Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Свршеницата на Кашоги го тужи принцот Салман

Hatice Cengiz

Свршеницата на Кашоги го тужи принцот Салман

Хатиџе Ченгиз, свршеничка на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, пред еден американски суд, покрена тужба против престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, обвинувајќи го него и уште неколкумина тамошни функционери, за смртта на својот свршеник.

Во тужбата се вели дека „бруталното измачување и убиството на Кашоги ја шокира совеста на луѓето во светот“.

Ченгиз која е Турчинка и со која Саудиецот требало да се ожени, во тужбата наведува дека „целта на убиството на Кашоги била тој да се замолчи, а дека сето тоа е направено по наредба на принцот-престолонаследник Салман.“

Брутално убиство

Обвинетите во постапките на Кашоги, кој беше колумнист на американскиот весник „Вашингтон Пост“, но имаше создадено и Група за заштита на човековите права во Саудиска Арабија, која дејствуваше во Америка, гледаа смртна закана за нивните интереси – стои во поднесената тужба.

Кашоги беше убиен во 2018 година, во Истанбул.

Последен пат е виден жив кога влегол во саудискиот генерален конзулат во овој турски град, за да ги земе потребните документи, за неговата венчавка со Ченгиз.

Никој не видел дека заминал од конзулатот. Се претпоставува дека – или таму е убиен, па неговото тело било тајно изнесено од зградата, или пак, бил насила одведен од конзулатот и убиен на некоја локација- во Истанбул, или со авион одведен во Саудиска Арабија, каде го ликвидирале.

Неговото тело никогаш не е пронајдено, а истрагата на турските власти има заклучено дека неговите посмртни останки, веројатно, се уништени, за да никогаш не може да се најде било каква трага од него.

Опростено убиство!?

Властите во Ријад не дозволија меѓународна истрага, а во Саудиска Арабија организираа судење на „виновниците“ кои никогаш не ги идентификуваа.

Само беше соопштено дека петмина се осудени на смрт, а други тројца на повеќегодишни временски казни затвор. Неколку месеци подоцна, меѓутоа, судот во Ријад ги поништи првичните пресуди, а смртните казни на петмината осудени, им ги замени за 20 години затвор.

Во објаснувањето на судот беше речено дека казнети биле намалени, затоа што синовите на Џамал Кашоги изјавиле дека „им простуваат на убијците“!

Принцот Салман е син на саудискиот крал кој е стар и болежлив, па во Ријад се верува дека со Саудиска Арабија, практично, управува престолонаследникот.

За него едни велат дека сурово се има пресметано со сите роднини-принцови кои би можеле да му ја загрозат позицијата.

Други тврдат дека токму тој, последниве години, има преземено низа чекор за модернизирање и реформирање на оваа строго конзервативна, сунитско-вахабитска, арапска монархија, богата со нафта.

(С.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе