Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Нема ЕУ за Црна Гора со Ѓукановиќ“

Anastacia Dvi/Unsplash

„Нема ЕУ за Црна Гора со Ѓукановиќ“

Словенечкиот Институт за Блиски Исток и за балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана смета дека темелниот договор меѓу државата Црна Гора и Српската православна црква (СПЦ) претставува вистински темел на внатрешната политичка стабилност за оваа земја од Западен Балкан.

Договорот после долги преговарања и правење и преправање на документот, откако крајно нарушените односи меѓу државата и СПЦ, во минатата година ја предизвикаа најсериозната политичка и безбедносна криза, го потпишаа сега премиерот, на заминување, Дритан Абазовиќ и српскиот патријарх Порфирије.

Но, кога се мислеше дека по елиминирањето на ова тешко стратешко прашање за најмалата екс ЈУ република, Црна Гора ќе може да се врати на европската патека која подолго време е нарушена, државата одново влета во нова криза.

Казнување на Абазовиќ

Партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ, која од страна и ја даваше неопходната поддршка на малцинската влада на Абазовиќ, (со сојузнички партии во Парламентот во Подгорица), ја собори владата, оставајќи ја земјата во политичка криза. Црна Гора сега се соочува со две можности – да се создаде нова малцинска коалиција што (одново) би зависела од волјата на Ѓукановиќ, или пак да се оди на уште едни, предвремени избори. Веднаш во октомври годинава, или пак следната година, кога треба да се одржат и редовни претседателски избори.

Падот на владата изгледаше неизбежен, откако партијата ДПС на Мило, побара гласање за доверба, неполни 24 часови по потпишувањето на темелниот договор со СПЦ, што црногорскиот претседател не го одобрува.

Формално, меѓутоа, прашањето за доверба беше покренато, затоа што Абазовиќ и неговите министри “не направило ништо за напредокот на Црна Гора кон ЕУ“, што делува несериозно кога се знае дека владата функционираше само 100 денови.

Во таквата атмосфера, никој од бунтовничките партии во парламентарната дебата не го отвори прашањето на договорот со српската црква. Но, беше јасно дека премиерот се казнува затоа што не го одложи потпишувањето на договорот – „за некое друго време“ – како што бараше Ѓукановиќ.

Против темелниот договор со СПЦ

Абазовиќ остана на својата позиција дека документот има значење не само за односот црква – држава, туку и за вкупната политичка стабилност во земјата. Длабоко поделена по религиозна, национална и геостратешка определеност. И, конечно, за пробив на европскиот пат.

Таквото негова определеност – да оди до крај со договорот со СПЦ, без разлика дали ќе остане на власт, ја подржуваа и европските партнери на Црна Гора кои минатата година не успеаја да го убедат шефот на државата да ја запре „војната “ со Белград, во името на стабилноста на регионот.

Од друга страна, Ѓукановиќ не прифаќаше ниту приклучување кон иницијативата „Отворен Балкан“, во која веќе се Албанија, Северна Македонија и Србија, инсистирајќи дека таа е спротивна на европската определеност на земјата, а служи само како „орудии на српскиот национализам“ на Балканот.

Премиерот Абазовиќ на почетокот настојуваше да му угоди на Мило, за кого се вели дека е како „газда на Црна Гора“, со која посредно и директно управува цели 32 години. Затоа, и тој зборуваше дека регионалното поврзување не е она што и треба на неговата земја.

Нова малцинска влада, или избори

Но, сега веќе соборениот премиер, на крајот се предомисли. Дојде за прв пат во Охрид, на претходниот форум „Отворен Балкан“ и покажа дека не може и не сака по секоја цена да го следи семоќниот претседател, сама за да остане на власт – како црногорски премиер.

На таа позиција, се најде и раководеше, заедно со еден широк и крајно климав блок од цела низа мали партии. За да може да има влада и каква таква политичка стабилност, сепак, му беше потребна поддршката на ДПС, партија која остана во опозиција, по последните парламентарни избори на кои никој не победи, за да има мнозинство за една комотна влада.

Абазовиќ како првиот црногорски Албанец, стана премиер (април 2022 година), откако пред тоа беше потпретседател на владата, после падот на неговиот контроверзен претходник, нудејќи ја идејата за малцинска влада. На тој начин, успеа да спречи предвремени избори, што изгледа на сите им одговараше, затоа што никој не сакаше избори. Прашање е дали и сега сакаат.

Досегашниот премиер, веднаш по падот изјави дека нема ништо против да се направи нова малцинска коалиција, но дека тој и неговата партија нема да се вкучат во неа.

„Најкорумпиран режим во Европа“

Во сегашниот распоред на силите, меѓутоа, ако се прави нов малцински кабинет, уште еднаш, и од опозиција, Мило ќе управува со земјата и со нејзината политика. А, тоа, веќе се означува како спротивно на европската определба на земјата.

Институтот од Љубљана, затоа, заклучува дека не може да има влез во ЕУ за Црна Гора, со актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ и со неговата партија, за чии кадри се вели дека ги има насекаде и во секој случај – на најважните позиции од каде се има контрола врз се што се случува во државата.

Експертите на ИФИМЕС дури сметаат дека без политичко заминување на „вечниот Мило“, државата не може ниту да напредува на европскиот пат, а уште помалку да стане членка на Унијата.

Во својот извештај за ситуацијата во земјата, институтот тврди дека „режимот на Ѓукановиќ“ е еден од најкорумпираните во Европа, дека само Милорад Додик (во Република Српска во БиХ) е повеќе корумпиран, како и дека Мило и натаму игра на картата на „српската закана“.

И дома и надвор тој продолжува да тврди дека Србите (и во неговата земја) се закана за НАТО и за Европа, доколку некоја од српските партии во Црна Гора ја освои власта. Во тие рамки ги има ставено и односите со СПЦ и неговото противење на темелниот договор со српската црква.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе