Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Русија има загубено над 48 илјади војници“

„Русија има загубено над 48 илјади војници“

Безмалку седум месеци после со ништо неиспровоцираната инвазија на руската армија врз соседна Украина, Русите имаат претрпено тешки загуби во луѓе за – во основа – премалку освоена и окупирана украинска територија.

Според сознанијата што ги има обезбедено поранешниот руски олигарх и едно време најбогат човек во Русија – Михаил Ходорковски – кој по ослободувањето од затвор, живее во егзил, во руската агресија од 24 февруари, досега, се загинати над 48 илјади војници на армијата на Русија.

Во оваа бројка не се вклучени жртвите што веројатно ги има во текот на најновата офанзива на украинската војска на Истокот од земјата, во реонот на градот Харков.

Исплатена отштета од над 360 милијарди рубли

Независни посматрачи на воените дејствија на украинските фронтови проценуваат дека оваа бројка, што Ходорковски и неговиот центар во Лондон ја имаат откриено, треба да се смета за многу веројатна и точна.

Поранешниот олигарх, на Твитер има објавено посебна фотографија од официјалните руски документи на руското министерство за финансии од кое се гледа дека до 28 август, државата на семејствата на настраданите војници им има исплатено 361,5 милијарди рубли, или по 7,4 милиони за секој убиен и загинат војник (колку што изнесува надокнадата). Врз основата на тој податок се открива и бројот на загинатите за кои Ходорковски тврди дека (на овој начин) станува и официјално потврден.

Според овој извор, во претрпените руски загуби не влегуваат ниту оние војници и воен персонал што се води како исчезнати лица, како и оние Руси кои не се борат под знамето на Русија, туку се водат како воена сила на сепаратистите од Донецк и од Луганск.

Бројката која ја изнесува Ходорковски е нешто повисока од онаа со која оперираат западните разузнавачки служби.

Повик за отпор на војната

Непосредно пред изнесувањето на бројот на руските жртви во војната, тој се огласи до руската јавност, онаа која е против војната во Украина, за која тој вели дека е непотребна и дека и носи само штера на Русија, да почнат енергично да се спротивставуваат на продолжувањето на воените дејствија – со организиран отпор.

Станува збор за отпор на војната, со антивоена пропаганда, со делење летоци со антивоена содржина, со објавување на сликите на загинатите млади војници од кои голем број се дваесетгодишници, во таа работа да се вклучат и блиските на загинатите. Отпорот би требало да опфати дури и помали диверзантски акции врз воени објекти и депоа на руската војска, но да не се користи и за изведување терористички акции кон цивили.

Ходорковски притоа го споменува убиството на военохушкачката новинарка Дарја Дугина. Атентатот го смета за погрешен чекор во отпорот кон војната, па затоа и го осудува.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе