Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Расправија на Лондон и Тирана за мигрантите

Расправија на Лондон и Тирана за мигрантите

Новата британска влада е во остар судир со владата во Тирана , откако  официјален Лондон , на неколкупати, го посочи напливот на илегалните мигранти од Албанија како најсериозен проблем во борбата на Британија со „илегалците“ кои се префрлаат на британска територија, тајно, преку каналот Ламанш.

Конзервативната влада на новиот премиер  Риши Сунак и посебно  неговата воинствена министерка за внатрешни работи Суела Брајверман, инаку и обајцата деца на мигранти од Азија и Африка, имаат заземено тврд став кон имиграцијата, затоа што тоа го бара домашата јавност, посебно жителите од југоистокот на земјата.

Но, заштитата на границите и одбраната од мигрантите, која беше и главниот изговор на Британците за напуштањето на ЕУ и за Брегзит , последниве години доживува фијаско. Бројот  на илегалните мигранти и посебно на оние кои во импровизирани пловни објекти го минуваат Ламанш, е неколку пати поголем , отколку во времето кога Британија беше членка на ЕУ.

Криминален бизнис

Со Брегзит драстично се намали бројот на дојденци од земјите на ЕУ, главно од земјите од Источна Европа , но затоа  Британија  сега забрзано се полни со мигранти од земји кои не се во Унијата, а според службените податоци,  Албанците кои имигрираат од Албанија, а се префрлаат илегално преку Ламанш во Британија,  се далеку најбројната етничка група.

Дури 80 отсто од овие илегалци , се Албанци кои на тој начин  ги имаат надминато дури и Авганистаците, Курдите, Ирачаните, Иранците и Сиријците.

Во 2020 година , на пример,  со мали бротчиња преку Каналот пристигнале само  50 Албанци. Веќе следната 2021, таа бројка се зголемила на 800 лица, а во оваа година , досега се знае за 12 илјади  илегални албански имигранти. Дури десет илјади од нив се возрасни мажи.

Властите во Лондон веруваат дека најголем удел во ваквото енормно зголемување е резултат само на  дејствувањето на албанските криминални банди , што оперираат на северниот француски брег – во Кале и Данкерк, додека нивните шефови,  се верува дека раководат од британска територија.

„Инвазија врз Британија“

Иако овие податоци беа и пред тоа познати, расправијата ја покрена до кавга, британската министерка за внатрешни работи која албанскиот наплив од мигранти го означи како „инвазија врз Британија“ , прашувајќи гласно – која е причината за ваквата ситуација.

Нејзините коментари, меѓутоа, ги осудија како британската опозиција и ОН, така и официјална Тирана, означувајќи ги како – непримерни и навредливи, како што ги означи албанскиот премиер Еди Рама.

Според Рама, крајно навредливо е сите Албанци да се означуваат како „освојувачи, ганстери и криминалци“ возвраќајќи и на министерката Брајверман дека со дисквалификацијата на цела една етничка заедница, само сака да ги покрие неуспехот после Брегзит да се воспостави контрола врз границите.

Двете земји имаат билатерална спогодба околу миграционите прашања, а владата во Тирана соработува со Лондон во борбата со криминалните банди околу трговијата со наркотици. Освен тоа, за британските власти, Албанија важи за „безбедна земја“ од која не се примаат азиланти од политички  причини и поради повреда на човековите права и слободи.

Реакција на Еди Рама

Во исто време, откако се покрена прашањето за напливот на (илегални) албански мигранти, во Британија, лондонските медиуми објавија бројни написи за албанското криминално подземје, кое освен бизнисот со дрогата, сега го има преземено и организираното, криминално префрлањето луѓе преку Ламанш, во мали бродчиња или пголеми гумени чамци.

За ваквото „патување“ бандите наплатуваати до шест илјади евра за едно лице, а  медиумите , ова криминалното дејствување на бандите, знаат да го врзуваат и за државата Албанија, наводно, дека таа не прави доволно сето тоа да го спречи.

Таквото квалификување на Албанија – поврзувајќи ја  со организираниот криминал – е она што ја има налутено Тирана , затоа што тоа е она од што Рама и неговата влада се плашат. Особено што таа кампања во Лондон доаѓа во време кога Албанија (заедно со Македонија) од јули годинава го започна преговарачкиот процес за влез во ЕУ.

Познато е дека, доколку (неочекувано) не се појавеше бугарското вето за отворање на преговорите за влез во Унијата за Северна Македонија, тој процес ќе почнеше само со Скопје, затоа што на Тирана и тогаш и се приговараше дека не прави доволно за пресметка со криминалното подземје и со организираниот криминал на своја територија.

Страв од нова блокада

Предводници на ваквите тврдења беа Франција и Холандија, како и Данска и некои од скандинавските држави. Тие беа против тоа- Тирана да ги почне пристапните преговори заедно со Скопје, се додека не се елиминира организираниот криминал.

Сето тоа траеше се до руската инвазија и војната во Украина, кога Брисел и ЕУ , радикално го изменија пристапот кон Западен Балкан, откако стана јасно дека Москва настојува да дестабилизира регионот, провоцирајќи кризи во секоја од земјите, сите кандидати или претенденти за членство во Унијата.

Затоа, сега, Еди Рама налутено реагира на зборовите на министерката на британскиот Хоум Офис која, инаку, заговара протерување на сите мигранти- илегалци.

Она од што стравува албанскиот премиер е опасноста од вревета што ја имаат покренато Британците- префрлајќи ја целата вина врз албанските мигранти и врз криминалните банди предводени од Албанци. Се смета  дека тоа би можело да покрене (нова)  блокада на  штотуку започнатиот преговарачки  процес- со актуелизирање на прашањето за албанскиот организиран криминал.

Наплив од албански мигранти

Податоците на Форин Офисот  кои ги пренесува Би-Би-Си , покажуваат дека , годинава,  40 илјади лица илегално го преминале Ламанш-  што е досега незабележан рекорд. Од нив, дури 12 илјади биле Албанци.

Вкупно 7200 албански државјани имаат побарано азил во Британија, а тоа е двојно повеќе од минатата година. Годинава , биле протерани од Британија 440 Албанци, а над една илјада биле вратени назад  во нивната земја. Повеќето од нив  биле оние фатени при илегалното минување на каналот Ламанш.

Меѓу протераните и вратените во нивните матични земји- до март оваа – далеку најмногу биле Албанци.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе