Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русите бегаат од војната на Путин

Русите бегаат од војната на Путин

Одлуката на рускиот претседател за делумна мобилизација на околу 300 илјади припадници на резервниот состав на армијата, предизвика остри критики и осуда во меѓународната јавност, означувајќи го тоа како ескалација на ситуацијата во и околу Украина, но предизвика и гневна и панична реакција во самата Русија.

Во разни делови од земјата – од Иркутск и Екатеринбург, до Москва и Санкт Петербург избувнаа масовни антивоени протести во кои полицијата, само во една ноќ, има уапсено над 1300 лица.

Со повикот – „Њет Воини“ – објавен на интернет, се повикуваа граѓаните на протести, иако тие уште од март оваа година, властите ги имаат прогласено за илегални и противзаконски, за што се оди во затвор. Илјадници луѓе, повеќето млади, сепак, демонстрираа против војната во Украина, барајќи нејзино запирање и оставка на Владимир Путин.

Панично барање авионски летови

Во исто време, Русите кои би можеле да се најдат под ударот на мобилизацијата, се одлучија веднаш да избегаат од земјата, некаде во странство, од каде не би можело да бидат одведени на фронтот во Украина, каде досега (се верува) има над 48 илјади убиени руски војници.

Според руските и европските медиуми, уште пред да почне неколкупати одлаганото ТВ обраќање на Путин, во кое се очекуваше наредбата за мобилизација, почнало резервиањето и купувањето авионски карти преку интернет за единствените три правци до кои може да се избега од Русија, во директен лет.

Тоа се Истанбул, Дубаи и Белград, затоа што авионските компании на Турција, на Дубаи и на Србија летаат до и од Москва, како и затоа што од таму може да се лета до други дестинации во Европа и во светот. Авионски летови со кои може да се избега има и до Грузија и Ерменија, но за нив притисокот (засега) е помал, иако и за овие две поранешни советски републики Русите може да патуваат без визи.

Енормно поскапување на авио – картите

Ваквата панична атмосфера поради можноста да се биде испратен во војна, предизвика енормно зголемување на цената на авионските карти и неможност да се направи резервација до крајот на септември, а во некои случаи и до средината на октомври.

Авионските карти се нудат за 3400 долари, колку што е цената за летот од Москва до Белград, или и до 5500 долари, во зависност од класата и бројот на префрлања од една линија во друга, како што е тоа случај доколку се лета со „Туркиш Ерлајнс“ или со „Дубаи Флај“ – со кои мора да се преседи во Истанбул и во Дубаи. Сведоци имаат речено дека нема поевтина карта од 1600 долари – за лет во еден правец.

И покрај ваквите цени, агенциите кои на интернет букираат авионски карти, имаат изјавено дека картите за Истанбул, но и за Ереван, во Ерменија, биле распродадени веќе во средата, само дванаесетина часови по обраќањето на Путин.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков одбил да одговори – дали Русија во сегашната ситуација, кога се соочува со вистински антивоен егзодус, би можела да ги затвори границите.

Можност од затворање на границите

Но, неговото одмолчување само потврдува дека власите размислуваат и за една ваква одлука, со која би се спречило бегството на воено способните лица. Единствено што Песков има речено е дека владата во Москва многу брзо ќе објави – која категорија граѓани ќе бидат изземени од мобилизацијата на резервистите со воено искуство.

Во меѓувреме, медиумите откриваат дека значително е зголемен бројот на руски граѓани кои со автомобили настојуваат да влезат во Финска, како и во Балтичките земји. Се зборува за километарски колони на финско – руската граница од руски возила кои чекаат да преминат на Финска територија, што властите во Хелсинки го демантираа. Според нив има зголемен сообраќај, но дека не станува збор за колони со возила долги 30 км. како што тврдат некои руски интернет весници.

Финска најави дека нема да им дава азил на Русите кои бегаат од мобилизацијата, додека трите балтички земји – поранешни советски републики – соопштија дека нема да примаат руски резервисти на своја територија.

Се смета дека ваквите решенија се во функција да не се зголемува непријателство со Москва. Без разлика што Финска, веќе бара прием во НАТО, а заедно со земјите од Балтикот е силно противруската инвазија и војната во Украина.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе