Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британија се враќа во Европа

Британија се враќа во Европа

Британската премиерка Лиз Трас прифати Велика Британија да учествува на политичката средба со другите земји од ЕУ и Европа, што се организира во рамките на ново востановениот „клуб на нациите“. Станува збор за инаугуралниот Самит на Европската политичка заедница (ЕПЦ), што во мај годинава ја предложи францускиот претседател Емануел Макрон, а што идната недела (во четврток на 6 октомври) ќе се одржи во Прага.

Британија во 2016 година (преку еден непотребен референдум) се определи за Брегзит и за напуштање на ЕУ, но во овој случај Обединетото кралство се определи за враќање во Европа, заедно со десетина други држави кои не се членки на Унијата, за да земе учество на овој Самит каде главни теми се прашањата врзани за енергијата и за миграцијата.

Енергијата и миграцијата

Трас веќе изјави дека би сакала овој форум и новосоздадената европска група, да се насочат кон носење решенија и нивно применување, за справување со сегашната ситуација и со предизвиците што таа ги носи, наместо работата да се сведе само за дебатирање.

Во изјавата на Даунинг стрит 10 се вели дека – „ЕУ/Европа се соочуваат со предизвици без преседан предизвикани од варварската инвазија на Владимир Путин врз Украина“.

Тоа, според портпаролот на британската влада, ја натера Британија да се согласи да работи на изнаоѓањето решенија, заедно со своите меѓународни партнери – низ НАТО и групата Г – 7, како и низ соработката со владите во Европа.

Макрон ја има понудено ваквата Заедница, означувајќи ја како нов простор за соработка. Целта е да се создаде еден широк меѓународен форум кој би одел подалеку од оној што го сочинуваат земјите – членки на ЕУ.

Самит на 44 држави

Во Европската заедница се вклучени, прво, сите 27 држави од Унијата, потоа Британија, Турција, Норвешка и Швајцарија, како и Украина. Во Заедницата се и сите земји од Западен Балкан, од кои четири (Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора) имаат канндидатски статус за влез во Унијата, а покана за учество на Самитот им е испратена и на Исланд и Лихтенштајн (односно на сите земји од т.н. Европска економска област – ЕЕА) и на уште  четири поранешни советски републики – Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан.

Од почетокот на оваа француска иницијатива, во Брисел се инситира дека новата Зедница не е никаква замена за политиката за проширување на ЕУ.

Официјален Лондон, инаку, долго размислуваше дали да ја прифати поканата на Париз и на Брисел за овој Самит, поради процесот на Брегзит кој и после шест години се уште не е комплетиран, а  (одново) отвореното прашање за северноирскиот протокол се заканува да предизвика и трговска војна меѓу ЕУ и Британија.

Лондонски медиуми откриваат дека „истакнати британски политички личности“ дискретно ја советувале Трас да не ја одбие поканата и да отпатува во Прага, на Самитот, затоа што во спротивно би ризикувала, земјата да остане целосно изолирана од европските состојби и од Европа во целина.

Недоверба кај тврдите брегзитери

Од друга страна, се уште силно запалените брегзитери и евроскептици, пред се, меѓу англиските конзервативци, предупредуваат  дека новата европска Заедница е “замка во која може да падне Британија“, преку која на „мала врата“ земјата полека би се враќала во Европската Унија. Особено доколку Заедницта почне да лиферува и да  бара придржување на институционални аранжмани.

Ваквите евроскептици владата настојува да ги примири со инсистирањето дека првиот Самит, но и наредните, се вразни за прашања кои ја погодуваат ЕУ/Европа, но кои исто така се сериозен проблем и за Британија и за нејзината пост – брегзит реалност.

Важно е за Лондон да не биде настрана кога Европа бара решение за големата криза со енергијата и со проблемот се незапирливата миграција, која во Британија сега е  поголема од онаа додека земјата беше членка на ЕУ.

Како министерка за надворешни работи, Лиз Трас пролетоска се изјасни против британското учество во оваа Европска заедница, но сега (велат) таа е веќе заинтересирана за тоа Лондон да биде и домаќин на некој следен Самит.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе