Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Ноева арка“ за бегство од Кремљ ?

„Ноева арка“ за бегство од Кремљ ?

Поранешниот пишувач на говорите на Владимир Путин тврди дека рускиот претседател и неговите најблиски сојузници, директно инволвирани во агресијата врз Украина и на сегашното варварско ракетирање на украинските градови, имаат разработено таен план за бегство од Русија, во случај на пораз во војната.

Се оперира со  неколку можни  дестинации во светот, како безбедна локација за евакуација, меѓу кои се споменува и Пекинг, но се смета дека во Кремљ веќе се имаат откажано од заминување во главниот град на НР Кина, затоа што било заклучено дека Кинезите – не сакаат да сокриваат губитници.

Абас Галјанов кој едно време , како пишувач на говорите, беше мошне близок до Путин, сега е и политички, а и просторно далеку од него. Работи  како независен аналитичар на руските состојби и живее во Израел. Но, во анализа за социјалната мрежа Телеграм, тврди дека постои ваков план и дека е заведен под кодираното име „Ноева арка“.

Неминовност во случај на пораз

Според неговата проценка, на бегство од Русија се смета како на неминовност, доколку руските војници  не успеат да ја поразат Украина- да капитулира војнички и да им се предаде политички на Русите, за да може новиот „хазјанин“ во Кремљ да прогласи победа на Русија и за да може себе си  да се прикаже како „спасителот на рускиот свет“.

Затоа, е изработен ваков план , бидејќи во спротивно, Путин  со  кругот „силники“ околу него би се соочиле со  насилно тргање од власт. Но, како побезбедна (и подалечна ) дестинација  се  преферира Јужна Америка, а  пред се, Венецуела и Аргентина, земји со левичарски режими.

Галјанов во „Телеграм“ тврди дека и луѓето околу рускиот претседател веќе оперираат со можноста од неуспех и од пораз во војната, за која се повеќе Руси сметаат дека беше и  останува непотребна, особено што  има направено голема штета на руската држава. А,  во една таква ситуација извлекувањето на Путин од државата веќе не се смета како нешто  невозможно и незамисливо , затоа што  поразот во една ваква војна,  би значело  губење на власта на – несоборливиот владетел.

Јужна Америка- податлива дестинација

Овој независен истражувач-аналитичар за ваквите свои откритија се повикува на извори за кои вели дека се блиски до Кремљ. Европски медиуми, пак,  кои ги пренесуваат гледиштата  на Галјанов  потсетуваат дека Јужна Америка од секогаш била локација каде се сокривале политички и криминални бегалци од Европа, особено нацистичките злосторници од Втората светска војна.

Европски историчари од поодамна тврдат дека таква операција за префрлање (бегство) на другата страна од Атлантикот, била планирана и за Адолф Хитлер,

Како и да е, се верува дека „Ноева арка“ постои и дека работите околу аранжманот за бегство од Кремљ (во Венецуела)  му била доверене на еден бизнисмен- на првиот човек на државната нафтена компанија „Роснефт“ – Игор Сечин.

Тој е мошне близок до Путин, но се вели дека бил мошне близок и до  Николас Мадуро, претседател на Венецуела- единствената сиромашна земја во светот која е богата со нафта.

Необјаснети потези

Европски „кремљози“ (експерти за случувањата во СССР/Русија) сепак, со резерви ги примаат тврдењата на Галјанов, колку и да е тој добара познавач на Путин и на кругот околу него.

Прво, затоа што сега не живее во Русија. Од друга страна неговите доверливи извори можеби веќе и настрадале , или тоа ќе им се случи, со „невнимателното“ откривање на тајниот план за бегство на рускиот претседател.

Иако, експертите сметаат дека постоење на планот „Ноева арка“ не е нешто што е невозможно , особено што тврдењата на човекот кој порано му ги има правено говорите на рускиот претседател, доаѓаат по неколкуте необјаснети потези на Путин во изминатите недели.

Тој (за прв пат) нема да учествува на хокеарскиот меч на Црвениот плоштад во Москва, на кој учествуваше со група свои соработници и телохранители. Освен тоа Путин ја откажа и својата со години на ред , традиционалната годишна (прес) конференција, позната како разговор со народот, која обично траеше и по четири часови.

Нема место за фалење

Неговите критичари тоа го објаснуваат со сознанието (и на Кремљ) дека оваа година  нема што да им се каже на Русите, а посебно нема ништо добро и за фалење.

Не  само поради војната и неуспехот Украина да се покори за десетина денови, како што си има замиислено, туку затоа што Русија никогаш досега не била толку осамена, изолирана и прикажано како злото на Европа и на светот. Прикажувајќи се себе си како земја која е тргната во освојувачки поход на соседната држава , членка на ОН, која уште пред 30 години ја има прзнаено и за што постои и меѓудржавен договор.

Сега , неговиот портпарол Дмитри Песков не ја отфрла дури и можноста Путин да го одложи и традиционалното обраќање на претседателот пред Парламентот, шт инаку е и уставна обврска на шефот на државата. Песков за тоа нема дадено никакви детали, освен што рекол – дека ако е потребно тоа може да се одржи и следната година.

Нема, секако, ниту објаснување дали сите овие крајно невобичаени потези, врзани за 70 годишниот руски претседтел се од политички, или од здравствени причини.

(М.Р.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе