Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Режисерот Годар почина со евтаназија

Режисерот Годар почина со евтаназија

Легендарниот филмски режисер Жан Лик Годар, еден од создавачите на францускиот „Нов бран “ во кинематографијата, почина во Швајцарија каде и долго време живееше. Имаше 92 година и беше неизлечиво болен.

Во соопштението на неговото семејство се вели дека Годар починал мирно. Но, правниот застапник на семејството откри дека прославениот филмски творец починал со помош на евтаназија – со помагање при самоубиство – како што тоа правно се квалификува.

Во Швајцарија, во кантонот Цирих тоа е дозволено, доколку навистина станува збор за случај кога пациентот е болен од неизлечива болест и за тоа има негова согласност. Во Цирих постои легална установа каде под лекарска контрола се извршува евтаназија – обично со силна доза на некој препарат за успивање.

„Визија на генијалец“

Годар е автор на стотина филмови, започнувајќи ја својата богата режисерска кариера на самиот почеток од шеесеттите години на 20 век. Прв филм и огромен успех е филмот „До последниот здив“ со тогаш се уште неафирмираниот Жан Пол Белмондо и младата американска актерка Џин Сиберг.

Неговите (за тоа време) сосема нови и оригинални решенија, давајќи и сосема поинаква улога на филмската камера и многу често импровизирајќи со сценариото – на почетокот од кариерата, постојано допишувајќи го и преправајќи текстот во текот на снимањето на филмот – предизвика тој да се нарекува и гение и филмски револуционер.

Таквиот пристап, има оставено силно влијание на низа француски, европски, но и американски режисери, како Мартин Скорсезе и Квентин Тарантино.

Францускиот претседател Емануел Макрон, во своето сочувство, има речено дека Годар имаше визија на вистински генијалец, па затоа Франција, земјата каде што ги има направено сите свои остварувања, има загубено – “едно национално богатство“.

Француската филмска четворка

Годар е роден во Париз во 1930 година, но до 1949 живее во Швајцарија.

Во филмскиот свет влегува како филмски критичар, воодушевен од класичните американски филмови, од актерот Хемфри Богард и од режисерите Ото Премингер и Хауард Хокс. Тогаш се запознава со Франсоа Трифо, со Клод Шаброл и Жак Ривет, со кои подоцна љубителите на филмот во светот ќе ја препознаваат прославената режисерско – сценаристичка четворка која ќе го промовира “Новиот бран“ и ќе ја прослави француската кинематографија.

Автор е и на филмовите „Презир“, „Лудиот Пјеро“, „Жената е жена“, „Малиот војник“, „Омажена жена“, Машки род – женски род“. Во 2001 година се врати со свој нов филм во Кан. Во 2010 година му беше доделен почесен Оскар на американката филмска академија. Последен пат со свој филм, на филмскиот фестивал во Кан се појави во 2018 година.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Култура

Горе