Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русите и за крај на војната и за напад на Киев

Ivan Shilov/Unsplash

Русите и за крај на војната и за напад на Киев

Граѓаните на Русија би се согласиле со одлуката на рускиот претседател за прекин на војната во Украина, но во исто време би подржале, доколку тој нареди, напад врз главниот украински град Киев, што би претставувало силна ескалација на воените дејствија – покажува едно истражување што го има направено независната руска агенција „Руско поле“ (“Russian Field”).

Анкетата е направена пред крајот на јули и според неа – над 50 отсто од Русите сметаат дека „специјалната воена операција“ како што официјална Москва ја нарекува инвазијата и војната на украинската територија – се одолжила. Други 30 отсто верува дека таа ќе трае подолго од една година.

Согласност со било што Путин да одлучи

Во исто време, 60 отсто се има изјаснето дека нема да се спротивстават доколку руските сили извршат напад врз Киев. Но, 65 отсто од анкетираните признале дека би се согласиле со решението на Владимир Путин да ја запре војната и да потпише мировен договор со Украина.

Рускиот весник „Комерсант“ се има зафатено со анализа на анкетата, користејќи ги оценките кои ги има дадено тамошниот политиколог Алексиј Макаркин.

Иако на прв поглед изјаснувањата на учесниците во истражувањето се спротивставени и изгледаат меѓусебно контрадикторни, овој политиколог ги толкува поинаку – како израз на доверба на јавноста во претседателот.

А, тоа значи – како тој и да одлучи – за мир, или за ескалација на војната – јавноста ќе го прифати неговото решение.

„Власта знае најдобро“

Од друга страна, Макаркин има речено дека ваквото разогласие на Русите ја открива неподготвеноста на руското општество да размислува, или да даде свое мислење за големи политички ситуации и проблеми со кои се соочува државата.

Меѓутоа, неговата оценка е дека оваа анкета и посебно ваквите одговори (во кои јавноста не се определува) – се последица на одамна вкоренетиот страв во општеството и во руската јавност, да се изјасни.

Се уште е силно присутно она дека – „власта знае подобро (што да направи), затоа што ние сме само обични мали луѓе“.

Стравот на „малите луѓе“

Тоа, пак, се објаснува со редовното оправдување за тоа дека – „малите луѓе“ не се упатени во актуелната, голема политика. Затоа тие сметаат дека не е нивна работа – дали војната во Украина ќе биде запрена, или Путин ќе нареди бомбардирање на Киев – без разлика какви ќе бидат последиците од тоа.

Сето тоа, за една Русија, а пред тоа и за СССР, не се смета за никакво изненадување.

Кога на почетокот од деведесеттите години на 20 век се распадна Советскиот Сојуз, луѓето за прв пат во историјата се имаат соочено прашањето за одговорноста околу изборот за тоа каква ќе биде иднината на нивната земја.

Макаркин потсетува дека тогаш Русите – за прв пат – се имаат соочено со една голема психолошка нелагодност, па знаеле да речат – нека власта ни каже што е правилно и како треба да се однесуваат околу тогашните судбински прашања.

Бегање од одговорност

Токму од овој тип на луѓе и од сегмент на општеството на кој тие припаѓаат, силно е подржано појавувањето на Владимир Путин и тоа што токму нему му е дадено да ја предводи државата и да ја има власта, иако стануваше збор за човек кој бил дел од системот на претходната власт.

Сега, околу војната, се повторува истата ситуација – народот верува во Путин, па затоа му остава тој да одлучи што да прави со ситуацијата во соседна Украина.

Според политикологот Макаркин, луѓето во Русија се задоволуваат со тоа претседателот на државата да размислува за актуелната политика, за која веруваат дека тоа не е работа за нив, за што би требало да се изјаснуваат – па нека е тоа и анкета, направена по телефон.

Сомнеж во искреноста на анкетираните

Затоа се верува дека во една ваква атмосфера што се провлекува со децении, нема изненадување што во времето меѓу март и јули, нема никаква измена на позициите на јавноста околу агресијата и војната во Украина.

И понатаму 65 отсто од Русите ја подржува војната, додека 23 отсто е против.

Но, авторите на ова истражување признаваат дека – „Русите се плашат да се изјаснуваат, а уште повеќе да зборуваат за работите околу војната и политиката. Многумина кои биле повикани да се вклучат во анкетата одбиле тоа да го направат“.

Експерти, затоа, изразуваат и резерва околу тоа – колку навистина Русите се искрени при изјаснувањето.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе