Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Политички пораки од погребот во Москва

"Mikhail Gorbachev at EP" (CC BY-NC-ND 2.0) by European Parliament

Политички пораки од погребот во Москва

Голема толпа луѓе, поголема од онаа која се очекуваше, се собра во саботата (3 септември) и трпеливо чекаше во ред пред московскиот Дом на синдикатите, за да во Салата со столбовите, каде беше поставен ковчегот со починатиот Михаил Горбачов, му оддаде почит на некогашниот генерален секретар на КПСС и прв и последен претседател на поранешниот Советски Сојуз.

Горбачов почина некој ден пред тоа, во болница – респектиран во светот како миротворецот кој го овозможи завршувањето на Студената воја, но речиси заборавен во својата земја и малку почитуван од Русите.

Во изминатите три децении тие го обвинуваа некогашниот лидер кој се определи за реформи, за да се спасува големата, бирократизирана и конзервативна држава од банкротството и од колапсот, но кога не успеа да го спречи распадот – го обвинуваа за неуспехот. Затоа и не беше чудно што во руската јавност веста за смртта на човекот кој прв се определи да промени нешто во СССР, беше примена студено.

Револт на тивка Русија

Многу повеќе почит и публицитет неговата смрт доби низ светот, па долгиот ред со московјани, дојдени за да му се поклонат на големиот советски лидер, беше примена со изненадување. Редот пред Домот на синдикатите беше толку долг, што мораше да се помести почетокот на погребот, за да им се овозможи на сите дојдени да се поклонат на мртвиот Горбачов.

Тоа помалку се смета за некакво задоцнето извинување кон некогашниот лидер, колку што се смета за политичка порака на една друга Русија, испратена до актуелната власт, како показ за тивкиот револт на луѓето за денешните прилики во земјата.

Затоа што она што го започна Горбачов со демократизацијата во државата (низ гласноста) и на реформите во стопанството (низ перестројката), колку тие да беа внимателни и недоречени, сепак, беа пример за големите промени што новиот лидер сакаше да ги направи во тогашниот СССР.

Она што, меѓутоа, сега може да се види од Русија – и без инвазијата врз Украина и војната – дури и за независни руски аналитичари, претставува голем чекор назад. Посебно во секторот на демократијата, на човековите права и слободи и на демократизацијата на државата која како да е вратена во советските времиња на едноумието и на прогонот на неистомислениците.

Политичка зафатеност на Путин

Ваквата слика, конечно, ја има заокружено самиот Владимир Путин со одлуката да не присуствува на погребот на Горбачов, задоволувајќи се само со посетата на болницата каде поранешниот лидер почина и каде беше (на почетокот) изложено неговото тело. Остави букет со цвеќе, а од Кремљ неговиот портпарол порача дека рускиот претседател на денот на погребот ќе биде „премногу зафатен“.

За смртта на Борис Елцин во 2007 година, пак, Путин реагираше сосема поинаку.

Денот на погребот го прогласи за ден на жалост и самиот се најде на челото на погребната поворка. Сите посматрачи таквиот потег на рускиот лидер – и тогаш, а и сега – го објаснуваат со решението на Елцин да го одбере овој поранешен висок функционер на КГБ (ФСБ) за свој наследник,  кој веќе 22 години е на функцијата – како во времето на комунизмот.

Но, недоаѓањето на Путин и тоа што погребот на Горбачов не беше државен и со воени почести – како за сите негови претходници, преку Брежњев, се до Сталин и Ленин – се смета за порака на сегашниот лидер.

Различни видувања

Угледниот новинар – ветеран Владимир Познер за западните агенции има речено дека одбивањето на Путин да се појави на погребот е како да има дадено изјава за јавноста – покажувајќи дека тој ниту се согласува, а ниту го прифаќа патот за реформи и демократизација на СССР/Русија, што го почна и сакаше да го изведе до крај Горбачов. Доколку не го тргнаа од власт – со пуч.

Според Познер, една работа е дека Горбачов и Путин никогаш не се сакале, но другата е дека тие двајцата имаат сосема различни видувања за Русија и за Европа, за светот и за меѓународните работи.

Освен тоа, рускиот претседател, непосредно пред агресијата врз Украина изјави дека распадот на СССР е „најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“ – индиректно за тоа обвинувајќи го Горбачов – и како генерален секретар на КПСС и како советски претседател, иако едвај една година на таа функција.

Познер кој инаку е добар познавач на советска и на руската политичка елита, го брани Горбачов за обвинувањата околу распадот на некогашната држава, бранејќи го започнатиот реформски курс и при тоа го споредува со Борис Елцин и со неговата улога во тие бурни времиња.

Улогата на Елцин во распадот

Овој новинар, сосема поинаку гледа на Елцин кој беше директен наследник на Горбачов.

Познер открива дека Елцин сакал по секоја цена да стане претседател и да биде и подобар и поуспешен од Горбачов. Тврди дека некогашниот секретар на КПСС за Москва (Елцин), не го поднесувал Горбачов и дека во таа негова омраза и нетрпеливост, заедно со силната желба да биде претседател, можеби треба да се бара причината за распадот на СССР.

„Горбачов престана да биде претседател веднаш штом го снема Советскиот Сојуз“ – вели сега Владимир Познер. Елцин, пак, стана претседател откако пропадна СССР. Кога во договор со тогашните претседатели на Украина (Кучма) и на Белорусија (Шушкевич) – се согласи за престанок на постоењето на Советскиот Сојуз, за да секоја од републиките тргне по својот пат.

Не е познато колку за сето ова знае пошироката руска јавност, но во долгиот ред московјани кои чекале за да се поклонат пред Михаил Горбачов, имало многу млади луѓе. Припадници на генерацијата која не била родена кога покојникот почна да ја реформира бившата држава.

За сегашната власт изгледа дека тоа е најсилната порака упатена до Кремљ, од оние насобрани пред зградата на Домот на синдикатите во Москва.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе