде и да се, на овој настан гледаат како на една од најголемите трагедии на својот народ, инсистирајќи дека отоманските војници и нивните старешини тоа го сториле намерно, со цел да се „избрише“ еден народ, па затоа и за нив станува збор за геноцид.

Турција, пак, во сите години од тогаш, жестоко се спротивставува на ваквата квалификација на настаните од пред 105 години.

„Мраз“ меѓу Париз и Анкара

Сите влади во Анкара, како и турската историографија, инсистираат дека во прогоните направени од „аскерот“ на Империјата, покрај Ерменците страдале и други народи, меѓу кои и многу Турците, па затоа, се спротивставуваат настанот да се означува како геноцид извршен врз Ерменците.

Откако е Ердоган на власт, ова прашање доби уште поостра димензија, затоа што тој секогаш го врзува во односите на неговата земја со другите , на тој начин што се заканува со прекин на односите со секоја земја во светот, која ќе ја прифати ерменската квалификација за турски геноцид.

Овој инцидент во Лион со споменикот доаѓа во време на исклучително влошени француско-турски односи. Тие (практично) се замрзнати по убиството на францускиот учител по историја, кој беше обезглавен само затоа што на учениците им покажувал карикатура на пророкот Мухамед, на час на кој предавал за меѓуверската толеранција и за секуларноста врз која се заснива француската Република.

Емануел Макрон остро го осуди бруталното убиство, извршено од 18 годишно момче, најавувајќи жестока пресметка со радикалниот ислам на француска територија. Ердоган, меѓутоа, на тоа не реагираше како што би требало- со осуда на убиството на еден невин човек, туку го нападна францускиот претседател, порачувајќи му дека „треба да си го провери менталното здравје“!

Разлики за Нагорно Карабах

Париз во знак на протест го повлече францускиот амбасадор од Анкара, а потоа побара и воведување санкции против Турција, поради нејзиното мешање во сегашниот воен судир под Кавказот, меѓу Азербејџан и Ерменија.

Ердоган и Турција од почетокот се на страната на Азерите, помагајќи ги и политички, но и војнички (велат и со директно вклучување во воените судирања).

Анкара освен тоа,  смета дека властите во Баку се во право во овој судир, затоа што сакаат да ја „ослободат“ својата територија во реонот на Нагорно Карабах, што практично, ја имаат загубено уште од воените судирања на двете соседни земји, меѓу 1991 и 1994 година.

Франција не е на ничија страна во сегашниот конфликт, но заговара мирно решение со дипломатски средства и преку преговори, а на низ војна, како што тоа го бараат Азерите.

Тепачка во Лион

Што се однесува до  забраната на „Сивите волци“ , таа во Париз се толкува како мерка за средување на состојбите на домашен тере, но и како порака до Ердоган. Со новите прописи се предвидува секоја нивна активност да се третира како незаконска, забранета и казнива, а било какво собирање на членовите на организацијата, или самото членување во неа, за кривично дело, за што е предвидено апсење и затворска казна.

Ваквата строга одлука доаѓа по минатонеделната тепачка локалните Турци и Ерменци во Лион, кога припадници на ерменската заедница одржале мирен протест против војната во Нагорно Карабах, инсистирајќи дека станува збор за ерменска територија и притоа биле нападнати од припадници на турската заедница. Се верува дека предводници биле токму луѓе од “Сивите волци“.

А, ова име не е непознато во турската политичка историја. Една крајно-десничарска турска група, наречена „Сиви волци“  дејствуваше и во седумдесетите години на 20 век, тогаш  само во Турција, каде беше и забранета.

Али Агџа и Карол Војтила

Нејзин припадник, Али Агџа, изврши и атентат врз тогашниот папа Јован Павле Втори, на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Нападот беше ставен во рамките на тогашната Студена војна и длабоката европска поделба на комунистички Исток и демократски Запад, затоа што беше нападнат не само поглаварот на католичката црква, туку папата, Полјак по националност – Карол Војтила – кој силно го подржуваше синдикалното, антикомунистичко движење „Солидарност“ во Полска кое се спротивставуваше на натамошната советизација на полското општество, барајќи демократија и човекови слободи.

Западот тогаш ја обвини Москва дека го испланирала атентатот, користејќи ја бугарската тајна служба, како орудие и како помагач на Агџа во атентатот.

Пред да отпатува во Рим, Турчинот седум денови престојувал во Софија, а како негови помагачи италијанското обвинителство посочуваше некои луѓе од претставништвото на бугарската авио компанијата „Балкан“ во Рим и од бугарската амбасада во италијанскиот главен град.
Папата го преживеа нападот, Агџа беше осуден на доживотен затвор, не откривајќи го налогодавачот за атентатот, а замешаноста на Бугарија  не беше до крај докажана.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе