Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

ЦИА: Путин насочува кампања против Бајден

chrisd2105/BigStock.com

ЦИА: Путин насочува кампања против Бајден

Американските разузнавачки и контраразузнавачки агенции веруваат дека „Владимир Путин се наоѓа зад широко развиената кампања, полна со дезинформации, чија единствена цел е да му наштети на Џо Бајден, да го дисквалификува како претседателски кандидат за изборите на 3 ноември“ – откриваат американските медиуми.

Според една строго доверлива проценка на ЦИА, во таа кампања е ангажиран украинскиот проруски пратеник Андриј Деркач.

Тој ја има добиено задачата да шири лажни вести и исто такви информации за Бајден и за неговото семејство. Тоа го прави на територијата на САД, преку разните лобисти, потоа во Конгресот, во медиумите и низ контакти со личности кои важат за блиски до Доналд Трамп.

(Одново) мешање во изборите

Весникот „Вашингтон Пост“ пишува на оваа тема, која се јавува како реприза на минатите претседателски избори во 2016 година, користејќи ги изјавите и откритијата на двајца, неименувани, функционери кои го имаат видено материјалот на ЦИА.

Во материјалот-анализа се констатира дека оваа разузнавачка агенција има сознанија оти рускиот претседател Путин и кругот на највисоки руски државни функционери знаат за кампањата и дека „многу веројатно и раководат“ со тајната операција за мешање на Русија во американските избори.

Таа операција треба да му помогне на Трамп да остане во Белата куќа и во следните четири години, преку постојаното оцрнување и омаловажување на поранешниот американски потпретседател Бајден, сега кандидат на Демократската партија за изборите кои се за околу 40 денови.

Дезориентација на гласачите

Вакви и слични на неа операции, Москва изведува и во други држави, посебно во Европа, во земјите на ЕУ, како и во регионот на Западен Балкан, секаде каде Кремљ има свои стратешки интереси.

Покрај дисквалификациите и „уништувањето“ на политичари, за време на избори и пред нив, кои не и се по волја на Русија, кампањите на руските тајни служби (велат дека ГРУ ја имаа примарната задача), се насочени кон дезориентирање на гласачите и за нивно разочарување во системот, со приказната која постојано се врти околу тоа дека – сите политичари се исти и дека не треба да им се верува!

Во случајот на Америка, руската анти-Бајден и анти-демократи кампања, исто така, е насочена кон американското гласачко тело кое Трамп со својата политика и со своето однесување во неговиот прв мандат, успеа да го исполитизира и да го подели по сите основи- како никогаш досега, од ниту еден претседател на САД.

Москва за Трамп

Москва, сепак, навива за таквиот Трамп и за навивачи бара свои „сателити“ и во други земји, дури и во самата ЕУ, како Унгарецот Виктор Орбан, или кај некои во регионот на Западен Балкан, чија идеологија е блиска до путиновата – за авторитарна власт и за газење на вистинската демократија.

Во веќе споменатиот извештајот на ФБИ/ЦИА, за Украинецот Деркач се вели дека тој од минатото лето е веќе вклучен во кампањата против Бајден, од аферата со телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот претседател Володмир Зеленски.

Во него, американскиот претседател го уценува Киев дека нема да ја добие одобрената воена помош доколку не покрене анти-корупциска истрага против синот на Бајден (едно време раководител на една украинска нафтена компанија) и против Џо Бајден.

Врската Џулијани-Деркач

Тоа беше повод за покренувањето постапка за импичмент против Трамп. Но, тогаш се разбра дека личниот адвокат на претседателот, Руди Џулијани е врската со Деркач и дека го има насочувано што да прави и што да бара во Киев.

Американските безбедносни власти, подоцна, открија дека овој Украинец, всушност, е руски разузнавач кој тајно работи за руските разузнавачки агенции.

Сега се дознава дека, според извештај на сенатскиот комитет за разузнавање, руски агенти биле директно вклучени во претседателските избори во 2016 година.

И тогаш биле користени социјалните мрежи, но и низа други методи за дезориентација на гласачкото тело на САД, за да и се напакости на Хилари Клинтон, а поддршката да се насочи кон еден целосен новак, неискусен во политиката.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе