Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Кипар: Нема веќе „златни пасоши“

Kirill_M/BigStock.com

Кипар: Нема веќе „златни пасоши“

Владата на Кипар, после долги навестувања и одлагања, по брза постапка, одлучи трајно да ја суспендира досегашната шема за доделување кипарско државјанство и загарантирано слободно движење низ земјите на ЕУ, за оние кои ќе инвестираат најмалку два милиони евра во домашната економија, а не се државјани на Унијата и не живеат во ниту една од земјите-членки.

Шемата е позната и како издавање „златни пасоши“, затоа што овие лица, сите богати странски финансиери и инвеститори, добивајќи кипарско државјанство, по автоматизам стекнуваат право и за добивање пасош на оваа мала, островска држава во Источниот Медитеран.

Со него тие стануваат и државјани на ЕУ, слободно движејќи се низ сите членки и користејќи ги сите бројни бенефиции од европското државјанство.

Скандал во Никозија

Ваквата шема не е само кипарска и не се Кипраните единствените кои измислиле како да ги привлечат парите на разните белосветски тајкуни и милијардери, целото, или дел од нивното богатството, да го префрлат во некоја од земјите на ЕУ, инвестирајќи во некој бизнис и купувајќи скапи имоти – најчесто раскошни куќи и станови.

Во таа шема десетина години е вклучена и една Велика Британија која, поради тоа што Лондон е финансиски центар на светот, успеа да ги привлече парите на низа богати тајкуни, а посебно на руските олигарси, набрзина збогатени (најчесто на сомнителен начин) во времето на руската пост-комунистичка транзиција.

Еден од таквите е и Роман Абрамович, купувајќи го на почетокот лондонскиот фудбалски клуб „Челси“, а по него дојдоа парите и на разни кинески, индиски, тајландски и арапски милијардери.

Сите тие станаа британски државјани, или се стекнаа со правото на трајно жителство во Британија.

Одлуката на владата во Никозија, набрзина, во понеделникот да ја укине шемата со „златните пасоши“ е последица на скандалот, што го предизвикаа двајца новинари на арапската глобална телевизија „Ал Џазира“, преправајќи се дека се богати кинески инвеститори кои сакаат да инвестираат во Кипар.

Тие при тоа имаат откриено дека бројни кипарски функционери ја користат шемата „државјанство и пасош за пари“, за коруптивни зделки со странски апликанти.

Оставка на кипарскиот Спикер

Скандалот избувна кога на трикот на лажните кинески инвеститори наседнал и Спикерот на Парламентот на Кипар, Деметрис Силурис, инаку вториот највисоко рангиран кипарски државен функционер.

Уште повеќе, новинарите му признале на претседателот на Парламентот дека имаат „криминално досие“ што кипарските власти би требало да се направат дека не постои! Сето тоа било снимено со скриена камера и потоа прикажано.

Силурис не чекајќи да го сменат, веднаш најави дека поднесува оставка, откако ќе заврши целата истрага што владата ја покрена за да открие кој се од функционери се „омастил“ од „златните пасоши“.

Кипар е членка на ЕУ од 1 мај 2004 година и набргу почна да ја користи оваа шема за да си обезбеди прилив на странски капитал во земјата и инвестиции за развој на нејзината економија – практично продавајќи го кипарското државјанство.

Перење „валкани“ пари

Минатата година, Европската комисија побара од Кипар, но и од сите други членки на Унијата, максимално да ја зајакнат контролата и проверката на државјаните од земји кои не се во ЕУ, а кои преку вложување капитал и инвестирање, аплицираат за државјанство на некоја од државите на Унијата.

Ваквата реакција уследи откако истрагите што се направени, открија многу сомнителни работи, а пред се, тоа дека богатите тајкуни и руските олигарси, од не-ЕУ земјите, ја злоупотребуваат оваа (во основа некриминална шема) за криминални работи.

Најмногу за перење „валкани“ пари, за корупција и поткуп на функционери во државите кои издаваат „златни пасоши“, за нелегално купување акции и имот, како и за прикривање и неплаќање данок.

Во ноември минатата година, беше откриено дека извесен Џо Ло, инаку бегалец од меѓународна потерница и финансиер, е главната личност на еден глобален финансиски скандал, за извлекување пари од државните фондови на Малезија, во исто време е и државјанин на ЕУ.

Во 2015 година, тој преку оваа шема си има „купено“ државјанство (и пасош) на Република Кипар, откако вложил пет милиони евра во тамошното одморалиште Аја Напа.

Малта и Бугарија

Американците го прогонуваат за перење пари низ еден вешто создаден и тежок за откривање систем, но тој се брани дека ништо нелегално нема направено. Како и да е, полициите на неколку држави во Европа и САД, не знаат каде сега се наоѓа и се сокрива.

По силниот притисок од Брисел, кипарската влада мораше да открие дека има примено милијарди евра од разните инвестиции на неевропски финансиери, преку оваа сега веќе контроверзна шема. Станува збор за 25 мошне богати инвеститори надвор од ЕУ, од кои деветмина се Руси, осуммина се Камбоџанци, а петмина се Кинези.

Ваква иста шема применуваат и Малта, која меѓутоа бара инвеститорот претходно да живее барем една година на овој медитерански остров, како и Бугарија.

Во овие три држави од ЕУ, апликанти за шемата „државјанство за пари“ може да бараат да станат државјани на овие земји (а преку нив и на Унијата), без притоа да престојувале во некоја од другите земји на Европската Унија.

Случајот „Лондонград“

Слична шема, иако постапката е сосема различна, од онаа во овие три земји, има и Грција, додека во Британија најниската квота за стекнување право, за жителство, а дури по тоа и за државјанство, по брза постапка, е да се вложат најмалку два милиони фунти.

Сега кога Британците не се во ЕУ, властите најавуваат максимално стегање на ваквата шема, откако се покажа дека лакомоста по парите се претвори во закана за безбедноста на државата – посебно кога се во прашање руските олигарси – и откако главниот град го доби прекарот „Лондонград“.

Уште поголемо стегање најавува и Европската комисија.

Се покажа дека со пасошот на ЕУ на ваквите инвеститори им се овозможува не само надминување на бирократските пречки за патување низ Унијата, за селење од една во друга земја членка, за купување имоти на разни локации, туку им се отвора и можност за користење и злоупотребување на сите бенефиции економски, финансиски и социјални кои се создадени за државјаните на ЕУ.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе