Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Дионисиос ги скара Тирана и Атина

Дионисиос ги скара Тирана и Атина

На локалните избори во Албанија- според првичните резултати- победи коалицискиот блок на премиерот Еди Рама, но медиумите повеќе се занимаваат со случајот на Дионисиос Алфред Белери, од градот Химаре.

Тој беше кандидат на опозицискиот блок, од редовите на грчката етничка заедница и успеа да победи во трката за градоначалник, благодарејќи на бројната малцинска заедница  на локалните Грци кои гласале за него.

Но, неговиот избор предизвика политички проблем за владата во Тирана и  покрена „вербална војна“ меѓу Албанија и Грција, затоа што Дионисиос се наоѓа во затвор.

Осум гласови за 360 евра

Албанските власти го имаат  уапсено  непосредно пред почетокот на изборниот процес, обвинувајќи го дека за пари купувал гласови. Полицијата го уапсила откако бил осомничен дека има понудено 40 илјади албански леки (околу 360 евра) за да купи ОСУМ ГЛАСОВИ за локалните избори.

Велат дека толку му биле потребни за да обезбеди победа и да стане првиот албански Грк кој станал градоначалник во Химаре, место на југот од Албанија, каде е сконцентрирано грчкото етничко малцинство. Дионисиос Белери, на крајот, победил со крајно тесно мнозинство- само со 19 гласови повеќе од неговиот противкандидат.

Во политичката јавност на соседна Грција, која се наоѓа пред одржувањето на редовните парламентарни избори, изборната победа на еден припадник на грчата заедница во Албанија е примена со нескриено задоволство.

Но,  неговото апсење и победата , извојувана од затворска ќелија, предизвика гневна реакција на официјална Атина. Тоа, пак, покрена тензии во албанско-грчките односи, врзани за старата и постојано чувствителна тема околу правата на грчкото малцинство.

Притисок од Атина

Грчкото министерство за надворешни работи побара од албанските власти, Дионисиос  „ваднаш да биде ослободен“ , предушредувајќи ја притоа Тирана дека случајот „би можел лошо да се одрази врз албанките европски планови и апликацијата за прием во ЕУ“.

Ваквата грчка реакција предизвика остар одговор и од Тирана, од каде албанскиот министер за надворешну работи Ота Чака порача дека не може да ја прифати реакцијата на Грција. „Невозможно е да се разберат нашите (грчки) пријатели кои се обидуваат да се мешаат во една судска одлука во Албанија“- рекол Чака.

Според министерот, Белери бил фатен во една криминална работа- дејствувајќи против слободните и фер  избори.

Албанскиот министер притоа, има речено дека припадноста на грчката национална заедница, не го исклучува ниту уапсениот, а ниту било кој друг , од правото и од законите кои инаку важат за сите граѓани на Албанија.

Тирана не сака малцинска расправија

Во Атина, пак, каде случајот со Дионисиос од албанска Химаре се користи во актуелната изборна кампања , за да и се даде „национална боја“, не остстапуваат од притисокот за ослободување на уапсениот.

Се огласи и премиерот Киријакос Мицотакис кој рекол дека „верува оти случајот брзо ќе се надмине“. Сепак, и тој  ја има потсетено Тирана дека „албанскиот пат  за Европа минува и низ почитувањето на правата на  грчкото малцинство“.

Уапсениот, како и уште едно лице кое со него е во притвор, засега, остануваат и натаму уапсени. Тоа го покренува прашањетп-  дали избраниот Дионисиос ќе може да ја задржи градоначалничката функција, или пак во градот ќе мора да се одражат нови избори- за да Химаре нема градоначалник кој е во затвор.

Како и да е, албанската страна, без разлика на остриот тон во расправијата со Атина, настојува случајот да се затвори, што е можно поскоро. Во оваа фаза на европскиот процес, во кој се наоѓа целиот Западен Балкан,  официјална Тирана  никако не би сакала да распали спор со соседна Грција за малцинските прашања.

(Т.А.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе