Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Молитви за дожд во Романија

Молитви за дожд во Романија

Сушата во Европа каква не се памети (велат) 500 години, добива „библиски размери“ и веќе има зафатено две третини од континентот.

Последици на таквата состојба може да се забележат во низа европски земји со сликите на испржена земја и исушени полиња и тревници, со реки (како По, Рајна и Дунав) оставени без вода и претворени во потоци и со големи и речиси несовладливи пожари во кои изгореа стотици илјади хектари шуми.

„Простување на гревовите“

Ситуацијата во Романија не е ништо подобра, затоа што во оваа балканска земја веќе три месеци нема заврнато и нема паднато ниту капка дожд. Тоа ги натера романската православна црква и нејзините свештеници да почнат со молитви за дожд и за крај на сушата.

Според експертите за храна, доколку наскоро не заврне, ќе биде загрозен и романскиот сточен фонд – затоа што добитокот ќе остане без храна – а тоа значи недостиг на храна и за населението и запирање на извозот, значаен за вкупната економија на земјата.

Еден свештеник им изјавил на домашните медиуми дека „сушата и печењето“ на кои се изложени луѓето и земјата е последица на низа (сторени) гревови. Затоа и се спроведуваат молитвите за дожд и за вода и за прекин на сушата, но и за Господовото простување на гревовите.

„Се молиме да ни падне дожд, да заврне, да се натопи жедта“ – рекол овој свештеник.

Реките исчезнуваат

Во други земји, се настојува да се надмине состојбата со низа времени мерки – главно со штедење на водата, за да ја има за пиење, но исушените реки почнаа да откриваат разни детали кои со децении останале скриени во длабоките води.

Во Шпанија, на пример, од исушеното дно на една вештачка акумулација се појавија остатоците од потопена средновековна црква, уште во 1956 година, кога се изградила браната за вештачкото езеро.

Драстичниот пад на нивото на Одра, предизвика еколошка катастрофа и помор на илјади тони риба. Реката Рајна е на пат да го запре речниот сообраќај, а По која ја наводнува Ломбардија, како да ја нема.

Чекајќи обилни дождови

Италија за прв пат по 50 години најави дека нема да произведе доволно храна и за своите потреби, а Франција која во делови остана опустошена од големиот број шумски пожари, се соочува со драстичен пад на реките Сена и Лоара.

Никој нема решение за сушата. Она што се прави се само итни, привремени решенија за да не се наруши снабдувањето со вода за пиење – главно низ препораките и забраните за непотребно трошење на водените резерви. Сите, меѓутоа, се свесни дека единствениот спас се обилните и подолготрајни врнежи.

Невремето со дожд и ветер што во средата и четвртокот зафати делови од Австрија и Италија, како и Корзика, во Франција, се недоволни да ја поправат ситуацијата. Романските свештеници веруваат дека молитвите може да помогнат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе