Поврзете се со нас

Skopje Global

Технологија

Југоисточна Европа праќа сателит во вселената

Југоисточна Европа праќа сателит во вселената

Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа, во која е вклучена и Северна Македонија, во соработка со Индија и нејзината вселенска програма, праќа свој, заеднички, сателит во вселената.

Членките на асоцијацијата, се имаат договорено, засега, да ја одржуваат целата мисија во тајност, па за неа во медиумите да не се изнесуваат никакви детали, освен што се согласиле – целта на мисијата и нејзината основна порака – да останат како изненадување и да се откријат пред лансирањето на сателитот.

Она што во овој момент се знае е само тоа дека намерата на членките на асоцијацијата е „сите да бидат горди на ова постигнување“, означувајќи го потфатот како „показател на заедништвото во регионот“.

„Нестварно, пријатно изненадување“

Станува збор за невладина иницијатива, зад која не стои ниту една од владите во регионот, но се признава дека сите во асоцијацијата сакаат да бидат партнери на државите од каде секоја членка доаѓа.

Индија за прв пат се има појавено со предлог – понуда за вклучување и на регионот во нејзината програма за испитување на вселената, уште во 2010 година, првично барајќи „помош во изнаоѓање и пополнување на програмата со нови луѓе“ – откако индиските студенти по техника, почнале да го губат интересот за вселенскиот инженеринг.

Светските агенции кои ја пренесуваат веста дека државите од екс Југославија, ќе испратат заеднички сателит во вселената, за ова пишуваат како за „нешто нестварно“ и за „големо и пријатно изненадување“, затоа што доаѓа од регионот каде политичките тензии, нетрпеливоста и неспремноста да се направи компромис – за било што – се уште се дел од локалното секојдневие.

Но, работите околу лансирањето на сателитот продолжуваат, откривајќи една нова димензија за овој регион. Се очекува, првото лансирање на свој, заеднички сателит, да се случи до крајот на оваа година, или до февруари идната 2023.

Земски антени во сите пет земји

Асоцијацијата на Југоисточна Европа (СЕСА), инаку, ја сочинуваат Научниот центар за едукација и роботика од Мостар (БиХ). Комитетот за развој на вселенска програма од Нови Сад (Србија), потоа Montenegro Space Research, од Подгорица (Црна Гора), Центарот за иновации и технолошки развој Навиа од Скопје, како и Adriatic Aerospace Association од Загреб (Хрватска). Според нивните изјави – заедничка цел на сите пет членки на асоцијацијата е напредок и проширување на вселенската програма на државите во регионот.

Индиската вселенска агенција, во чест на 75 годишнината од независноста на Индија, ќе лансира 75 сателити во вселената – со три ракети, која секоја ќе носи по 25 сателити. Еден од нив Индијците им го имаат наменето (како подарок) на СЕСА од Југоисточна Европа. Регионалниот сателит ќе испраќа пораки од вселената кои подоцна ќе и бидат презентирани на јавноста.

Секоја држава, учесник во проектот, од своја страна, има преземено обврска да постави антена на својата територија што ќе им бидат достапни и на граѓаните кои ќе имаат пристап преку интернет.

Од Асоцијацијата велат дека сега (во сите земји) се работи на поставувањето на антените. Сите пет држави ќе постават земски антени, затоа што Балканот е зона за која се вели дека е погодна за следење на прелетот на сателити.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Технологија

Горе