Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Тајни на Пентагон“ или подметнати дезинформации

„Тајни на Пентагон“ или подметнати дезинформации

Стотина документи на американскиот Пентагон протекоа во јавноста, предизвикувајќи бранување во разузнавачката јавност на САД, а потоа станаа „вест на денот“ за европските и светските медиуми , откако од провалените “тајни документи“ се разбра дека Американците „ ги шпионираат непријателите, но и своите сојузници и партнери“.

Откритието, како што пишуваат медиумите во САД предизвикаа безбедносна тревога во Пентагон, па велат дека над илјада вработени останале без можноста да имаат пристап во класифицираните материјали на министерството.

Но, овој безбедносен инцидент,сепак, не предизвика такво вознемирување, како последното големо предавство ( со тајните на НСА)  од пред повеќе од десет години.

„Слабите точки на украинската одбрана“

Документите за кои сега станува збор, пред се, се однесуваат на Украина и на нејзината подготвеност да се одбрани од руските ракетирања и посебно на тоа дали украинската војска може да возврати на ефикасен начин.

Документите откриваат дека Американците не веруваат во тоа и укажуваат на слабите точки во украинската против-воздушна одбрана , како и на проблемите кои ги има Киев со снабдувањето со оружје и муниција. Според проценката изнесена во „тајните документи“ , Украинците би можеле да издржат уште два, до три бранови од руски проектили и дронови.

Официјален Киев не се огласи веднаш за откритијата, освен со изјава  дека сојузништвото и довербата  ( со САД) продолжуваат. Впрочем , самите украински власти, а пред се претседателот Володмир Зеленски има речено дека на Украина и на војската и треба уште многу оружје и муниција за одбрана, за навестената контра-офанзива и за конечна победа во војната.

Зад сцена, меѓутоа, Киев (наводно) реагирал гнавно на откритето дека Американците и нив ги шпионираат, а посебно на појавата на „тајните хартии“ во јавноста, од кои непријателот би можел да ја знае состојбата на линијата на фронтот и сите слабости на Украинците.

Во јавноста уште од јануари

Она што се знае од официјалните лица во американската администрација  е податокот што на новинарите во САД им го порача портпаролот на Националниот совет за безбедност Џон Кирби, за тоа дека треба да се биде претпазлив во врска со „протечените документи“, затоа што меѓу нив има и лажни и подметнати документи.

Сега медиумите откриваат детали за „скандалот“. Пред се, за тоа дека  „тајните документи“ на Пентагон прво се појавиле на социјалната платформа „Discord”, популарна за игри, уште во јануари , а некои од хартиите и од пред тоа.

Подоцна почнале да се прошируваат и на неколку други платформи и канали, на кои се водат дискусии на разни теми, но никогаш не и дебати за политика. Потврда за тоа има од истражувачкиот вебсајт „Bellingcat” од каде изјавиле дека имаат видено докази за ваквите свои сознанија.

Како и да е, дури  овој месец, околу сето ова се направи случај. И тоа откако „тајните и доверливи“ документи се појавија на социјалните мрежи, по што се огласи за прв пат администрацијата во Вашингтон, а  за тоа се распишаа водечките американски весници.

Москва не верува во „тајните“

Во сето ова , помина незабележано дека Москва остана мирна на почетокот, иако документите на Пентагон се најдоа и на руската, про-Кремљ платформа „Телеграм“. Кремљ  го одмолче првиот бран од бурата, освен што портпаролот Дмитри Песков  рече дека „ се анализираат“ документите , додавајќи дека во нив има „занимливи работи“.

Во исто време руски блогери за кои се знае дека се блиски до руските тајни служби почнаа да предупредуваат дека „треба да се биде внимателен“ и да се величаат „провалените откритија“. Според нив, станува збор за обична „местенка“ на Пентагон. Односно дека нема никаков скандал, а ниту провала во тајните на американското министерство за одбрана, туку дека е станува збор за „кампања на Американците за дезинформации“.

На таа линија се имаат вклучено и двата водечки телевизиски канали. Првиот државен канал предупреди дека „станува збор за подметнување од страна на САД“ со создавање „лажна слика , со лажни информации за да се отапи навестената контра-офанзива, со вести дека Украина не може тоа да го изведе“.

ТВ станицата „Русија 1“ оди понатаму, тврдејќи дека со приказната за слаба и неподготвена Украина се настојува да се замајува Русија за да се ослабне руската позиција на фронтот.

„Документите“ почнаа да исчезнуваат

Сето ова се случува во време кога весникот „Њујорк Тајмс“ и Си-Ен-Ен публикуваа две верзии на исти документи кои циркулираат на интернет и на некои социјални мрежи.

Од нив се гледа дека тие иако во основа се исти, се разликуваат по бројките за руските загуби. Во „оригиналниот документ“ бројот на жртвите во војната на Русија ( со загубите на „Вагнер“) се многу повисоки од оние кои се појавија во „документот“ што го објавува  „Телеграм“- каде е видливо дека тие податоци се фризирани- затоа што бројот на руските жртви е помал. А, тоа открива дека подметнувањето е од руската страна.

Конечно, британскиот Би-Би-Си пишува дека во ова меѓувреме документите што требаше да бидат „нов голем скандал“ во Америка, почнале да исчезнуваат од дел од платформите и социјалните мтежи- ги има уште на Твитер, на рускиот „Телеграм“ и на “Discord”.

Остануваат сознанијата дека од страните кои се споменуваат во врска со „тајните документи“ на Пентагон , пред се, оние врзани за Украина и војната, стигнаа само деманти и отфрлање на она што тие го откриваат.

Јужна Кореја, Египет, Турција

Она што најмногу предизвика реакции од документите – оригинални, или правени како дезинформации- од било која страна- е податокот  дека од властите во Сеул, Американцте барале да и дадат на Украина оружје и пред се, муниција.

Откако Јужнокореанците изразиле резерви, било понудена друга варијанта- оружјето- топовски гранати- да биде насочено за Полска. Како трета варијаанта-  се предлагало гранатите да бидат за САД, за обнова на залихите од гранати кои Американците  ги даваат и на Украина, но и на Полска. Нема сознанија дека таквата зделка било кога е реализирана.

Потоа информацијата дека Египет требало да и испорачува   муниција на Русија, а не за Украина. Тоа требало да биде знак за благодарност кон Русија, за помошта која порано Москва му ја има дадено на Египет и на неговиот претседател.

Каиро побрза да демантира дека било кому дава оружје во војната во Украина.  Турција, пак,  на  „тајните документи“ нема ниту реакција, иако е ставена во една чудна комбинација.

САД против вовлекување на Кина

Според „ хартиите “на Пентагон, паравоените сили  „Вагнер“ барале од турската страна оружје и муниција, затоа што Москва ги оставила без муниција на фронтот во Бахмут , но и на други локации во Источна Украина.

Ваквото откритие ( Турција е земја во НАТО) треба да ги девалвира до крај  Евгениј Пригожин и неговата војска, за која се повеќе се зборува дека ќе биде потисната , а можеби и распуштена, наводно, поради политичките амбиции на водачот на „Вагнер“.

Но, од овие откритија треба да се види дека американските тајни служби се вовлечени во руската војска. Односно дека САД на неколкупати го имаат предупредено Киев за плановите на руската војска за напади врз Украинците .

Конечно, документите (објавени на „Телеграм“) покажуваат дека Србија, сепак, прифатила да испрати муниција од своето производство за украинските сили, како и тоа дека САД не сакаат вовлекување на Кина во војната.

Проценка на американската страна е  дека Пекинг сигурно би бил инволвиран  при евентуален напад на Украинците врз територијата на Русија, па дури и при напад врз некој од високите руски функционери.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе