Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Либанците се поделија околу „летното“ време

Либанците се поделија околу „летното“ време

Рутинската замена во пресметувањето на времето- од  „зимско“ во „летно“ – што со години на ред се прави пред крајот на март, во Либан стана причина за нова поделба во оваа, инаку,  длабоко поделена блискоисточна земја – според политичката и религиозната припадност. На тој начин се предизвика,  по малку апсурдна ситуација- муслиманите и натаму да го користат „зимското“ време, додека либанските христијани да живеат според „летното“ , како што тоа го направија најголемиот број од државите во светот.

Конфузијата ја предизвика в.д. премиерот на Либан, Наџиб Микати, инаку муслиман- сунит, кој објави дека летното пресметување на времето ќе почне по завршувањето на рамазанските празници, а тоа значи дури идниот месец.

Се смета дека на муслиманите кои се во време на строгиот дневен рамазански пост, на овој начин им се овозможува постењето да го прекинат еден час порано.

Според религиозната припадност

Локалните христијани и нивните политичари, меѓутоа, објавија дека почнуваат со „летното“ време на денот кога тоа го прават сите други во светот. Многу компании и бизниси во Либан се огласија дека тие ќе го применат терминот за смена на времето, како што тоа се прави секоја година.

Ваквото несогласување ја покажува поделбата со која со години се соочува оваа земја, каде во седумдесетите и во осумдесетите години на 20 век, повеќе од 20 години траеше брутална граѓанска војна меѓу муслиманите и христијаните , во која политичките позиции се определуваа според религиозната припаднист.

Според толкувањето на в.д. премиерот Микати, Либан ќе почне со примената на „летното“ време од 20 април, на полноќ . При објавувањето на ваквото решение тој нема дадено никакво објаснување, но во домашната јавност е јасно дека причината е празникот рамазан , што годинава трае од 22 март до 20 април.

Доколку одлуката не се измени, а проценка е дека тоа нема да се случи, муслиманите ќе продолжат да го користат „зимското“ време , односно ќе може и натаму да почнат да јадат, еден час порано. Либанските христијани- маронити- како и нивната црква, соопштија дека одлуката на владата е „изненадувачка“ и дека тие нема да ја почитуваат.

Непомирлива поделба

Со ваквото решение на маронитите се согласија двата водечки телевизиски канали во Либан, на што се приклучија и многу други организации. Либанската национална авионска компанија МЕА (Мидл Ист Ерлајнс), пак,  се обидува да направи  некаков компромис.

Компанијата  објави дека ќе ги остави часовниците на досегашното „зимско“ сметање на времето, а времето на полетување и слетување во Бејрут ќе го прилагоди на „летното“ сметање , за да не настане  хаос во редот на меѓународните летови во што МЕА е вклучена.

Останува конфузијата со мобилните телефони и со другите електронски апарати кои автоматски го менуваат сметањето на времето. Но, домашните аналитичари, велат дека во Либан се е можно, па дури и една ваква апсурдна ситуација, создадена од политикански причини, која ја остава земјата и натаму заглибена во непомирливата поделба.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе