Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Косово на пат за Дејтон?

Косово на пат за Дејтон?

„Денот Д“ како што некои белградски медиуми ја означуваа изнасилената криза околу замената на регистарските таблички  на возилата- од се уште присутните српски, со косовски, за граѓаните во северна Митровица и северот на Косово- помина без конфликт,  што некои го предвидуваа , а други го посакуваа.

Но, косовската криза наместо да се смирува,  ескалира во предконфликтна ситуација, на која сложно работат и Приштина и Белград.

Косовскиот премиер Албин Курти  не ги прифати барањата на ЕУ и на САД да ја одложи ( на десет месеци) , инаку, легитимната постапка за замена на автомобилските  таблички. Наместо тоа, одлучи рокот за замена да го одложи за три недели, а до тогаш сите сопственици на возила од северот на Косово да бидат  известени и предупредени да не го прекорачуваат рокот.

Табличките како безбедносно прашање

На тоа, по сугестија на Белград, а под притисок на локалната , националистички расположена јавност, припадниците на косовската полиција, од српска националност, одбија да делат предупредувања за своите граѓани. Властите во Приштина на тоа возвратија со суспензија на командирот на полициата за северно Косово, на што тој и сите  Срби, вработени во косовската полиција и локалната администрација, демонстративно, се повлекоа од структурите на власта.

Претседателот на Србија , побрза таквиот потез да го означи како „тектонски промени на Косово“ , откако  призна дека – „во 1999 година, ние ( Србија) практично го загубивме суверенитетот„ врз  Косово. Станува збор за договорот од Куманово  со кој се запре бомбардирањето на делови од српската  територија, а државата Србија целосно се повлече од поранешната српска и југословенска покраина.

Во меѓувреме , замената на табличките се претвори во безбедносно прашање.

Официјален Белград, максимално, ја зголемија тензијата во домашната јавност, подигајќи ја  борбената готовност на војската. Беа испратени на „патролирање“ неколку српски „Миг-29“ воени авиони, наводно, да уништуваат „шпионски дронови“ , а  на српската јавност и се порача дека земјата е под меѓународен  притисок „каков немало последниве 23 години“.

„Реално компромисно решение“

Сето тоа  заврши со изјавата на старо-новиот министер за надворешни работи дека „Србија не го прифаќа (најновиот)  француско-германскиот предлог за нормализација на односите“  меѓу Белград и Приштина. Образложенитео на воинствениот Ивица Дачиќ е дека – предлогот (практично) значи прифаќање на косовската независност.

Распалувањето на кризата  доаѓа само неколку денови по потпишаните три спогодби во рамките на Отворен Балкан и „Берлинскиот процес“  – на кој премиерите на сите шест земји од Западен Балкан, а тоа значи и Србија, но и Косово, како (независен субјект ) – потпишаа заеднички документ за реализација на спогодбите.

Суштината на двете иницијативи е забрзување на европеизирањето на регионот и помагањето на неговиот развој, меѓутоа, случувањата во и околу Косово никако не кореспондираат со воинствените игри со патриотизмот и со национализмот што се играат во Белград и во Приштина.

Француско-германскиот предлог, пак, што веќе беше на маса, а  зад кој  застанаа Европската комисија и ЕУ е направен и понуден за прифаќање од двете земји, За него се тврди дека претставува  „реално компромисно решение“ за помагање на дијалогот и за напредок во односите, но и за стабилизација и мир во целиот регион, во кој се наоѓа и Македонија.

Против предлогот на Париз и Берлин

Според тоа,  со одлуката да не го прифати предлогот на Париз и Берлин, српската страна, практично, ги поткопува европските напори за мир на Западен Балкан. Но, од друга страна, некои европски дипломати, оценуваат дека одбивањето значи и ускладување со политиката на Русија за дестабилизација на регионот.

Тоа би можело да предизвика поинакво реаграње на Европа кон  Србија и нејзината некооперативност  и неспремност за компромис, што би било различно од досегашното толерирање на српските игри меѓу Истокот и  Западот и за односот кон Косово – со постепеното исклучување на земјата од разните проекти и иницијативи.

Токму поради таквата состојба и во Белград и во Приштина, е покрената иницијативата – за силна надворешна интервенција (притисок) врз Србија и Косово , за да се дојде до посакуваната нормализација на нивните односи.

Само затоа што претходно е заклучено дека без таква интервенција,  двете земји, сами,  никогаш нема да се спогодат. Особено што Србија остава впечаток дека постојано бара изговор за  да не се дојде до спогодба, а косовската страна како да се труди тоа да и го обезбеди.

Компромис како меѓурешение

Прв пат, на 9 септември , Германецот Јенс Плотнер и Французинот Емануел Боне, во Белград и во Приштина го имаат промовирано предлог-планот, кој доколку не се прифати, се смета дека  се ризикува Западен Балкан да стане рак-рана на Европа и на ЕУ.

Односно, регионот да се претвори во силна дестабилизирачка алатка  на Русија , за да уште повеќе и посилно ровари во сите земји во Западен Балкан.

Проценката е дека во сегашната ситуација во која се најде Европа со инвазијата  на Русија врз Украина, мора да се престане со српско-косовското непријателство. Затоа  Берлин и Париз ја нудат својата визија како тоа да се изведе- низ компромис како меѓурешение , сместен меѓу максималистичките барања на едната и другата страна. Белград дека „никогаш нема да признае независна држава Косово“, а Приштина , дека не се откажува од де-јуре меѓусебно признавање.

Боне и Плотнер, затоа, предлагаат -секој да ја задржи својата позиција, а да се направи договор врз основите на европските правила, со кои би се уредило добрососедството, би се обезбедил мир и би се одржувала нормална соработка. Од една ваква нормализација , полза би имале и едните и другите- како политичка, така и економска.

„Морковот и стапот“

Сегашната состојба, со молчењето на Косово и со српското одбивање – водат  кон уште една неуспешна мисија на Балканот, во случајов врзана за косовскиот јазол, што како стојат работите,  ЕУ овој пат,  не сака да и се случи. Посебно, откако оваа денешна Русија и   Владимир Путин ја користат својата агресија врз соседството за да наметнат нов поредок –  за да ја легализираат новата поделба на Европа.

Тоа го покренува прашањето што би бил „стапот“  на ЕУ, доколку „морковот“ нема  да помогне  се  дојде до нормализација меѓу  Белград и Приштина. Велат дека „стап“ сигурно  би уследил како реакција на арогантното однесување, сокриено зад наводниот  патриотизм.

Засега, сигурно е само дека и двете страни не ќе може да одат кон ЕУ и да бидат дел од неа ,без претходно да се спогодат. Тоа не е само последица на повредена  суетата на Унијата, туку затоа што нормализацијата на соседските односи е првата задача што  земја- кандидат треба да ја направи на својот европски пат.

Како една можност за користење на „стапот “ се смета дека  би можело да биде она што меѓународната заедница го направи во случајот со БиХ – со Дејтон од 1995 година. Односно,о  (на некаков начин) со натурен договор со кој ќе се спречи конфликт, или дури и вистински воен судир.

Без конечно решение

Во Босна, на пример, пред триесетина години,  не се успеаја со напорите  да се спречи  војна и покрај цела серија обиди да се помогне во барањето решение за иднината на БиХ.

Национализмот на трите страни, ги отфрлаше сите  планови и идеи, од оној на  „Карингтон-Кутелиеро“, до  планот  „Сајрис Венс-Дејвид Овен“ кој (инаку) предвидуваше уредување држава со десет полуавтономни региони, што тогашниот лидер на Србите го прифати и го потпиша, но што потоа беше одбиен во Парламентот.

Уследи крваво војување, но по него дојде Дејтон- изолирана локација ( воена база)  во американската сојузна држава Охајо- каде после деноноќни преговарање и убедувања- Србите, Муслиманите (Бошњаците) и Хрватите- на крајот беа натерани да се согласат за Дејтонскиот договор за кој , сепак, самите се испазарија, иако во тоа беа вклучени дури 800 разни функционери.

Во декември таа 1995  година, договорот беше свечено потпишан во Париз.

Сега се смета дека, овој пат, не треба да се чека на било каков воен судир, затоа што и најмалиот би предизвикал удар  врз безбедноста на Западен Балкан и на сите во него. Особено што планот на Париз и Берлин „не е страшен“ . Едноставно, тој не натура конечно решение – туку почитувајќи ги разликите и на двете страни – за Србија и за Косово,   нуди само  решение за нормализацја на нивните односи.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе